Бизнисмените сакаат власт која ќе ги слушне! | Македонија | DW | 01.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бизнисмените сакаат власт која ќе ги слушне!

Нелојална конкуренција, сива економија, селективност, финансиска истоштеност. Бројни се проблемите кои го тиштат македонското стопанство. Која и да е, од новата власт бараат реална, а не само декларативна поддршка.

Предизборното додворување е веќе видена работа и тешко пали кај стопанството. Притиснати од општиот политичко економски кризен амбиент, бизнисмените се истоштени и во добар дел фрустрирани од сѐ она што се случува во земјата во изминатиот период. Заглавени во долгови и неликвидност, револтирани од нелојалната конкуренција, најмалку што посакуваат се промени. И тоа безмалку коренити. Финалето на предизборната трка очекуваат да финишира со фер и чист изборен процес, кој ќе донесе власт која конечно и реално ќе ги слушне нивните потреби и проблеми:

„Клучно што треба да се случи, а што досега речиси и да не постои, е да се слушне гласот на бизнисот. Од досегашните политики на власта единствено што видовме е дека тие се водат само од нивните идеи и проекции коишто самите си ги зцртале. Ако нѐ слушаа нас и нашите барања, немаше да има вакви огромни разлики во сите сегменти. Дали во делот на домашните и странските инвестиции, застојот во капиталните инвестиции, погрешна социјална политика што го доведе народот до питачки стап и милостина“, предупредува Мендредес Кучи, бизнисмен, член на Стопанската комора на северозападна Македонија коментира. 

Mazedonien Gebäude Regierung (DW/P. Stojanovsk)

Стопанствениците со порака до новата влада: промени мора да има

Сѐ да биде поинаку

На прашањето што и каде очекува да има промени, неговиот одговор е кус и едноставен. Сѐ и секаде, сѐ да биде поинаку од она што е досега:

„Потребни се реални политики кои одговараат на потребите на домашниот економски амбиент, а не на интересите на странците. Само така ќе се создадат реални можности за луѓето да работат, а не виртуелно како што се прикажува состојбата со невработеноста. Овој проблем не е само какактеристика на оваа власт, но сепак таа владее повеќе од една деценија и затоа се нужни промени, без разлика кој ќе дојде, нови или стари. Но не само да нѐ слушне, туку и да нѐ поддржи. Еве сите програми на политичките партии горе-долу се поклопуваат со нашите интереси, но проблем е што кога ќе дојдат на власт она што е наш интерес воопшто или многу малку не се имплементира. Затоа мора да има промени“, коментира Кучи.

Повеќе или помалкуречиси и да нема стопанственик во Македонија кој не се жали на реални проблеми. Сепак, „изгорени“ од искуствата од минатото, предизборно малкумина се оние што и јавно сакаат да зборуваат за нивните желби од политиката. Но едно е јасно, сакаат реални и остварливи, а не само празни ветувања:

„Не е прашањето каква ќе биде власта, туку принципите до кои таа ќе се држи и владее. За 25 години ние не успеавме да донесеме една развојна програма за Македонија, креирана од стопанството, академијата, универзитети и бизнис коморите. Тоа ни е потребно, а не постојано да слушаме за партиски програми од 100 или 1500 чекори. Ни треба стратегија врз чија основа понатаму и партиите би ги креирале своите програми и понуди, а не обратно што ни се случува со години“, коментира истакнат претставник на домашната бизнис заедница.

Првиот чекор според дел од бизнисмените е изедначување на условите и третманот на пазарот за сите стопански субјекти, без разлика дали работат надвор или во технолошко индустриските развојни зони:

„Странските инвестиции не треба да доминираат во програмата на новата влада, ако се има предвид дека реалната економија е таа што го полни буџетот, а не странските фирми кои се даночно неутрални и тоа по повеќе основи. Плати, акцизи, даноци и слично. Затоа инсистираме третманот за стимулација на бизнисот да се изедначи и да не важи само за оние што одат во зоните. Што правиме со оние бизнисмени кои веќе инвестирале во фабрики, треба ли тие да се изложат на дополнителни трошоци за да ги префрлат во зоните за да добијат субвенции. Тоа нема логика“, коментира сопственик на еден од поголемите производствени капацитети.

Да се искорени сивата економија

Не помалку суштински е и проблемот со сивата економија, која важи за рак рана на македонскиот систем. Декларативно, власта постојано тврди дека презема мерки за нејзино сузбивање и искоренување, но реално таа не само што не се намалува, туку и се шири. За овој проблем алармираат и од Сојузот на стопанските комори: 

„Во фокусот на новата влада треба бидат домашните компании и инвестирање во нивниот развој како генератори на економскиот раст на националната економија. Потребно е да се овозможи функционален механизам за справување со сивата економија, од каде нема придонес во буџетот преку плаќање даноци и придонеси. Сивата економија претставува директна нелојална конкуренција на македонските компании, која го урива развојот на стопанството во Република Македонија“, предупредува Митко Алексов, извршен директор на Сојуз на стопански комори на Македонија.

Повеќе или помалку партиските програми содржат слични ветувања за стопанството во делот на поддршката и бизнис амбиентот. Но кога станува збор за даночната политика, ставовите се дијаметрално спротивни. Политика на рамни даноци што ја протежира досегашната власт, наспроти прогресивното оданочување, како една од идеите на опонентите што се борат за промени. Ваквата состојба предизвикува дилеми, но и разединувања кај бизнис заедницата. Иако стопанствениците главно не сакаат да зборуваат околу оваа тема, сепак преовладува ставот дека политиката на ниско оданочување и цврста фискална дисциплина е подобрата опција која води кон стабилност и демотивира даночна евазија.

 

DW.COM

Реклама