Бизнисот со струја од сонце привилегија за крупниот капитал | Економија | DW | 25.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бизнисот со струја од сонце привилегија за крупниот капитал

Експертската јавност ја критикува владината стратегија која ги става во втор план граѓаните. Надлежните се правдаат!

Производството на енергија од обновливи извори е иднината на Македонија, но правењето бизнис од ова останува резервиран само за правните лица. Барем засега. Граѓаните можат да инвестираат во фотоволтаични системи но произведената електрична енергија може да ја користат само за сопствени потреби. 

Новата владина регулатива предвидува финансиска стимулација, но и премија за продадената струја за правните лица кои ќе инвестират во изградба на фотоволтаична електрана на државно или сопствено земјиште. Физичките лица, или граѓаните засега ги нема никаде. Експертската јавност критикува дека вака поставено, законското решение е насочено исклучиво кон задоолување на бизнис интересите на крупниот капитал:

„Законот е насочен кон крупниот капитал и наспроти тоа за малите домаќинства кои на Запад имаат посебно име „prosumers", производство и потрошувачка- и сите се свртени кон тоа како оптимален потенцијал. Но кај нас тоа не е така, туку сите придобивки се насочени кон крупниот капитал“, предупредува универзитетскиот професор Константин Димитров.

За разлика од правилникот за правните лица кој јасно утрдува под кои услови потенцијалните инвеститори можат да добијат субвенции од државата и колку тие би изнесувале, за граѓаните тоа се` уште го нема. Законот остава можност, но за тоа да се уреди треба да се донесе правилник. Првичните идеи според експертите се многу неповолни и ограничувачки: 

„Имаше нацрт правилник кој што внимателно го прочитавме и тој нацрт правилник за домаќинствата е навистина неповолен. Зошто вели, не е битно колку фотоволтаици ќе вградите, но те ограничувам на 4 киловати. Но ако сакате и да продавате електрична енергија таа треба да ја купи тој што те снабдува, ама не може да биде универзалниот снабдувач кој пак ги снабдува сите граѓани. Идејата е барајте си некој друг, ама таков нема. Но тие велат има. ЕВН на пример веднаш прави втора фирма за ова, но условот за тоа би било таа да ти формира сѐ, да ти постави опрема и ти се` да си платиш и одеднаш станува јасно, за граѓаните нема стимулација. Па уште ќе си го платите и сами броилото, кое патем е двонасочно. А во законот за енергетика пишува дека броилата се во сопственост на снабдувачот, а овдека вие ќе си го платите и тоа ќе ве чини околу 400 до 500 евра. Значи, на граѓаните ништо не им се дава, туку со ова само дополнително ќе се оптоварат и ако решат да инвестираат повратот за фотонапонскиот систем би бил за 13 или 14 години“, предупредува Димитров.

Mazedonien Land und Leute Energieversorgung (Petr Stojanovski)

Спротивно на западно-европските принципи

Од Владата признаваат дека граѓаните засега се исклучени од игра, но тоа било на некој начин свесно направено со оглед на актуелните политики. Сепак, за разлика од порано, законот сега давал можност работите да се променат во иднина:

„Граѓаните не можат да продаваат електрична енергија од сопствен фотоволтаичен систем додека не се снабдуваат од снабдувач. Тоа ќе биде регулирано по правилата на снабдување и тоа не е регулирано со законот, но во правилата ќе се регулира да можат. Во иднина, сите граѓани како што е примеро со фабриките, ќе можат да се снабдуваат, но сега тоа не им е интересно зашто се обезбедува снабдување на електрична енергија со гарантирана поволна цена преку универзалниот снабдувач. Но со текот на годините тој процент ќе паѓа и во иднина, по можеби 10 години сите граѓани ќе бидат на слободен пазар и ќе имаат снабдувач, со кого ќе можат да се договорат вишокот на енергија да му ја предадат или повлечат кога таа им е потребна. Тоа е суштината. Во овој закон тоа го нема, но оставена е можност со правилата за снабдување тоа да се регулира. Инаку за сопствена потреба може секој еднаш да си инвестира и тоа се прави“, објаснува ицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Експертите критикуваат дека целата стратегија се турка спротивно на принципите во западните еропски земји. Предупредуваат дека поради бизнис интереси, губат граѓаните, но губи и електроенергетскиот систем:  

