„Бионтек“: Турското семејство кое ја создаде вакцината против коронавирусот | Економија | DW | 11.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

„Бионтек“: Турското семејство кое ја создаде вакцината против коронавирусот

„Бионтек“ и „Фајзер“ се на чекор до добивање дозвола за производство и користење на прва ефикасна вакцина против Ковид-19. На чело на „Бионтек“ е брачна двојка од Германија со турски корени: Угур Сахин и Озлем Туречи.

Ugur Sahin und seine Frau Özlem Türeci

Основачите на „Бионтек“, Угур Сахин и Озлем Туречи

„Lightspeed", брзина на светлоста е наречен проектот кој на средината на јануари го започна германската фирма „Бионтек" (BioNTech). Сржта на проектот е развој на вакцина против коронавирус во рекорден рок. И оттогаш проектот навистина напредува со брзина на светлоста. Развој на некоја вакцина по правило трае осум до десет години, но истражувачите од Мајнц би можеле да добијат одобрение во САД за својата вакцина за нешто повеќе од една година.

На средината на ноември е предвиден одлучувачкиот чекор, кога „Бионтек" и неговиот партнер, американскиот фармацевтски концерн „Фајзер" (Pfizer), планираат да поднесат барање за итна дозвола во САД. Моментно достапните податоци укажуваат на 90-процентна заштита против Ковид-19, објавија „Бионтек" и „Фајзер" во понеделникот (09.11.2020). Ако добијат дозвола, би биле први во трката по вакцина на Запад.

И Европската агенција за регулација на фармацевтски производи, ЕМА, веќе на почетокот на октомври најави покренување постапка за одобрение на вакцината. Таа моментно уште е во фаза на испитување во студија во која учествуваат десетици илјади луѓе. За да се забрза постапката за одобрување, привремените резултати сега се проверуваат континуирано, додека не бидат достапни доволно информации за донесување одлука за давање дозвола, наведува ЕМА.

Терапија за рак со помош на имунолошкиот систем

Зад биотехнолошката фирма „Бионтек" стојат две главни личности: Угур Сахин и Озлем Туречи. Уште во јануари годинава, кога коронавирусот беснееше во Кина, а во Германија ретко кој беше сериозно загрижен поради можност од пандемија, двајцата медицинари, Сахин и Туречи сфатиле за што станува збор и своите истражувања ги насочиле кон развој на вакцина против тој вирус.

Три месеци подоцна, ги имаа првите кандидати за вакцина во клинички развој.

Deutschland Mainz | BioNTech SE | Pressebilder

Големи надежи во потенцијалната вакцина БНТ162б2

Дотогаш тие двајцата биле концентрирани на борба против рак. Нивниот пристап притоа значително се разликува од вообичаеното лекување на карциноми. Со оглед дека не постојат двајца пациенти кај кои генетската мутација на клетките на ракот е наполно иста, пациентите не би требало да бидат еднообразно лечени со хируршки зафати, хемотерапија или зрачење, сметаат двајцата лекари. Наместо тоа, за секој пациент е потребно индивидуално прилагодено лекување.

Повеќе на темата:

300 милиони дози од вакцината на „Фајзер’ и „Биoнтек“ за граѓаните на ЕУ

Вакцината против коронавирус на „Фајзер“ e 90% ефикасна

Студија: Мнозинство од населението би примило корона-вакцина

„Успех би бил ако корона-вакцината барем го ублажи текот на болеста“

Притоа Сахин и Туречи го користат фактот што човечкото тело често може да си помогне самото кога го напаѓаат бактерии или вируси. Нивна цел е да развијат имунотерапија која го стимулира механизмот на самолечење и испраќа сопствени одбранбени сили заради тоа малигните тумори да ги направи безопасни.

Истражувањата како центар на животот

„Многу рано сфатив дека ме интересира наука", изјави Сахин кога во 2019 година му беше доделена наградата за наука „Мустафа". Роден е во Турција, кога имал четири години со мајката се преселил во Келн, каде неговиот татко работел како гастарбајтер во фабриката „Форд". По завршувањето средно училиште, студирал медицина на Универзитетот во Келн. „Ме интересираше имунотерапијата", вели 54-годишникот. „Ме интересираше како функционира имунолошкиот систем, како може да се води за да ги препознае и нападне клетките на ракот".

Како млад истражувач, со само 20 години, почнал да работи во лабораторија. „Имавме предавања од утро до 16 часот. Но, кога моите колеги студенти заминуваа дома, јас одев во лабораторија и работев таму. Обично до 21, 22 часот навечер. Понекогаш и до 4 часот наутро", се присетува Сахин. Потоа со велосипед се враќал дома.

