Берлин ги отфрла обвинувањата на Иванов | Македонија | DW | 11.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Берлин ги отфрла обвинувањата на Иванов

Министерството за внатрешни работи во Берлин ги отфрла обвинувањата на македонскиот претседател дека немало желба за размена на податоци за џихадисти. Од владата се потенцира дека Македонија добива помош за бегалците.

Портпарол на германското Министерство за внатрешни работи денеска ги отфрли обвинувањата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов дека Македонија сакала да размена на податоци со Германија за осомничени џихадисти, но, како што вели „никој не ги сакаше нашите податоци“. Во интервју за весникот „Билд“ Иванов жестоко ја критикува Германија и вели: „Тие ни рекоа: не можеме да соработуваме со вас, вие сте трета земја, не смееме да разменуваме податоци.“

Според портпарол на Министерството за внатрешни работи во Берлин, кој е цитиран од светските агенции, ваквите обвинувања на Иванов се несфатливи, со оглед на тоа што Македонија разменува податоци преку европските полициски власти (Европол).

Од Берлин денеска доаѓа реакција и околу тврдењето на македонскиот претседател дека Македонија досега од Европа не добила пари за бегалската криза. „Веќе плаќаме за грешките на ЕУ, веќе потрошивме 25 милиони евра пари на нашите даночни обврзници, и прогласивме кризна состојба. А што добивме од Европа? Ништо! Ниту еден цент!“, изјави Иванов за „Билд“.

Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт (на фотографијата) тврди дека Германија со голем ангажман работи на стабилизирање на западнобалканските држави. Според него, само за Македонија ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година става на располагање 664 милиони евра. Освен тоа, Македонија од ЕУ има добиено 52 милиони евра за згрижување на бегалците, вели Зајберт.

Во интервјуто на македонскиот претседател за „Билд“ тој обвинува и дека Грција добива пари од Унијата, но не прави ништо за да помогне во бегалската криза. На прашањето: што ќе се случува во Грција, доколку Македонија ја затвори границата, Иванов одговара:

„Тоа прашајте ги Грците! Сега ќе добијат уште 700 милиони евра од ЕУ, тие добиваат сѐ што сакаат. Проблемот е само што со тие пари не прават ништо! Зошто нема 'жешки точки' и кампови? Можам да разберам дека на Европа ѝ е сеедно. Но нема да дозволам сега уште да бидеме прогласувани за виновни за грешките на други! ЕУ веќе не смее да ја обвинува Македонија. Ние водиме сметка за себе“.

Реклама