Белорусија – скапиот пријател на Русија | Свет | DW | 07.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Белорусија – скапиот пријател на Русија

Москва не поддржува ниедна земја толку великодушно како Белорусија. Експерти со кои разговараше Дојче веле објаснуваат на кој начин се врши поддршка, за колкава сума станува збор и колкави се загубите за рускиот буџет.

Додека Европската унија и САД ги заоструваат санкциите против режимот на белорускиот властодржец Александар Лукашенко, Русија веќе со години финансиски го поддржува својот западен сосед. На почетокот на летото Белорусија доби нова транша од рускиот кредит во висина од 500 милиони американски долари (423 милиони евра). Ист износ беше уплатен и пред шест месеци.

Однадвор ова можеби изгледа како нормален висок кредит која една земја ѝ го дава на друга и згора на тоа собира камати. Но, во белоруско-руските односи тоа е поинаку, сметаат набљудувачите: каматните товари се трупаат, кредитните задолжувања растат од година во година, а Минск без оглед на тоа добива постојано нови заеми.

Овој вид финансиска поддршка, во кој Русија буквално ја субвенционира Белорусија, постои со години. Само во периодот од 2005 до 2015 година, според наводите на ММФ, од Русија во белоруското стопанство се слеале 106 милијарди долари.

Снижени цени за нафта и гас

Економската поддршка на Белорусија со руски пари се дели на два главни тека: легален и нелегален. Ниеден пак не е пазарно ориентиран и обата одат на товар на рускиот државен буџет. Најочигледни се субвенциите во енергетскиот сектор: ниски цени за испорака на гас, како и ослободување од царини на испораките на нафта за белоруските рафинерии и за нафтените деривати од Русија.

„Во последните 20 години цената на гасот за Белорусија само двапати се приближи до цената на гасот за Европа. И во двата наврати Белорусија го стопираше плаќањето и бараше попусти“, вели Сергеј Кондратјев, заменик директор на економското одделение во Институтот за енергетика и финансии во Москва. Спред проценките на овој институт, Русија ја субвенционирала Белорусија од 2011 до 2020 година со помош на ниски цени на суровините со 35 милијарди долари кога станува збор за нафта и со 19 милијарди долари кај испораките на гас.

Русија е најдобрата белоруска банка

Друг легален тек на субвенции се евтините кредити за Минск, чиј рок на отплата Москва постојано го продолжува. И условите константно се менуваат. Најдобар пример е кредит во висина од 10 милијарди долари за изградба на белоруска нуклеарка. „Белорусија доби долгорочен грејс период како и можност за отплата по намалена стапка. Такви услови Белорусија не би можела да добие на отворен пазар“, истакнува Кондратјев.

Нејасно е како ќе се трошат руските кредити, Минск ги користи според сопствено наоѓање. Богдан Беспалко, член на Советот за меѓуетнички врски во Претседателството на Руската Федерација се сомнева дека новите кредити се користат за покривање на старите. „Голем дел од последната транша од 500 милиони долари дефинитивно ќе биде употребен за да се покријат кредити кај руските концерни“, вели Беспалко. 

-повеќе: 

САД го казнуваат Лукашенко, Путин му дава поддршка

Инцидентот во Белорусија: Лукашенко е губитник, Путин - добитник

Путин не може без Белорусија, но може без Лукашенко

Трет важен легален механизам за поддршка на белоруската економија се преференцијални услови за пристап кон рускиот пазар. Другите партнерски земји на Русија во рамките на Евроазиската економска унија не уживаат такви повластици како белоруските фирми. Набљудувачите веруваат дека тоа е она што овозможува постоење на цели сектори на белоруската индустрија, првенствено во прехранбената и машиската индустрија. Според проценките на московскиот Институт за енергетика и финансии, преференциите  за пристап кон рускиот пазар, покрај кредитите со ниски камати, на белоруската економија ѝ донесле околу 11 милијарди долари од 2001 до 2020 година.

Russland Vernichtung westliche Lebensmittel Sanktionen Importverbot

Уништување нелегално внесена стока од ЕУ во Русија

Цигари во ѓубриво

Постојат и други финансиски текови со кои се поддржува Белорусија, но тие не се на такаречи доброволна база од руска страна. Овие текови се многу помали од легалните, но исто така нанесуваат штета на државниот буџет на Русија. Станува збор за криумчарење, овозможено со укинување на граничните контроли и фаворизираниот статус на Белорусија. Тука се вбројува и увоз на производи од Европската унија, кои се под контрасанкции на Русија. Во Белорусија им се менуваат етикетите, се опремуваат со лажни царински документи и се транспортираат натамошно во Русија. Покрај тоа, стоката се шверцува без плаќање данок на потрошувачка.

„Притоа, тука заработува само Белорусија. Еден пример се белоруските цигари, товар од околу милион кутии се внесува во Русија без акцизи. Омилен начин е цигарите да се транспортираат скриени во минерално ѓубриво“, вели Кондратјев. Сѐ на сѐ, штетата за Русија поради илегален увоз на тутунски производи од 2011 до 2020 изнесувала околу 2,6 милијарди долари, а поради увоз на стока која е под санкции, од 2014 до 2020 околу 4,2 милијарди долари.

Друг извор на приходи на Минск е конфискација на имот на руски претприемачи во Белорусија. Најпознат пример е Белгазпробанк од 2020 година.

„Со воспоставување привремена управа дојде до масивен одлив на депозити и имот, што нанесе штета на руските акционери. И тоа не е осамен случај. Познати ни се случаи на запленета стока на руски испраќачи, која била само во транзит низ Белорусија“, вели Кондратјев.

„Русија не поддржува ниедна друга земја на таков начин како Белорусија. Но, тука е во загуба државниот буџет на Русија. Истовремено  не може да се рече дека овој начин на поддршка на белоруската економија е омилен и дека средствата ефикасно се користат. Напротив, гледаме постојана стагнација“, вели Богдан Беспалко.