БИРН одржа час по анатомија за „Скопје 2014“ | Македонија | DW | 27.07.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

БИРН одржа час по анатомија за „Скопје 2014“

Базата на податоци за „Скопје 2014“ што ја објави БИРН е врвен израз на новинарска професионалност и општествена одговорност, велат новинари, архитекти и антикорупционери.

„Извонреден пример на професионално, аналитично и истражувачко новинарство“... „Значаен проект кој ќе биде од полза не само за новинарите, архитектите, социолозите и хроничарите на ова време, туку и на некој иден специјален обвинител“... „Што да се каже, освен - браво за БИРН“...

Ова се дел од реакциите и оценките за истражувањето претставено преку базата на податоци „'Скопје 2014' под лупа“ на Балканската истражувачка мрежа (БИРН), која е своевиден час по анатомија на контроверзниот мега-проект што владата на Никола Груевски го реализираше во македонската престолнина.

Проектот „Скопје 2014“, кој навидум започна скромно, со првично најавена инвестиција од 80 милиони евра, до денес стигна до 560 милиони евра, сума која не е конечна, а од првично најавените четириесетина споменици и објекти - градот доби над 130!

Напорен процес

Само овој податок е доволен за да се увиди со колав истражувачки предизвик бил соочен новинарскиот тим за да ги обезбеди сите податоци за овој прилично нетранспарентен проект.

„Исклучително напорен процес беше да се документира еден грандиозен проект како што е 'Скопје 2014', особено ако се земе предвид фактот дека првите документи за него потекнуваат пред речиси една деценија, од 2006 година, кога за првпат е донесена одлуката за поставување на споменикот на Александар Македонски“, вели новинарката Мери Јордановска, кој е дел од истражувачкиот тим на БИРН.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014

Oд првично најавените четириесетина споменици и објекти - градот доби над 130

Трагајќи по документите, еден објект ги носел кон друг, тој кон трет, кон четврт, по што стигнале до бројка од над 130 објекти, кои во целост го имаат сменето изгледот на Скопје.

„Без да навлегуваме во вредносни судови за неговиот квалитет или естетика, нашето истражување се фокусираше на документирање на она што е досега направено со јавни пари. За првпат откако беше најавен проектот, ги објавуваме и договорите со авторите, нешто што заслужува големо внимание, бидејќи од самите документи може да се види дека авторите не доставувале детални пресметки за парите што ги трошеле, а самиот екс-градоначалник Владимир Тодоровиќ, давајќи го отчетот за 'Скопје 2014', рече дека не знае 'дали тие пари биле трошени онака како што напишале авторите, но се надева оти тие биле чесни'“, потсетува Јордановска.

Со базата на податоци (под текстот е линкот кој ве води до резултатите од истражувањето) јавноста денес има увид не само во тоа што е се направено, туку и кои се фирмите и авторите што ги вклучени во проектот, кои институции ги финансирале објектите, како се трошеле буџетските пари, колку биле почитувани процедурите, дали одредени фирми и поединци биле фаворизирани и.т.н.

Удар за нетранспарентноста

БИРН истражуваше и документираше 132 објекти вклучувајќи: згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани од новиот лик на Скопје. Користени се податоци добиени од преку 150 барања според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од интернет-страницата за јавни набавки, ревизорскиот извештај за „Скопје 2014“ и од отчетот на Владата, општината Центар и Министерството за култура што беше даден во 2013 година, веднаш по локалните избори. Осуммесечното истражување заврши со исклучителен резултат. Соговорниците на Дојче веле се едногласни во ставот дека токму на ваков начин се изразува врвна новинарска професионалност и општествена одговорност.

„Јас многу добро знам колку е тешко да се обезбеди ваква база на податоци“, признава Драган Малиновски, поранешен член на Државната комисија за спречување на криминали и корупција, кој беше еден од ревизорите на проектот во ревизијата што ја спроведе општината Центар.

„Богатата база на податоци, која се презентира во ова истражување, на јавноста и нуди ретка можност да се согледаат многу аспекти на овој крајно конроверзен владин проект. Се разбира, податокот за финансиското предимензионирање зазема централно место. Не помалку значајни се и податоците за видот на објектите, каде спомениците го заземаат високото трето место, со потрошени неверојатни од 33 милиони евра. Со анализа на оваа база на податоци, покрај другото, на површина излегуваат мноштво индикатори за криминално коруптивни дејствија, кои ја следат реализацијата на проектот 'Скопје 2014'. Како по правило, потрошените средства драматично ги надминуваат првично планираните, а сето тоа се реализирало преку безброј анекси на договорите, склучени со непосредни спогодби, нетранспарентно, далеку од очите на јавноста. Податоците за избраните автори и изведувачите на објектите јасно ја илустрира спрегата на власта со фаворизираните субјекти. Истражувањето е особено значајно, ако се има предвид актуелната состојба во Република Македонија, односно затвореноста на институциите кон јавноста и проблемите со кои истражувачкото новинарство се соочува. Токму затоа на новинарскиот тим на БИРН им упатувам искрени честитки за сработеното“, вели Малиновски.

Основа за анализи

Базата на податоци што ја објави БИРН, ги „прикова“ архитектите пред компјутерите. Ги анализираат податоците, договорите, хонорарите... Даница Павловска, поранешен претседател на Здружението на архитекти на Македонија, не го крие воодушевувањето што на еден систематизиран начин пред себе ги има податоците за проектот, кој до вчера беше обвиткан во превезот на нетранспарентноста, со штури, нецелосни информации.

Archäologisches Museum in Skopje

Првично најавената инвестиција од 80 милиони евра, до денес стигна до 560 милиони евра

„Особено ме радува што овој труд претставува оформена база на податоци за 'Скопје 2014', што значи квалитетна појдова основа за анализи и опсервации. Истовремено ова е материјал кој служи за оформување на мислења и проверка на воспоставени ставови и секако, за соодветни новинарски истражувања“, вели таа.

Таа е дел и од Граѓанскиот фронт за слободна и демократска Македонија, големо мнозинство кое не е приклонето кон ниедна од четирите партии и кое не беше претставено на преговорите, а во чиј апел се вели: „Ултимативно се бара од одговорните, каде и да се, во обвинителството, во судот, во општината, во доизборната Влада на РМ, да се воспостави мораториум на проектот Скопје 2014!“. Се надеваат дека апелот нема да биде игнориран.

Честитки за проектот стигнуваат од медиумската заедница. Новинарите со кои разговараше ДВ, се едногласни во оценката дека истражувањето има огромно значење и заслужува почит. Но, со ова не завршува истражувањето на тимот на БИРН.

Вистинската приказна за „Скопје 2014“ допрва почнува да се расветлува, најавува уредничката од БИРН, Тамара Чаусидис.

„Оваа база на податоци е одговор на хаосот, на обидот со мноштво парцијални податоци да се затскрие големата слика. Таа е новинарски потфат кој нема дневна употребна вредност. Таа е повеќе од вест, таа е ресурс за многу идни новинарски истражувања и не завршува со нејзиното објавување“, децидна е Чаусидис.

WWW-линкови

Реклама