Берлин: Нема дистанцирање од резолуцијата за Ерменците | Свет | DW | 02.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Берлин: Нема дистанцирање од резолуцијата за Ерменците

Германската влада го демантираше извештајот на „Шпигел“ дека ќе се дистанцира од резолуцијата за геноцидот врз Ерменците. За такво нешто не може да стане збор, изјави портпаролот на Владата, Штефен Зајберт.

Нема дистанца на германската влада од резолуцијата за геноцидот врз Ерменците, што Бундестагот ја донесе на почетокот на јуни. Портпаролот на Владата, Штефен Зајберт (на фотографијата) денеска на прес-конференција го демантираше извештајот на магазинот „Шпигел“ во кој се тврдеше такво нешто.

„Германскиот Бундестаг има право и можност да се изјасни за секоја тема, секогаш кога смета дека е тоа важно. А сојузната влада го брани тоа суверено право на германскиот парламент“, изјави тој, додавајќи дека Владата нема право да се меша во надлежностите на друг уставен орган.

Магазинот „Шпигел“ претходно извести дека германската влада планира да направи политички гест кон Турција и дека сака да се дистанцира од резолуцијата за геноцидот врз Ерменците. Со тој чекор, како што наведе „Шпигел“, владата сакала да издејствува повторно дозвола за германските пратеници да ги посетат војниците на Бундесверот кои се стационирани во Инџирлик.

Во резолуцијата, злосторствата извршени врз Ерменците во Првата светска војна се окарактеризирани како геноцид. Тоа ја налути Турција, која по донесувањето на резолуцијата во јуни не им дозволува на германските пратеници да ги посетуваат германските војници во Инџирлик. Германската армија во Инџирлик, на југот на Турција, има повеќе од 200 војници. Нивна задача е поддршка на борбата против терористичката милиција Исламска држава (ИД).

DW.COM

Реклама