Бесмислено одмерување на силите врз грбот на народот во Венецуела | Свет | DW | 03.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бесмислено одмерување на силите врз грбот на народот во Венецуела

Обидот на Хуан Гуаидо за промена на режимот со помош на војската засега е неуспешен. Од пат-ситуацијата страдаат во прв ред граѓаните во земјата. Време е за нов пристап за решение на кризата, смета Гинтер Маихолд.

Настаните во неколкуте изминати денови во Венецуела овозможуваат бројни различни интерпретации – ситуацијата едноставно е премногу непрегледна. Но, едно нешто може со сигурност да се констатира: мерењето на силите во Каракас се одвива на грбот на населението, кое сѐ помалку гледа излез од пат-состојбата меѓу Хуан Гуаидо и Николас Мадуро и сѐ повеќе страда од политичка истоштеност.

Заслабени протагонисти

Последиците од нафтените санкции и континуираните тесни грла во снабдувањето со основни продукти ќе придонесуваат за зголемена миграција во соседните земји. Растечката фрустрација на посебен начин го погодува Хуан Гуаидо, чија стратегија во борбата за власт се потпира на мобилизирачката способност на неговото приврзеништво. Погрешното тврдење од вторникот утрото, дека важни делови од војската пребегале во неговиот табор, му наштетија на неговиот проект. И ослободувањето на Леополдо Лопез од куќниот притвор не ги натера луѓето на масовно излегување на улици. Посакуваниот нокаутирачки ефект изостана. По повеќемесечните демонстрации, се шират отрезнување и замор, сплотени со страв од насилни акции на безбедносните органи на режимот.

Обидите од Вашингтон за привикување непосредно претстоен пад на Мадуро, кај приврзениците на Гуаидо засилено ја девалвираат од нив толку високо ценетата поддршка од странство. Не изгледа дека ќе се случи нагло сменување на режимот. Се чини дека стратегијата на Гуаидо не успева. Но, и Мадуро е ослабен: во секоја прилика мора одново да врши проверка на постоењето поддршка од војската.

Günther Maihold Quadriga (DW)

Гинтер Маихолд е заменик-директор на Фондацијата наука и политика

Армијата е единствениот актер кој излегува засилен од мерењето на силите: досега можеше да се одржи како прилично автономен актер, отцепувањето на одделни делови не се покажа како релевантно. Но, со тоа е ставена во погон опасна динамика: двајцата контрахенти се борат за придобивање на армискиот врв на своја страна, при што засилено ја губат важната спојница, а генералите добиваат на значење. Во перспектива, тоа само ќе отежне политичко решение на конфликтот, а тоа е неопходно за разврзување на пат позицијата меѓу Гуаидо и Мадуро. Расте сомнителната улога на војската како гарант на секое можно реформско сценарио во Венецуела. На пример, Гуаидо и Лопез би можеле во иднина да настапат како лидерски двоец. Ваквата калкулација, во која Гуаидо би ја продолжил конфротирачката линија, а Лопез би играл умерен посредувач, би можела да донесе придвижување во тврдите фронтови.

Надминување на логиката „сѐ или ништо“

Бесплодното одмерување на силите во Каракас, кое натамошно го поларизира и раздразнува народот, може да се оконча само на политички начин. Но, двајцата ривали и понатаму типуваат на победа и поставуваат услови. Улогата на меѓународната заедница сега е на двајцата противници да им ја предочи безизлезноста од пат-ситуацијата за да ги насочи кон дијалог. Конфронтација по секоја цена оди само на сметка на луѓето, исчекувањето на заморување на протагонистите и исцрпување на народот не води напред. Германија, Европа и латиноамериканските држави мора да ја напуштат улогата на набљудувачи и не смеат да се извлекуваат од одговорноста за ситуацијата на луѓето во Венецуела. Време е за иницијатива на ниво на министри за надворешни работи заради окончување на бесмислената конфронтација во Каракас.

 

DW.COM

Реклама