Бибер: Aвторитарната пирамида во Македонија може да се урне на избори | Македонија | DW | 09.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бибер: Aвторитарната пирамида во Македонија може да се урне на избори

ЕУ и САД мора да извршат посилен притисок врз владејачката гарнитура во Македонија за да се обезбедат фер и демократски избори, вели за ДВ професорот Флоријан Бибер. Тој смета дека ЕУ нема апетит за прифаќање нови членки

ДВ: На 11 декември се закажани предвремени парламентарни избори. Исполнети ли се според Вас воопшто условите за одржување на демократски избори во Македонија?

Флоријан Бибер: Опозицијата долго време обвинуваше дека нема услови за фер и демократски избори и мислам дека тоа беше издржана критика. Прашањето е што може да се стори до ноември за тоа да се исполни. Можам да замислам дека опозицијата е подготвена повторно да се дистанцира од изборите доколку не се исполнат условите. Со други зборови, мислам дека граѓанското општество, кое беше доста активно преку Шарената револуција изминатата пролет и лето, и опозицијата ќе треба да одлучат дали можат да се одржат фер избори, и потоа доколку нема услови, тие да се откажат. Се разбира, ова постојано одложување на изборите станува гротескно, но тоа покажува и дека владејачките партии точно знаат дека паѓањето од власт не значи само губење на власта во смисла на демократска промена на власта, туку тоа претставува една реална закана за целата врхушка на власт. Тешко е замисливо дека елитата нема да заврши во затвор поради постојните сомнежи и затоа цената на изборите е многу висока. Прашањето е дали воопшто може да зборуваме за фер и демократски избори при така висока цена. Ризикот е многу голем. А тука природно се поставува прашањето: што може да ги убеди да прифатат фер и слободни избори кога ризикот дека за тоа ќе платат голема цена е висок. ЕУ има само ограничени механизми за притисок. Мислам дека од страна на ЕУ мора да се изврши посилен притисок врз владејачката партија, во координација со САД, за да се осигура дека изборите ќе бидат слободни и фер. Преговорите за тоа не можат да траат вечно. А во моментов се чини дека тоа е стратегијата на владејачката партија и на експремиерот Груевски.
Тие бараат начин вечно да преговараат. Колку подолго се преговара, толку повеќе се троши опозицијата и се исцрпува ЕУ, и се надеваат дека на крајот ќе успеат да излезат од овој маратон како единствени преживеани. Тоа не смее да се случи. Доколку такви злоупотреби и манипулации на демократските институции можат да се преживеат во Македонија, тогаш тоа ќе биде сигнал и за останатите земји во регионот: Србија, Црна Гора и други. Сите тие следат што се случува и си велат: па добро, ако ЕУ го прифаќа тоа во Македонија, зошто да не го правиме истото и кај нас.

Може ли воопшто да се победи на избори против еден „Балкански принц“, како што напишавте во една анализа, кој ги контролира сите полуги на власта и медиумите, во конкретниот случај во Македонија?

Robert Bosch Stiftung - Westbalkan und EU Integration

Флоријан Бибер

Мислам дека секој моќник може да биде поразен на избори, од една едноставна причина, затоа што таквите авторитарни системи секогаш се пирамиди, каде многумина учествуваат затоа што добиваат дел од колачот. Но во оној момент кога ќе почувствуваат дека е можен распад, го напуштаат бродот кој тоне. Мнозинството поддржувачи на таквите системи не се дел од него поради идеолошка убеденост, туку затоа што се прагматични и очекуваат придобивки. Кога некој ќе почувствува дека е можна промена на власта, сметам дека оваа пирамида на моќ е во голема опасност, затоа што многумина го губат ентузијазмот да ја поддржуваат владејачката партија во таква ситуација.

Германија одлучи да испрати свој специјален пратеник кој директно учествуваше во изнаоѓањето решение за кризата. Дали таа одлука е сигнал за поголем ангажман на Германија на Балканот, или признавање на неспособноста на ЕУ да посредува во решавањето на овој проблем?

Мислам дека е повеќе ова второто. Тоа што Германија именуваше специјален пратеник за еден ваков конфликт кој традиционално треба да биде решен од ЕУ, е всушност признание дека ЕУ не е во состојба да го реши истиот. Од една страна, позитивно е да се види дека една земја-членка ја презеде иницијативата, но во исто време тоа ги покажува слабостите на ЕУ. По правило требаше да очекуваме ЕУ да именува специјален пратеник со висок профил во овој случај, а не земја-членка. Јасно е дека една земја-членка може поедноставно да делува, и да не зависи толку од широк консензус како некој пратеник на ЕУ, но во исто време таа има помала тежина и натамошно ја ослабува ЕУ. Тоа значи дека ваквата динамика секогаш носи ризик да дојде до засилена национализација на надворешната политика на ЕУ. Тоа можеби ги решава проблемите на краток рок, но долгорочно тоа ѝ штети на веродостојноста на ЕУ. Не е идеално кога Германија се обидува самата да ги решава проблемите на Балканот, иако е земја која може да настапи со голем престиж во регионот, но ваквиот осамен пристап, според мене, не е продуктивен и ѝ штети на ЕУ.

Поради бројните кризи, ЕУ во последните го запостави Западниот Балкан. Од друга страна, ЕУ не може да врши посилен притисок врз земјите од регионот да се „дисциплинираат“ бидејќи за нив и нема реална перспектива за членство во ЕУ.

Јасно е дека скорото влегување на земјите од регионот во ЕУ е тешко замисливо. А слаб е и апетитот на Унијата за прифаќање на нови членки. Членките на ЕУ во моментов се зафатени со други проблеми. Сѐ додека Балканот е толку мирен во тој поглед нема многу да се случи. Гледаме дека политичарите во регионот многу добро ја совладаа таа дволичност. Особено во Србија каде владата постојано нагласува дека е проевропска и колку се труди околу европските интеграции, а во истовреме застапува националистички позиции. Со таква реторика можат истовремено да ги смират сите оние во ЕУ кои сонуваат за мир на Балканот и радикалите дома. Токму тоа го доживуваме во бројни земји. Тоа сигурно нема вечно да трае, но сѐ додека е ЕУ окупирана со егзистенцијални кризи, тоа е реален статус кво.

Колку ѝ е Западниот Балкан денеска воопшто важен на ЕУ?

Во моментов на регионот повеќе се гледа од перспектива на безбедноста и бегалската криза, а помалку од перспектива на интеграцијата на регионот. Постои желба да се продолжи процесот на интеграција, но нема повеќе ентузијазам за стратешката цел за пополнување на „дупките“ во рамките на ЕУ, а нема ни вистинска подготвеност да се преземат обврски околу таа цел и конечно да се реши таа тема. Мислам дека околу тоа во догледна иднина нема ништо да се менува. Особено затоа што во земјите-членки има доста такви кои сметаат дека целиот тој процес на проширување треба да се закопа. Мислам дека ЕУ тука води прагматична политика: подобро и ваков процес одошто никаков, што можеби би довело и до влошување на состојбата во регионот.

Проф. д-р Флоријан Бибер е раководител на Центарот за јужноевропски студии на Универзитетот во Грац, Австрија. Во својата научна работа главно се занимава со политичките системи на земјите од Југоисточна Европа, како и со процесот на демократизација и етнички конфликти.

DW.COM

Реклама