Битка против ѓуленистите ќе се води и во Македонија? | Македонија | DW | 28.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Битка против ѓуленистите ќе се води и во Македонија?

МНР не одговара дали Анкара побарала идентификација на поддржувачи на Ѓулен во Македонија. Како такви, наводно се третират некои невладини организации, приватни училишта и дел од бизнис заедницата.

default

Приврзаници на турската владејачка АКП со плакат против Ѓулен на демонстрации во Истанбул (19 јули 2016)

Македонското Министерство за надворешни работи и по неколку дена не одговори на прашањето на Дојче веле - дали официјална Анкара побарала од Македонија соработка во идентификација на приврзаниците на Феjтула Ѓулен во невладините организации, медиумите, бизнис, заедницата, партиите и образовните институции. Такво барање веќе било упатено во земјите во регионот - Албанија, Косово и Бих, па се претпоставува дека Македонија не е исклучок. Турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу, деновиве најави активности за „ставање крај на работата на некои здруженија и бизнис групи во трети земји“ кои се сметаат за поддржувачи на Ѓулен, и очекува соработка и разбирање од властите во тие земји.

Вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски, ноќта на 15 јули, кога беше направен обид за државен удар во Турција, телефонски разговарал со Чавушоглу, при што истакнал дека Република Македонија најостро ги осудува сите акти на насилство и терор и изразува поддршка на демократски избраните институции. Но, денес молчи по прашањето дали и од Македонија е побарана соработка во турското расчистување со приврзаниците на исламскиот проповедник во егзил, Феjтула Ѓулен и неговото движење „Хизмет“, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за државен удар, и побара негова екстрадиција од сојузната американска држава Пенсилванија.

Јахја Кемал“ се самофинансира

Се шпекулира дека како приврзаници на Ѓулен во Македонија наводно се сметаат некои невладини организации, мрежа на приватни училишта, еден весник и дел од бизнис заедницата, односно претставници на македонско - турската стопанска комора. По обидот за преврат во Турција, домашни медиуми објавија дека на протестите што се огранизираа во Скопје за поддршка на Ердоган, поранешни средношколци ги кинеле дипломите од приватното училиште „Јахја Кемал“. Ги прашавме вработените во ова училиште дали имаат некакви форми на притисок во работењето, како резултат на настаните во Турција.

„Не можам да кажам дека има било што, бидејќи од 1 јули до 5 август сите сме на колкективен одмор“, вели портпаролот на „Јахја Кемал“, Сурија Таук. Категорично тврди дека нивните училишта не се финансираат од фондации на Ѓулен.

„Ние сме успешна македонска компанија веќе 20 години и работиме преку самофинасирање. Учениците што се запишуваат во нашите училиштата плаќаат школарина и нема никаква потреба никој друг да нѐ финансира“, дециден е Таук.

Првото средно училиште „Јахја Кемал“ е отворено во Скопје во 1996 година со одлука на Владата. Од тогаш до денес во земјата има шест средни училишта - две во Скопје и по едно во Струга, Тетово, Гостивар и Струмица, три основни училишта, како и една градинка во Скопје, за децата на вработените во оваа образовна институција.

„Работиме во согласност со законите за образование на Република Македонија и во досегашните евалуации три пати ја добивме највисоката оценка“, вели Таук.

Bildkombo Fethullah Gülen / Tayyip Erdogan

До расколот на Ѓулен со Ердоган во Македонија не се правела поделба на „ѓуленисти и ердоганисти“

Бизнисмени ќе бегаат од Турција

Во турската заедница во Македонија не се расположени јавно да говорат на оваа тема, но признаваат дека Ѓулен имал многу поддржувачи во земјата и регионот. До неговиот раскол со Ердоган, не се правела поделба „на ердоганисти и ѓуленисти“, но по настаните од 15 јули, поддршката од, и кон човекот од Пенсилванија, сметаат дека ќе замине во историјата. Движењето „Хизмет“ претходно беше многу блиско на владејачката Партија за правда и развој (АКП). Односите се влошија во 2013 година, кога турската полиција откри дека поддржувачи на Ѓулен ја прислушувале канцеларијата на Ердоган. Оттогаш движењето е прогласено за терористичка организација и турската полиција ги апси неговите припадници.

Во турската заедница во Македонија не сакаат да прогнозираат дали пресметката со ѓуленистите во Турција, ќе се пресели и во Македонија.

„Сега само треба да се следат настаните во Албанија. Ѓуленистите се најсилни во едукативниот систем, а 'егзекутивата' за образовните институции во регионов е во Тирана“, објаснува бизнисмен, активен на релација Скопје - Истанбул.

„Ако во Албанија се затворат училишта или организации за кои се смета дека се поддржани од Ѓулен, и во Македонија ќе се случи истото. Но, нив и не мора никој да ги затвори, бидејќи сами ќе се урнат како кула од карти. Списоците за расчистување со ѓуленистите се направени уште пред две години и тоа не беше непознато во турската заедница. Од тие причини, од пред две години многу припадници на турската заедница почнаа да ги запишуваат своите деца во други средни училишта, а не во 'Јахја Кемал', чии средношколски дипломи дотогаш се сметаа како 'виза' за добивање стипендии на турски универзитети, финансирани од Ѓулен. Откако во Турција се затворени универзитетите финансирани од него, овдешните ученици сега остануваат без таа мотивација за стипендии. Затоа мислам дека постепено, само од себе, сѐ ќе се урне како кула од карти“, објаснува соговорникот.

Прогнозира дека под влијание и притисок на настаните во Турција, многу турски бизнисмени ставени на „црна листа“ ќе го преселат бизнисот во земјите од регионот, вклучително и во Македонија.

„Би било корисно да дојдат во Македонија со добри намери, ако се има предвид дека станува збор за успешни бизнисмени и моќни бизниси, со повеќеденениска традиција. На краток рок, тоа ќе биде многу позитивно за бизнис-климата во земјава, но на подолг рок можеби од Турција ќе биде перцепирано како проблем. Важно е македонските власти да не дозволат пресметките во Турција да се преселат овде, бидејќи по настаните од 15 јули, дистанцата кон Ѓулен и онака е огромна и дефинитивна“, вели соговорникот.

Enver Hoxhaj Außenminister Kosovo - Konferenz in Belgrad

Енвер Хоџај, министер за надворешни работи на Косово

Поддршка за Ердоган

Косово веќе се обиде да спречи таков обид. Министерот за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај, ја оцени како „невообичаена и неприфатлива“ вербалната нота на турската амбасада во Приштина, со која беше побарано преземање санкции против косовскиот новинар Берат Бужала и затворска казна од шест месеци до пет години. Причина за ваквото барање биле сатирични коментари на Бужала на Фејсбук, за неуспешниот обид за воен преврат во Турција.

Домашни аналитичари прогнозираат дека владите во регионот, кои без исклучок имаат исклучително добри односи со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, тешко ќе може да ја одбијат соработка со официјална Анкара на овој план, пред сѐ поради економски интереси, но и поради традиционалните и културни врски градени децении наназад. Во политички кулоари се потенцира и информацијата дека деца на врвни регионални политичари (не исклучувајќи и македонски) студираат на престижни универзитети во Турција, со обезбедени стипендии, благодарение на личните, добри односи со турските власти. Сето тоа, го сметаат за дел од мозаикот, во кој наскоро ќе треба да се искристализира сликата за недвосмислена регионална поддршка на власта во Турција.

Во турската заедница во Македонија таа поддршка е евидентна. За вечерва во Скопје е закажан митинг за поддршка на политиката на Ердоган и на демократски избраната власт во Турција, организиран од „Матуситеб“, организација што обединува десетици невладини организации на Турците во Македонија.

DW.COM

Реклама