Сахин во 1992 година докторирал со највисока оценка, summa cum laude, а потоа работел како лекар за интерна медицина и хематологија/онкологија на Универзитетот во Келн, каде хабилитирал во 1999 година. Потоа се преместил во Универзитетската болница во Сарланд, каде ја запознал својата идна сопруга Озлем Туречи.

Гледај видео 01:41

Ковид-19 и (не)фер распределбата на вакцината ширум светот

Озлем Туречи: Грижата за пациентите во прв план

Озлем Туречи е ќерка на турски лекар кој во Германија дошол од Истанбул. Кога Сахин стигнал во Зарланд, Туречи таму студирала медицина. Денес предава на Универзитетот во Мајнц и се смета за пионер во имунотерапија на рак. „На мене силно влијаеше мојот татко кој работеше како лекар. Уште како девојче не можев да замислам да работам нешто друго", вели Озлем Туречи.

„Татко ми имаше ординација во семејната куќа и ние како деца игравме меѓу пациентите. Веќе тогаш немаше строга поделба меѓу работата и приватниот живот во нашето семејство", се присетува Туречи. Од татко ѝ го презела и тоа грижата за пациентите да ѝ биде во фокусот.

Кога Туречи и Сахин се венчале во 2002 година, Сахин веќе работел на Универзитетската клиника во Мајнц. Дури и на денот на венчавката Сахин бил во лабораторија, пред да замине до матичарот. А и по церемонијата се вратил да работи во лабораторија.

Раѓањето на „Бионтек"

Во 2001 година Сахин и Туречи ја основале биофармацевтската фирма „Ганимед фармасјутикалс" (Ganymed Pharmaceuticals), која развивала имунотераписки лекови против рак. Фирмата е продадена во 2016 година за 422 милиони евра. Во 2008 година тие двајцата ја основаат фирмата „Бионтек". Тука првенствено работат на развој на технологија и лекови за индивидуализирана имунотерапија на рак. Меѓутоа, досега ниеден од тие лекови не е развиен до степен за добивање дозвола за користење.

Deutschland Mainz | BioNTech SE | Pressebilder

Зад „Бионтек“ во меѓувреме стои долга листа инвеститори

Сахин е извршен директор на „Бионтек" и предава на Универзитетот во Мајнц, неговата сопруга Туречи е директорка на медицинското одделение на фирмата и одговорна за клиничкиот развој. Воедно предава и како приватен доцент исто така во Мајнц.

Андреас Кун, еден од блиските соработници на брачната двојка, за Сахин при доделувањето на наградата „Мустафа" изјави: „Ретко сум сретнал некого кој е толку паметен како господинот Сахин. Тој секогаш е чекор пред другите. Кога ќе дојдете со нова идеја, тој веќе ве чека, во принцип веќе ја предвидел таа идеја."

„Господин Сахин ме инспирираше од самиот почеток и таа е една од неговите умешности, да може да ги инспирира луѓето. Сахин не уверува само со научни аргументи, туку и со сопствен ентузијазам", вели Кун.

Моментно во „Бионтек" работат преку 1300 луѓе од повеќе од 60 земји. Притоа повеќе од половината се високообразовани жени, околу една четвртина имаат докторска титула. Во октомври фирмата направи исчекор на меѓународна сцена, излезе на американската технолошка берза Насдак и од тогаш непрекинато напредува.

Надежта се вика БНТ162б2 (BNT162b2)

Туречи вели дека нејзиниот принцип е дека треба да се препознаат оние работи кои не можеме да ги промениме и тоа треба да го прифатиме. Но, истовремено е потребно одлучно и храбро фокусирање на она што можеме да го направиме, а тоа често е многу повеќе отколку што првично се мисли.

Сахин и Туречи покажуваат храброст и во оваа криза. „За да можеме веднаш да обезбедиме доволни количини за комерцијална продажба во случај на одобрување на нашата вакцина БНТ162б, веќе сега вложуваме големи средства во проширување на производните капацитети. На две места, во Идар/ Оберштајн во Мајнц, производните линии веќе сега работат деноноќно", се наведува во актуелниот деловен извештај на „Бионтек".

„Наша цел од самиот почеток беше паралелно да преземеме важни чекори за да останеме во зацртаната временска рамка", изјави Сахин за втората програма на германскиот јавен сервис ЗДФ.

Долгогодишната научна работа во меѓувреме е и финансиски многу исплатлива за оваа истражувачка двојка. Угур Сахин има 18 проценти од акциите на „Бионтек" и со успехот на фирмата преку ноќ стана еден од 100-те најбогати Германци, барем на хартија.

 

Реклама