„Државата не сака, стимулира преку овој закон да инвестираат фирмите, затоа што врз база на тоа го полни буџетот. За испорачаната електрична енергија домаќинствата плаќаме 18% ддв и за тоа нема поврат како кај фирмите. Ако сами произведеме одеднаш нема да има зголемена дистрибуција низ мрежата, МЕПСО нема да наплатува за протоци, на сите им се намалува дејноста, да не кажам бизнисот. И наместо да му помогнат на граѓанинот тие гледаат државата да прави профит и да се полни буџет“, реагира Димитров.

Ова според него не само што се спротивно на праксата од западна Европа, туку директно и му штети на електроенергетскиот систем во целина:

„Нашата држава не сакаше да ја искористи праксата од западна Европа каде има принцип на стокова размена, киловат за киловат кои се пребиваат и не се плаќаат. Сега може да ставиш фотоволтаици но не можеш да испорачаш во мрежа, нема никој обврска, а плус ако сакаш да продадеш да направиш договор со некој трговец тогаш треба да се регистрираш како единечен производител на електрична енергија. За сопстени потреби можеш, но тоа вака поставено е неразумно. Мора да се обезбедат услови мрежата тоа да треба да го прими, затоа што граѓаните кога ќе внесат електрична енергија се подобрува напонот во мрежата. Денес во половина населби кај нас напонот е до 180, 190 волти. Машини не работат, се расипуваат затоа што не се градат правилни врски и трансформатори, а со ова ќе се подобри тоа затоа што има прилив а нема потрошувачка“, објаснува Димитров. 

Исклучиво за крупниот капитал

Регулативата не ги ограничува само граѓаните. Реакции предизвикуваат и условите за правните лица, помалите фирми кои ќе решат да инвестираат во сопствена фотоволтаична централа на сопствено земјиште. За да може тие да бидат дел од системот и да учестуваат на тендери за да добијат „премиум" субвенција, тие не можат да ги постават фотоволтаиците на пример на кров, или во сопствен двор на место каде поминува некаква подземна инфраструктура или инсталација. Но затоа за големите играчи, државата ќе им обезбеди сѐ од инфраструктурен аспект. Тие ќе треба само да инвестират во постројката: 

„Значи насочено исклучиво кон крупниот капитал. Ај што тоа, ај што ќе плаќаме поскапа струја, бидејќи премиите ќе одат од електрична енергија а и буџетот ќе им ја направи инфраструктурата. А буџетот кој го полни, граѓаните“, реагира Димитров.

Инаку владината стратегија предидува од буџетот да се финансираат 200 мегавати фотоволтаични централи. Државата презема обврска да обезбеди услови до градежна дозвола, односно да ги реши бирократските постапки, од аспект на урбанизација, на трансформација на земјиште, како и приклучок на мрежа:

„ Првиот модел на кој ќе се прават фотоволтаични електрани е на државно земјиште, за што ќе распишеме транспарентна аукција од 35 мегавати во прва фаза. За таа цел одбравме две локации, едната локација е во Свети Николе. На таа локација ќе имаме парцели на кои може да се изгради една десет мегаватна фотонапонска електрана, една петмегаватна, две четиримегаватни, и шест по еден мегават. Оваа поделба на локации е со цел да има за сите типови инвеститори. На тој начин овде ќе бидат изградени 25 мегавати. Втората локација што ја одреди државата е регионот на Македонски Брод, каде парцелата ќе се подели на две локации од по пет мегавати“ рече Анѓушев.

Иако државава важи како одлична дестинација по однос на сончева радијација, досега на нејзината територија  има изградено само 18,4 мегавати инсталирана моќност во фотоволтаици.

 

Реклама