Бибер: Груевски или ќе биде на власт или во затвор! | Северна Македонија | DW | 27.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Бибер: Груевски или ќе биде на власт или во затвор!

ЕУ и нејзините членки треба да им се заканат на македонските власти дека нема да ја признаат владата која ќе биде избрана на недемократски избори, вели во интервју за ДВ, Флоријан Бибер, професор на универзитетот во Грац

ДВ: Откажувањето на разговорите во Виена делува како Европа да дигна раце од Македонија. Сметате ли дека од Брисел сепак ќе дојде некоја нова иницијатива?

Флориан Бибер: Сметам дека тоа е неизбежно. По амнестијата од страна на македонскиот претседател досегашните резултати од дијалогот практично беа поништени. Јасно е дека без надворешна интервенција во Македонија нема да има решение. ЕУ секогаш повторуваше дека и македонското општество мора да покаже дека сака промени. Гледаме секојдневни протести во земјата и сега не може да се каже дека македонското општество е рамнодушно кон случувањата. Прашање е каква може да биде следната иницијатива, дали ќе се оди во ист правец Европа да посредува и да каже дека двете големи партии мораат да се договорат околу решението. Мислам дека таа фаза е завршена откако претседателот (Иванов н.з.) со амнестијата се обиде да ги згасне досегашните договори. Тоа во таков случај повеќе не е посредување туку појасно мора да се искажат и закани, на пример со санкции или непризнавање на владата. Најголемо е прашањето на изборите, кога и под какви услови ќе се одржат.

Robert Bosch Stiftung - Westbalkan und EU Integration

Флоријан Бибер, професор на универзитетот во Грац

ДВ: Неофицијално се најавува дека на Македонија може да и биде одземен статусот на кандидат за членство во ЕУ и би биле воведени целни санкции против поединци. Но за сето тоа е потребен консензус на сите 28 земји-членки на ЕУ. Колку е тоа реално?

Одземањето на кандидатскиот статус би имал само симболично значење и токму тоа е слабоста на Унијата. Бидејќи Македонија веќе 11 години има статус на кандидат и тоа не ја доведе никаде поради грчката блокада. Треба да се внимава со такви сигнали всушност да не се покаже слабоста на ЕУ. Санкциите против поединци ветуваат повеќе успех. Втората можност е да се каже дека владата која би била избрана во неверодостоен изборен процес не може да биде партнер. Доколку таа закана не доаѓа само од ЕУ, туку и од државите-членки поединечно, тогаш би имала голема тежина за земја како Македонија.

ДВ: Добриот познавач на Балканот, новинарот Норберт Мапес-Нидик неодамна го напиша следното: „Доколку Европа не сака да ја прават будала, ќе мора веднаш да ги заборави трулите преговарачки трикови“ и пристапниот процес за Македонија. Би помогнало ли тоа?

Не мислам дека тоа би помогнало, иако ја разбирам позицијата. Од една страна, глума е кога ЕУ се однесува како да сака проширување, а всушност нема апетит за тоа. Но од друга страба, не гледам како тоа позитивно би се одразило доколку ЕУ порача дека не сака проширување. Треба јасно да се каже дека сегашниот модел на проширување на ЕУ повеќе не функционира, особено во случајот на Македонија која не може многу да се надева поради грчката блокада. Нештата треба така да се постават за да не биде самата ЕУ цел, туку реформите кои ги овозможува пристапниот процес. Доколку ЕУ ги преброди своите кризи кои ја тресат последниве години, процесот на проширување ќе биде продолжен за три, четири или пет години. Од него Брисел нема долгорочно да се откаже, но процесот на проширување мора повторно да се промисли и тоа треба искрено да им се каже на луѓето.

ДВ: Протестите во Македонија продолжуваат, но режимот на Груевски и натаму опстојува. Може ли тој воопшто да биде изместен од својата позиција во ситуација кога се бори за својот гол опстанок?

Во тоа е тешкотијата: Груевски нема излез бидејќи добро знае дека или ќе биде на власт или во затвор. Единственото сценарио е во одреден момент доволен број луѓе во опкружувањето на премиерот да помислат дека полесно ќе преживеат без него, отколку со него. Опстанокот на такви режими многу зависи од поддршката на партнерите и столбовите на власта. Прашање е само каде е нултата точка, односно кога станува поскапо да се поддржува власта, отколку да се оди кон промени. Важно е оние кои сториле злосторства да одговараат, но одлучувачка е промената на системот на владеење и преку избори и реформи да се најде патот до повеќе демократија. Тоа е, би рекол, поважно од кривичниот прогон на поединци.

ДВ: Како, според Вас, би изгледале следните чекори за враќање на Македонија во нормала?

Најважен предуслов е повлекувањето на амнестијата, со што повторно би му се овозможило на Специјалното обвинителство да ја продолжи својата работа. Потоа договор за избори кои би ги признале сите партии, а потоа и спроведување избори со силна набљудувачка мисија на ЕУ и детална контрола на целиот процес. Тоа би биле најважните чекори.

Флоријан Бибер е политиколог професор на Универзитетот во Грац каде го води Центарот за студии на југоисточна Европа. Важи за еден од најдобрите познавачи на Балканот во германското говорно подрачје.

Реклама