Битка за датум: Скопје не смее да извиси | Северна Македонија | DW | 04.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Битка за датум: Скопје не смее да извиси

Заев денеска во Брисел ќе се сретне со Јункер, Могерини и Хан, а Хан утре организира појадок со амбасадори на ЕУ. На средбите ќе доминира аргументацијата дека Северна Македонија заслужи датум за преговори со ЕУ.

Северна Македонија заслужува датум, но дали ќе го добие? Во ваква неизвесност течат последните разговори со експликација на аргументите - зошто резултатите што ги реализираше Скопје не смеат да останат без датум за почеток на преговори со ЕУ. Оваа тема ќе доминира и на денешната средба на македонскиот премиер Зоран Заев со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во Брисел. На средбата ќе разговараат за Извештајот на ЕК и за резултатите од изборите за Европскиот парламент, во пресрет на средбите на Советот на ЕУ и Европскиот совет на крајот на јуни оваа година. Заев и Јункер ќе одржат и заедничка прес-конференција, на која ќе информираат за разговорите, а македонскиот премиер попладнето ќе има средби и со високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини и со европскиот комесар за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

Повеќе: 

Одлагање на преговорите со ЕУ ќе донесе разочарување

Рот: ЕУ мора да го исполни ветувањето кон Северна Македонија

Вадефул: За датумот за преговори - во септември

ФТ: Зошто беше трудот?

Развојот на оваа ситуација со внимание го анализира и британскиот „Фајненшл Тајмс“ (ФТ).

„Битката во врска со тоа дали треба да се примаат нови земји во EУ повторно ќе оживее оваа недела и ќе ги отвори старите несогласувања на темата проширување, како и егзистенцијалните прашања за стратегијата по Брегзит“, пишува ФТ.

Во текстот се наведува дека државите членки на ЕУ би требало наскоро да одлучат дали ќе одобрат почеток на пристапни прговори со Северна Македонија и Албанија, а по тој повод за среда е најавен појадок на комесарот за проширување Јоханес Хан со 18 амбасадори на EУ во Брисел.

„Сето тоа е голема работа“, оценува ФТ, и потсетува дека EУ се проширила само за три земји по големото проширување од 2004 година. Притоа потенцира дека лани во јуни условно било дадено зелено светло Северна Македонија и Албанија да им се придружат на балканските соседи Србија и Црна Гора во пристапните прегоговори, и дека потврдата на таа одлука треба да се случи овој месец. Но според ФТ, засега е неизвесно дали на таа тема ќе има разговори на состанокот на министрите за надворешни работи на 18-ти јуни, а уште помалку дали ќе биде донесена одлука. Во анализата се наведува дека групата на „скептични“ земји предводени од Франција, вклучително и Холандија и Данска, ќе мора да добијат уверување дека процесот нема да донесе нови проблеми кога станува збор за корупција и владеење на правото, кои веќе предизвикуваат метеж во ЕУ. Од друга страна, медиумот наведува дека ентузијастите за проширување потенцираат оти последиците од затворање на вратата би можеле да бидат сериозни, особено за Северна Македонија. Mногу дипломати сметаат дека Скопје направило сѐ, особено со промена на името, со цел да се затвори долгогодишниот спор со Грција. Во текстот се наведува дека со евентуалното одбивање, EУ ризикува да ги зајакне ривалските сили на Балканот, посебно Кина и Русија, но и да го намали поттикот за решавање на спорови меѓу другите земји кои сакаат да ѝ се придружат на Унијата - Србија и Косово. ФТ пишува дека дури и одлагањето на одлуката би било потенцијално проблематично, бидејќи, ако членките на ЕУ ја пролонгираат одлуката за проширување за после летото, сѐ би можело да потоне во катранот на последната криза во врска со Брегзит.

Greek Prime Minister Alexis Tsipras visits North Macedonia (REUTERS)

Mногу дипломати сметаат дека Скопје направило сѐ, особено со промена на името, со цел да се затвори долгогодишниот спор со Грција, пишува ФТ (фото: македонскиот премиер Заев со грчкиот колега Ципрас во Скопје, 2.04.2019)

„Колку подолго трае паузата, притисокот на домашната јавност во Скопје би можел да расте поради тоа што промената на името не го донела напредокот на патот кон EУ, а поуката што би ја извлекле другите аспиранти за членство, би можел да гласи 'Зошто беше трудот?'“, заклучува ФТ.

Мицкоски: Не ја казнувајте земјата заради неодговорната власт

Кристијан Тимоние, францускиот амбасадор во Скопје, вчера не сакаше да прогнозира кога Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ, додавајќи дека тоа ќе биде заедничка одлука да државите членки.

„Сега треба да се оцени дали постигнатиот напредок е доволен и да се види во каква состојба е ЕУ и нејзиниот капацитет за примање нови членки. Но сепак, бидејќи не станува збор за брзо примање во ЕУ, треба да се видат нејзините капацитети за отворање на преговорите. Можеме да зборуваме за тоа дали ќе стане збор за напредок врз основа на старост или врз основа на заслуги. И има многу изгледи одлуката што ќе ја донесат земјите членки да биде комбинација од двете“, изјави Тимоние.

Во македонската јавност доминира ставот дека домашната работа е завршена и оти сега на потег е ЕУ, а Владата продолжува со реализација на обврските. На синоќешната седница на Владата била разгледана Информацијата за клучните наоди и препораки од Извештајот на ЕК, и усвоени заклучоците што ги предложил Секретаријатот за европски прашања. Согласно заклучоците, Владата го задолжила Секретаријатот да подготви План за реализација на краткорочните приоритети од Извештајот на ЕК.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE (Petr Stojanovski)

Мицкоски: Не треба да бидат казнети граѓаните

Низ критика до власта, за датум лобира и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во рамките на посетата на Берлин и високиот дијалот кој го организира фондацијата „Конрад Аденауер“ и сестринската ЦДУ, тој вчера остварил билатерална средба со д-р Јан Хекер, советник на германската канцеларка Ангела Меркел за надворешна политика. Во едночасовната средба Мицкоски истакнал дека со ниското ниво на реализација на проекти, отсуството на реформи во клучните области, криминалот и корупцијата, власта не направила поместување кои би значело добивање на сигурен датум за преговори. Но истакнал „дека поради неспособноста за менаџирање на односите и клучните процеси од страна на неодговорната влада на Заев, не треба да бидат казнети граѓаните, и дека во насока на поттикнување на европскиот оптимизам, како и зацврстување на европската иднина - на Република Македонија треба да ѝ се додели датум за преговори“.

DW.COM

Реклама