Белгија се наоѓа пред „корона-цунами“ | Свет | DW | 20.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Белгија се наоѓа пред „корона-цунами“

Белгија е меѓу земјите кои се најтешко погодени од втор бран на коронавирус. Владата се обидува да ја стави ситуацијата под контрола со затворање на локалите, работа од дома и обврска за носење маски, луѓето се скептични

Столиците на терасата во „Садр Нор" засега нема веќе да бидат потребни, угостителот Ариас затоа ги товари во комбе. Нивното семејно кафуле во бриселскиот кварт Шарбек е собиралиште за романските занаетчии и работници кои живеат во околината. По крајот на работното време, тие сега мора да пијат дома, исто како и редовниот муштерија, постариот господин кој секогаш доаѓа со неговото куче. „Веќе е крај? Морате да затворате", прашува тој. „Владата така нареди, засега четири недели, но кој да знае..." одговара угостителот.

„Преземаат нешто без точно да знаат дали е тоа добро", претпоставува Ариас, кој не сака да биде наведен со полното име. Политичарите ги има фатено паника, смета тој. Притоа, сопствениците на ресторани летоска беа принудени на дополнителни инвестиции, насекаде да вградуваат преградни пластични ѕидови, надвор да монтираат шатори за гостите да ги заштитат од корона и дожд. Власта ќе додели извесна сума пари поради затворањето на локалите, но тие доаѓаат доцна и едвај ќе ги покријат кириите. Дали гастрономите ќе го преживеат овој втор „локдаун" годинава и ќе можат ли идната година повторно да отворат? „Надежта умира последна", филозофски одговара угостителот.

На другиот агол на улицата, еден бар уште минатиот викенд кренал раце. „Жалиме, затворено е", стои лапидарен натпис на вратата. И гостилницата отспротив, каде се среќаваат граѓаните и вработените од блискиот европски кварт, кои подобро заработуваат, исто така веќе не може да ги привлече гостите со рекламите: „Свежи школки". Понатаму, во градскиот центар, една стара бриселска пивница која нуди и традиционални јадења, преку ноќ е претворена во антикварница.

Експертите стравуваат од катастрофа

Белгија постојано бележи нови рекордни бројки на заразени. Во периодот меѓу 9. и 15. октомври дневно се регистрирани просечно по околу 7.900 новоинфицирани. Речиси 2500 пациенти се во болниците, преку 4.000 на одделенија за интензивна нега.

„Навистина се наоѓаме кратко пред цунами", изјави министерот за здравство Франк Ванденбрук. Валонија и Брисел се најтешко погодени региони во цела Европа: „Засега уште држиме контрола, но со енормни тешкотии", вели министерот, свесен дека наскоро контролата може да биде загубена. Вработените во здравството повторно работат во исклучително стресни услови. Ако бројките растат со исто темпо и натаму, ќе мора да бидат прекинати останатите лекарски интервенции, што е исто така многу опасно.

Ванденбрук има само една порака до Белгијците: „Чувајте се себе си и вашите блиски!". Кон задолжителната обврска за носење маска во продавниците и градскиот превоз, доаѓа и барањето - граѓаните да контактираат само со уште едно лице настрана од сопственото семејство. „Никој не е виновен за овој вирус", истакнува министерот во одговор на обвинувањата дека претежно младите луѓе, поради недоволна внимателност, придонесуваат за ширење на вирусот. „Ова нѐ засега сите нас, мора да ја држиме ситуацијата под контрола".

Работата од дома, препорача владата, повторно станува правило секаде каде е тоа можно. Но, продавниците, музеите и училиштата остануваат отворени. Ванденбрук отфрла и целосен полициски час со почеток од 21 часот, каков што важи во Франција од викендот: „Не сакаме да ја парализираме цела земја. Постојат два непријатели: вирусот и самотијата, депресијата." Во Белгија луѓето барем уште можат ноќе да одат на прошетки.

Регионални конфузии

Без оглед на овие изјави, белгиските регионални и општински раководства не се единствени околу поединечните мерки. Во еден град на пример е воведена општа обврска за носење маски, која во соседните градови веќе не важи. Затоа централната влада ангажираше „корона комесар", кој треба да ги унифицира противречните регионаллни правила и да одржува контакт меѓу различните нивоа на власта.

Повеќе:

Корона-криза: ЕУ ќе функционира во зелено, портокалово и црвено

Корона-апликација за ЕУ со дупки

Коронавирус: Може ли Европа да избегне втор целосен карантин?

ЕУ планира првична вакцинација од коронавирус на 40% од населението

„Полошо е отколку на 18 март, кога објавивме целосен локдаун", вели премиерот Александер де Кро. Сега постојат трипати повеќе случаи на одделенијата за интензивна нега од тогаш, ситуацијата во болниците е тензична: „Таа ќе биде уште полоша", стравува премиерот. Неговите статистичари предвидуваат дека во средината на ноември веројатно сите расположиви 2.000 кревети за интензивна нега во Белгија ќе бидат пополнети.

Болниците пред колапс

Колку сериозна може да стане ситуацијата во болниците покажува краткотраен штрајк во болницата „Еразмус" во Брисел во понеделникот. Околу 60 лекари и негуватели се пожалија дека ни по првиот бран на корона пролетоска, немаат добиено дополнителен материјал, а ниту дополнителен персонал.

„Ние ќе испопаѓаме како муви", изјави една од организаторите на штрајкот за ТВ РТЛ. „Мораме да продолжиме со работа дури и кога сме позитивни на тест и имаме температура", објаснува негувателката Лајла, која исто така не сака да го каже целосното име. На ваков начин медицинарите ги заразуваат пациентите и своите семејства.

Вработените во „Еразмус" се револтирани поради неисполнетите ветувања од пролетоска: „Тогаш навечер сите ни аплаудираа", се присеќава Лајла, но не се вработени дополнителни негуватели. Лекарот Жан-Мишел Огарди, шеф на одделение, се солидаризирал со штрајкувачите: „Итно ни е потребен дополнителен персонал, за пациентите со корона, но и за останатите", вели тој. Првите болници во Белгија, како онаа во Лиеж, веќе објавија дека се полни. Многумина во белгиското здравство имаат впечаток дека се оставени сами на себе од страна на политиката. Чувството дека некои од горчлиите лекции од првиот „локдаун" во пролетта не се уште научени е присутно кај многумина.

 

Реклама