Битка меѓу визијата и ревизијата на „Преспа“ | Северна Македонија | DW | 06.03.2019

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Битка меѓу визијата и ревизијата на „Преспа“

Работа на политичарите е да затвораат проблеми или дури и затворените да ги реотвораат?

Иако кампањата за претседателските избори не е официјално започната, јасно се кристализира една од клучните теми на која ќе се вкрстат копјата меѓу кандидатите на власта и опозицијата - Договорот од Преспа. Критичкиот пламен за „Преспа“, кој досега интензивно го одржуваше ВМРО-ДПМНЕ, се пресели и во речникот на нивната претседателска кандидатка, Гордана Силјановска Давкова.

Во земја каде изигрувањето на правото со години продуцираше разни дисторзии, угледната професорка од Правниот факултет на УКИМ, има и повеќе од океан на значајни теми за кои би зборувала пред електоратот. Но, фактот дека нејзиното правно „вјерују“, најексклузивно е насочено кон македонско-грчкиот договор, само ги потврди првичните сомневања дека опозициската кампања ќе добие и белег на своевиден повторен референдум за Договорот.

Секако, на Силјановска никој не може да ѝ го оспори изборот на темите со кои ќе ја води битката за претседателската функција. И никој не може да им наложи на граѓаните да имаат унифицирани чувства кон Договорот. Прашањето е: колку е политички (не)одговорно пост-фестум да се подгреваат илузии за негово преиспитување, што најдиректно го исфрла на виделина нивото на свест за одговорноста од последиците кои би можеле да произлезат од една непромислена „ревизорска“ авантура, наменета и за поплочување на патот до претседателската резиденција?            

Силјановска зборува за „противправна постапка низ која бил донесен Договорот, вклучувајќи го и референдумскиот процес“, со став дека секој меѓународен договор може да биде оспорен согласно со одредбите на Виенската конвенција, со правна постапка пред надлежна меѓународна институција. Таа не ветува дека ќе го поништи Договорот, бидејќи и нема таква надлежност, но ја отвора штотуку затворената рана, со ветување дека „прашањето ќе го држи отворено, во секоја пригода кога тоа ќе биде можно“.

Таа најавува и дека ќе иницира создавање на експертска група на врвни авторитети од областа на меѓународното и уставното право, кои ќе подготват анализа во кои точки Преспанскиот договор и процесот на негово донесување се во колизија со важечкото меѓународно право. Иницирањето на такво нешто е нејзино легитимно право. Но, што потоа со анализата на таа експертска група? Какви „правни“ ефекти би произвела таа анализа? Зарем професорката Силјановска заборавила дека Република Македонија имаше, не експертска анализа, туку судска пресуда во своја полза од Меѓународниот суд на правдата, за тужбата против Грција за повреда на член 11 од Времената Спогодба? Дали таа пресуда од 2011 година во полза на Македонија ѝ ја олесни позицијата на државата во решавањето на наметнатиот спор од страна на Грција? Не.

Па тогаш, кому би му кристела нечија експертска анализа, и тоа пост-фестум, откако Договорот од Преспа стапи во сила и ги отвора сите железни врати пред кои досега чмаеше земјата? Нема демократска земја во светот која не го поздрави Договорот. Но, и тоа не најбитно. Дури и никој да не ја поздравел Преспанската спогодба, ако таа ги решава проблемите меѓу двете земји, зошто целта на некој кој се бори за претседателската функција, би била - тој проблем повторно да го отвори? Работа на политичарите е да затвораат проблеми или дури и затворените да ги реотвораат?

Дури и Кирјакос Мицотакис, лидерот на грчката опозициска „Нова Демократија“ и најголем критичар на Договорот од Преспа, запрашан дали како евентуално идна влада тие одново би ги отвориле прашањата од Договорот од Преспа со коишто партијата не се согласува, беше дециден и јасен: „Договорот не ми се допаѓа, но е ратификуван меѓународен договор, и јас ќе го почитувам“.

Оваа изјава на Мициотакис дадена на Економскиот форум во Делфи, не е единствената што треба да се преслуша. Оттаму стигна и пораката на грчкиот премиер Алексис Ципрас, дека Договорот „би го карактеризирал како дипломатско ремек-дело“, но и маестралниот говор на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, (правник, магистер по правни науки на Универзитетот во Кембриџ), кој точно отслика со какви тонови, потези и пораки современите политичари и визионери треба да ги извлечат земјите од некогашните ровови и да ги водат напред.  

Секоја чест за професорите по право - и оние кои се во изборна трка за претседател и оние кои не се, но општествен благодет е кога учениците ќе ги надминат нивните професори.