Белене ќе почека, Македонија ќе инвестира во грчка гасна електрана | Економија | DW | 24.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Белене ќе почека, Македонија ќе инвестира во грчка гасна електрана

Државата времено се откажува од инвестирање во бугарската нуклеарна централа Белене и се насочува кон грчката гасна електрана во Александрополис. Од владата велат дека можноста за соработка со Бугарија останува.

Грчката електрана Александрополис има поголеми изгледи да се реализира во поскоро време отколку бугарскиот проект за нуклеарна централа Белене. Со реализација на оваа инвестиција се очекува да се подобрат перформансите на компанијата во поглед на стабилно производство на електрична енергија. Со вакво образложение генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски информираше дека државата времено се откажува од инвестирање во бугарската нуклеарна централа Белене и се насочува кон грчката гасна електрана во Александрополис

„Времено се откажуваме од планираната инвестиција во нуклеарната централа во Белене, Република Бугарија и се насочуваме кон можноста да инвестираме во гасна електрана во близина на гасниот терминал во Александрополис, Република Грција. Електрана со инсталирана моќност до 800 мегавати во која нашата држава преку АД ЕСМ би имала сопственост од 25 проценти и до 200 мегавати со што значително ќе се подобрат перформансите на компанијата во поглед на стабилно производство на електрична енергија“, рече Ковачевски. 

Од владата објаснуваат дека остануваат отворени, во иднина, да го продолжат учеството и во други регионални соработки на полето на енергетиката, што не го исклучува и Белене. Со оглед на тоа што Скопје изрази интерес за проектот Белене уште во 2019 година, останува при евентуално придвижување на овој проект, соработката да продолжи, велат од Владата. Оттаму дополнуваат дека во проектот Александрополис учествува и Бугарија. 

Бугарија само одложува

Од бугарска страна за Белене досега неколкупати имало најави и одложувања, но нема никаква најава за почеток за таа електрана. Поради тоа македонските власти донесоа одлука да се насочат кон други проекти, конкретно кон комбинираната гасна електрана во индустриската зона во Александрополис, Грција, за која сметаат дека има повеќе шанси да се реализира во разумен рок. Во Владата се формирани работни групи кои треба да координираат околу прашањето за идната инвестиција на земјава во Грција. Во август 2019 година, АД ЕСМ по насоки од Владата испрати писмо со намери до Бугарија за вложување во Белене.

Дел од експертите критикуваат дека во услови на криза, многу подобро е парите да се трошат дома, за енергетски проекти кои ќе отвораат и работни места. Како пример ја посочуваат ТЕЦ Неготино која не работи, а со мала инвестиција може да се приспособи за производство со гас.

 

DW.COM

Реклама