Билет за влез во ЕУ од 13 евра? | Свет | DW | 24.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Билет за влез во ЕУ од 13 евра?

Европската унија планира значително да ја зголеми контролата на границите. Оние кои сакаат да влезат во ЕУ треба да се регистрираат или да аплицираат за виза. Целта е поголема безбедност.

Австралија има веќе подолго време, а САД имаат од 2007 година: Електронски систем за влез во земјата на патници на кои не им е потребна виза. Сега, Европската унија сака да имплементира таков систем со цел да има подобра контрола на тоа кој всушност влегува и излегува од блокот. Во САД, онлајн системот за регистрација е познат како „ЕСТА“. Во Европа, неговото име ќе биде ЕТИАС. Европската комисија во моментот спроведува физибилити студија со цел да утврди на кој начин ЕТИАС би можел да биде инсталиран на стотиците аеродроми и гранични премини. Потоа, законодавниот процес би требало да почне на крајот на годината.

Европскиот министер за внатрешни работи повика за воведување на дигитален систем за регистрација минатата година, по терористичките напади во Париз. Но системот, дизајниран да ги затвори детектираните сигурносни „дупки“, се планира многу подолго. Сега тој ќе стане реалност. Слично на системот на САД, на патниците на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ ќе треба да се регистрираат електронски. За ова ќе се наплаќа паричен надоместок, а според официјални лица од ЕУ, цената може да биде од 13 до 50 евра. Според проценките врз основа на сегашните 30 милиони патници од земјите надвор од ЕУ, на кои не им е потребна виза за влез, се очекува оваа мерка да креира приход од 390 милиони до 1,5 милијарди евра годишно.

Влез за Британците?

Бројот на луѓето на кои не им треба виза, но кои ќе треба да го платат надоместокот за влез може значително да се зголеми во наредните неколку години. По Брегзит, милиони патници од Британија кои патуваат во ЕУ исто така ќе мораат да платат и да се регистрираат во „ЕТИАС“. Истото ќе важи и за граѓаните на Турција и Украина, доколку ЕУ им додели без визен режим за патување. Според Камино Мортера-Мартинез од Центарот за европски реформи, тинк-тенк организација од Брисел, ова не е добра идеја. „Ова би било штетно за британскиоот бизнис“, изјави таа за британскиот весник Гардијан.

Сложен систем на контрола

„ЕТИАС“ е само еден дел од пошироката иницијатива на Европската комисија да се зголеми безбедноста по терористичките напати и неконтролираната миграција во последната година. Системот за евидентирање на движењето на сите патници од земјите кои не се членки на ЕУ земји е срцето на новите безбедносни мерки. Оваа мрежа, наречена „ЕЕС“ треба да биде договорена до крајот на годината. Во моментот се работи на техничките детали.

Почнувајќи од 2020 година, податоците за секој влез и излез од границите на ЕУ ќе бидат зачувувани во база на податоци. Истовремено, ќе биде проверувана и важноста на документите за лична идентификација и визите. Згора на тоа, ќе има и систем на дополнителни информации во Шенген информативниот систем (СИС) во кој ќе се чуваат информации за лица за кои постои сомневање дека би можеле да бидат потенцијални терористи.

Димитрис Аврамопулос, Европскиот комесар одговорен за новиот систем вети крај на коегзистенцијата на повеќе европски датабази. „Системите ќе помогнат европските граници да станат побезбедни. Истовремено, ќе ја зајакнат моќта на европскиот полициски авторитет, Европол, како конкретен чекор кон ефикасна размена на информации и идентификација на фалсификувани патни документи“, изјави Аврамопулос. Податоците за влегувањата и излегувањата од границите на ЕУ ќе бидат чувани во период од 5 години. Активистите за заштита на податоците веќе го критикуваат планираниот систем нарекувајќи го „пијавица за информации“.

Исклучок: Движењето на граѓаните на ЕУ нема да биде регистрирано

Веднаш по терористичките напади во Франција минатата година, францускиот и германскиот министер за внатрешни работи повикаа на воспоставување на систематски контроли кои ќе ги опфатат и граѓаните во ЕУ. Моментално, луѓето со лична карта од ЕУ можат да ги поминат надворешните граници по едноставна проверка на нивните патни документи. Но, тоа значи дека не е возможно да се утврди дали и колку често радикализиран џихадист со европски пасош патувал во и надвор од Сирија, на пример. Оваа „дупка“ треба да се затвори, но сега се чини дека има политчки отпор.

Европската комисија ги разводени предлозите бидејќи важечките Шенген правила забрануваат било какви „систематски“ проверки на граѓаните на ЕУ на надворешните граници. Сепак, во иднина, за европските граѓани ќе биде задолжително да поминат низ автоматизирани точки на влез каде биометриските информации во нивните пасоши ќе бидат читани и споредувани со нивните лица. За разлика од останатите патници кои не се граѓани на ЕУ, нивните податоци нема да бидат зачувани.

Најверојатно ќе поминат уште четири години додека новите системи бидат пуштени во употреба и бидат функционални - скенерите треба да се постават, а датабазите да се поврзат. „Потребна ни е поблиска координација помеѓу ЕУ и земјите членки“, изјави заменикот претседател на Европската комисија Франс Тимерманс. „Мора да признаеме дека нема друг начин во овој мобилен свет да се постигне поголема безбедност“. Документите на Европската комисија укажуваат дека новите гранични контроли, скенери и процедури за регистрација имаат „ефект на заплашување“ кон илегалните имигранти.

Реклама