1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фотографија: Petr Stojanovski

Бизнисмени во битка за Струмица

Катерина Блажевска
11 март 2013

Во овој изборен циклус главни ривали се двајца бизнисмени, познати на струмичката и на македонската јавност – Зоран Заев, кандидат на СДСМ и Васил Пишев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/17udi

Струмица шест години е меѓу најликвидните и капитално-најинтензивни општини, прогласена за најтранспарентна и добитник на повеќе од 150 домашни и меѓународни награди и признанија. Овие податоци сами по себе зборуваат колкав е предизвикот да се задржи или освои власта во оваа општина. Во овој изборен циклус главни ривали за градоначалничката функција се двајца бизнисмени, познати на струмичката и на македонската јавност - Зоран Заев, кандидат на СДСМ и Васил Пишев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Бела книга на завршени проекти

Нов концепт за економски развој „3-30-300-3.000", односно 3 нови индустриски области со инфраструктура и гасоводна мрежа, 30 нови стопански објекти, 300 урбанизирани локации за стопанството и 3.000 нови работни места, е дел од програмата со која Зоран Заев, ќе се бори за трет градоначалнички мандат. Двојниот мандат од 2005 - 2013 година, го заврши со 2.360  реализирани проекти, од кои над 1.800 ги смета за капитални инвестиции. Сите тие, како и парите потрошени за нив, се евидентирани во неодамна промовираната Бела книга.

Kommunalwahlen in Mazedonien Zoran Zaev
Зоран Заев: Се' што е изградено во последните осум години е без ниту еден денар кредитФотографија: DW/P. Stojanovski

„Се' што е изградено во последните осум години е без ниту еден денар кредит, без задолжување на општината и граѓаните. Оваа книга, овој рекапитулар од моето и од работењето на советниците во Струмица, го завршувам гордо, со крената глава и знам дека историјата ќе зборува за тоа што е направено во изминатите години", вели Заев. За да го одржи истиот тренд, најавува продолжување на гасификацијата во градот и селата и нов туристички концепт за развој на Струмица. Во тоа спаѓа организација на потенцијалите во Банско и Габрово - аква ленд, спа хотели, водопади, пешачка, велосипедска и мото патека, голф и paint ball терен, зоолошка градина, три еко-населби и панорамско поврзување на туристичките локалитети.

„Планирам реставрација и конзервација на Цареви кули, доизградба на Соборниот храм 'Успение на Пресвета Богородица', подземна сообраќајница, градинки во три села, нов мултифункционален пазар, канализациски системи во осум села, изградба на пречистителна станица и нова противпожарна станица", ветува Заев.

Граѓаните најголем адут

Неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Васил Пишев, е познат струмички бизнисмен, претходно посветен на угостителството, трговијата и транспортот. Денес е сопственик на компанијата „Ал-макс" која го произведува познатото масло за јадење „Бисер".

Kommunalwahlen in Mazedonien Vasil Pisev
Васил Пишев: Помина времето на лажни предизборни ветувањaФотографија: DW/P. Stojanovski

„Мој најголем адут на овие избори се граѓаните, кои умеат да ги проценат  вредностите и ставовите на политичарите. Помина времето на лажни предизборни ветувањa. Народот ги знае неискористените природни и стопански капацитети на Струмица и ќе ја процени вистинска опција на денот на изборите", вели Пишев.

Во неговата програма се предвидени повеќе од 250 проекти, меѓу кои, три нови булевари, проширување и поврзување на патната мрежа, нов градски пазар, нова агро-берза меѓу Банско и Куклиш и систем за наводнување на браната Маркова Река. За развојот на економијата, планира нова технолошко-индустриска зона меѓу Сачево и Свидовица. Пишев ветува дека сите населени места ќе добијат подобри услови за живот со изградени паркови, игралишта, развиена инфраструктура и нагласување на нивната историска и културна важност. Планира реконструкција на стариот струмички театар и на старата чаршија.

„Струмица е културен центар и град-расадник на кадри од културата. Достигнувањата на овие наши сограѓани мора да ги обележиме со манифестации кои ќе потсетуват на нивната големина, за да бидат инспирација на идните генерации", вели кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и најавува дека неговите проекти од Струмица ќе направат современ европски град.

Патиштата не одат кон Струмица

Граѓаните велат дека градот од година в година бележи интензивен развој, но внимание треба да се посвети и на селата во кои се' уште нема канализациска мрежа, на локалните патишта кои не се асфалтирани, на реконструкција на некои училишта, но и на чистење на коритата и каналите за да не се повторат неодамнешните поплави кои им предизвикаа големи штети на земјоделците. Како проблем граѓаните ја посочуваат и патната инфраструктура, односно неповрзаноста на Струмица со другите градови. Поради дел незавршени обврски од страна на Владата, се' уште не е изграден патот Струмица - Радовиш. Ако се има предвид дека од извоз на земјоделски производи во Струмичко влегуваат околу 120 милиони евра, кои се значајни за трговскиот биланс на државата и за вкупниот економски развој, јасно е зошто подобрувањето на патната инфраструктура, нови зелени пазари и агро - берза се проекти од висок интерес за граѓаните.

Strasse in Strumica, Mazedonien
Градот се развива интензивно, но внимание треба да се посвети и на селатаФотографија: Petar Stojanovski

Со ветувања за развој на општината, во градоначалничката трка во Струмица влегоа и Ристо Божијанов од СДПМ и Панчо Јанков од СДУ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Урнатините предизвикани од земјотресот во турскиот град Антакија

Размерите на катастрофата во Турција и во Сирија сѐ поголеми

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница