1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

271009 Plavsic Bosnien

27 октомври 2009

Поранешната претседателка на босанските Срби, Биљана Плавшиќ, по осум години затвор, денес (27.10.2009) е предвремено пуштена на слобода. Таа во 2003, од страна на Хашкиот трибунал беше осудена на 11 години затвор.

https://p.dw.com/p/KGZR
Биљана ПлавшиќФотографија: dpa

Биљана Плавшиќ казната ја издржуваше во затвор во Шведска. Согласно вообичаената практика во Шведска, Плавшиќ е ослободена откако издржа две третини од казната. Таа беше осудена за геноцид, злосторства против човештвото, малтретирање на босански муслимани и Хрвати во Босна во 1991 и 1992 година и за прекршување на Женевската конвенција.

Судиите во Хашкиот трибунал доживеале многу нешта, но еден случај досега остана единствен - пред седум години, прв и последен пат, обвинета беше една жена, што беше исклучок во балканскиот свет на мажите - Биљана Плавшиќ.

Таа има впечатлива кариера зад себе. Како професор по биологија се искачила до раководна позиција на Универзитетот во Сараево. Потоа, во 1992 година, ја смени фотелјата и замина во политика. Непосредно пред тоа, беше прогласена посебна држава на босанските Срби на подрачјето на тогашната Република Босна и Херцеговина. Избивањето војна меѓу трите големи ентитети беше само прашање на време. Тоа беше како нарачано за полетната националистка Биљана Плавшиќ. Поагресивно од многумина мажи таа ја поттикнуваше српската омраза пред се‘ кон муслиманите и за нив зборуваше како за „генетски деформиран материјал“. Нејзин поттикнувач беше извесен Радован Караџиќ. Подоцна, таа се најде на неговата функција - претседател на Република Српска. Заедно ја подготвуваа идеолошката почва за сите стравотии, кои подоцна беа окарактеризирани како „етничко чистење“ - убиства, прогон, силувања.

Biljana Plavsic
Од судењето на ПлавшиќФотографија: AP

Плавшиќ ја призна вината

Кога по завршувањето на војната против неа беше подигнато обвинение, Биљана Плавшиќ му се предаде на Судот за воени злосторства на подрачјето на поранешна Југославија. Кога се најде во судницата, ја призна вината: „Сега се уверив и прифаќам дека повеќе илјади невини луѓе беа жртви на организирано и систематско дејствување за да се отстранат муслиманите и Хрватите од подрачјето кое Србите го сметаа за свое.“

Впечатливо признание, што беше повод судиите и претставниците на обвинителството да се однесуваат поблаго кон Биљана Плавшиќ. Таа не беше осудена на доживотен затвор, туку на затвор во траење од 11 години. Непосредно потоа, од Холандија беше префрлена во затвор во Шведска.

Biljana Plavsic Flash-Galerie
Биљана Плавшиќ во Бања Лука се обраќа пред група нејзини поддржувачи (архива од босанската војна 1992/1995)Фотографија: picture-alliance / dpa

Таму, на почетокот од годинава даде интервју во кое го демантираше своето признание на вината. Рече дека тоа го направила за да овозможи тргување и за да добие пониска казна и дека тоа не било нејзино внатрешно убедување.

Негодување во Босна и Херцеговина

Сепак, шведската влада, во договор со Хашкиот трибунал, донесе одлука да ја пушти на слобода Плавшиќ, по издржани две третини од казната. Веста предизвика огорченост во Босна. Бакира Хашечиќ од здружението „Жени - жртви на војната“ вели: „Ние сакаме тие членови на Судскиот совет, на чело со претседателот на судот да ги бараат по улици и по вода своите деца, да трагаат по нивните коски, како што трагаат нашите мајки.

И Мунира Шубашиќ, која до денес не знае каде се фрлени нејзиниот сопруг и синот по масакрот во Сребреница, смета дека односот кон духовните ментори и подготвувачи на војната е неправеден: „Со ослободувањето на Билјана Плавшиќ и кратењето на обвинението против Радован Караџиќ, Европа ги крши човековите права.“

По ослободувањето, 79-годишната Плавшиќ има намера да живее во нејзиниот стан во Белград што го купила пред да му се предаде на Трибуналот.

Автор: Јерг Пас / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска