1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка против пластичните чаши за „кафе за носење“

23 мај 2019

Речиси три милијарди пластични чаши за кафе се употребуваат годишно во Германија. Тие не може да се рециклираат. Што да се прави? Министерката за животна средина има идеја.

https://p.dw.com/p/3IwPh
Deutschland Müll Coffee-to-go-Becher
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

„Во Германија се има етаблирано менталитет на фрлање отпад", вели министерката за животна средина Свенја Шулце од СПД. Човек не може да ѝ контрира. Социјалдемократката во нејзиното министерство е застаната пред многу камери и чека да презентира застрашувачки бројки од Сојузната агенција за животна средина. 320.000 пластични чаши за кафе за еднократна употреба користат Германците секој час. Секој ден! Нешто повеќе од половина од нив се од хартија обложена со пластика, другата половина сто проценти од пластика. Сите тие чаши, а тоа се 2,8 милијарди годишно, не се рециклираат, завршуваат во отпад, се палат или како што вели Шулце: "...се на ливадите, на плажите, во околината и во морето!"

Umweltministerin Svenja Schulze
Свенја Шулце, министерка за екологијаФотографија: DW/J. Thurau

„Coffee to go“ се појави пред 23 години

Единствено позитивно на бројките е што актуелно не се зголемуваат, туку со години се речиси константни. И пред пет години се трошеле 300 илјади пластични чаши во еден час. Но, ако се навратиме на времето пред 20 години е јасно како се променило секојдневието на луѓето. Бетина Рехенберг од Сојузната агенција за животна средина, која е еден од авторите на студијата, вели дека „кафе за носење” во Германија првпат се појавило во 1996 година. Таа бара граѓаните почесто да се одлучуваат за „кафе на седење отколку за кафе за носење”!

Одмор без пластика

30 центи за секоја чаша?

За да се намали големото количество пластичен отпад, во студијата се предлага на секоја чаша за еднократна употреба да се воведе давачка од 30 центи, околу 20 центи за чашата и уште 10 центи за капакот. Во кафетериите и пекарите, супермаркетите и на бензинските пумпи во иднина треба да се нудат исклучиво чаши за повеќекратна употреба. Парите од евентуалните давачки за пластични чаши би требало да се влеат во посебен фонд кој пред сѐ на општините треба да им овозможи чистење на околината. Ако не се преземат такви мерки, Рехенберг смета дека никако нема да има спас од пластичните чаши за еднократна употреба. „Тие се евтини, едноставни за користење и лесно се отстрануваат.“ Чашите за повеќекратна употреба, според студијата, би требало да се користат барем десет пати и без чаша.

Einwegbecher, Kaffeebecher, to go, mit Plastik Rührstab, Plastikmüll
Се предлага на секоја чаша за еднократна употреба да се воведе давачка од 30 центи - околу 20 центи за чашата и уште 10 центи за капакотФотографија: picture-alliance/imagebroker

ЕУ забранува одредени пластични производи

Кои од мерките сака да ги спроведе министерката уште не е дефинирано, но за Шулце е важно дека „во иднина производителите на пластични чаши ќе мора да бркнат подлабоко во џебот. Трошоците може да бидат префрлени на оние кои ги предизвикуваат.“ 

Повеќе:

Забрана за пластиката за еднократна употреба

Првпат докажана микропластика во човечкото тело

Претставувањето на новата студија не беше случајно на денот кога ЕУ во Брисел усвои нови правила кои предвидуваат одредени производи за еднократна употреба како садови, прибор за јадење, цевки и слично да бидат забранети од 2021 година – а, и многуте милиони чаши за кафе од чиста пластика. Зелените во Бундестагот сметаат дека таквата мерка одамна требало да биде преземена. Шефот на пратеничката група, Антон Хофрајтер, вели: „Германија сѐ уште е најголемиот производител на пакувања за еднократна употреба во Европа. Мора конечно да ги намалиме тие планини отпад. Сојузната влада мора да стави крај на огромната потрошувачка на енергија, пластика и картони за чаши за кафе.“

Coffee to Go
Германците секој час користат 320.000 пластични чаши за кафе за еднократна употреба Фотографија: DW/H. Fuchs

Проблем особено за општините

За општините решението со Фондот секако би било атрактивно, бидејќи чашите за еднократна употреба на крајот се проблем за градските комунални служби. До 15 проценти од волуменот на градските канти за отпад е сочинет од чаши за кафе, или сликовито кажано - тоа се осум милиони канти полни со чаши за кафе што се собираат секоја година. Примерот со пластичните кеси покажа дека таквиот отпад може релативно брзо да биде намален. Пред три години беше воведена обврска за супермаркетите да ги намалат количествата на пластични кеси, поради што маркетите почнаа да ги наплатуваат. Во 2017 година секој граѓанин на Германија во просек употребил по 27 кеси годишно, а само една година претходно бројот бил 45.