(Без) промени во Грција | Свет | DW | 29.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

(Без) промени во Грција

Грчкиот премиер Алексис Ципрас изврши реконструкција на неговиот кабинет, но дали тоа ќе значи свеж ветар за владејачката партија Сириза, е отворено прашање.

На прв поглед не се менува ништо значајно: министерот за финансии, Еуклед Цакалотос, задолжен и за политиката на штедење, останува и натаму на функцијата, исто како и шефот на дипломатијата, Никос Коѕијас. И министерот за одбрана, Панос Каменос, лидер на деснопопулистичката партија Анел, која обезбедува мнозинство за левичарскиот премиер Ципрас, се чини седи цврсто во седлото.

Но, при повнимателно посматрање, видливи се измените во атинската персонална политика: досегашниот министер за внатрешни работи Панос Скурлетис, еден од најмоќните актери во владејачката левичарска партија и потенцијален противиграч на Ципрас, мора да ја напушти владата и веднаш се префрла на партиска работа. Негов наследник на функцијата е Алексис Харицис, претставник на новата генерација умерени левичарски политичари.

Внимание предизвика исто така и одлуката на премиерот да внесе повеќе жени во кабинетот, со претходно искуство во работата на владата, иако не во неговата, туку во претходните, предводени од етаблираните партии, од Ципрас всушност омразени.

Жени во владата

Најпознат нов член на реконструираниот кабинет на Ципрас е Марилиза Ксенојанакопулу, порано министерка за здравство и заменик-министер за надворешни работи во социјалистичката влада на Јоргос Папандреу. Нејзе ѝ се придружува и уште една екс-социјалистичка министерка за култура.

На нив се надоврзува и Катерина Папакоста, поранешна министерка за здравство во конзервативната влада на премиерот Антонис Самарас и сегашна основачка на патриотска отцепена партија со необично име - „Новиот грчки подем“.

Дали ова личи на нов почеток? „Да не си правиме илузии, со стар материјал човек тешко може да направи нешто ново“, коментира Димитрис Циодрас, новинар и екс-владин портпарол, денес ангажиран за либерална партија, критички настроен кон Ципрас. Циодрас во новата атинска влада гледа збунувачка мешавина од застарени левичарски политичари и самонаречени блиски до народот конзервативци. Како дополнување доаѓаат и поранешни министри од Пасок. Резиме: „Ова дефинитивно не е влада за иднината“.

Повеќе: 

Ципрас: Крај на грчката „Одисеја“

Втората шанса за Грција

Последна резерва пред изборната битка

Погледот на Ципрас веројатно е насочен специјално кон непосредната иднина. Зашто, најдоцна есента во 2019. година во Грција ќе бидат одржани нови избори и со оглед на актуелните ниски вредности во анкетите, на левичарскиот премиер ќе му биде потребен вистински секој глас. Отворањето кон левиот центар доаѓа токму во вистински момент.

„Токму овој тим треба да влезе во изборна битка. Не верувам дека во скоро време ќе следи натамошна владина реконструкција“, изјави аналитичарот Павлос Цимас за ТВ Скај. Свртувањето на Ципрас кон изборен модус го потврдува и селењето на досегашниот министер за внатрешни работи Скурлетис, искусен партиски војник, на шефовската позиција во Централниот комитет на Сириза. „Тој треба да ја протресе и разбуди левичарската партија и да ја доведе повторно во изборна подготвеност“, објаснува Цимас.

За политикологот Јоргос Цогопулос едно нешто е непобитно: Ципрас уште летово ќе се ставеше на изборна проверка да не беа катастрофалните пожари во близина на Атина на крајот на јули. Со оглед на 97-те жртви во огнената катастрофа и жестоките антивладини протести, изборите засега се одложени.  

На почетокот на август мораше да поднесе оставка навидум неактивниот министер за цивилна заштита, Никос Тоскас и да преземе политичка одговорност за недоволната координација на надлежните служби. Преземењето на оваа тешка работа од страна на енергичната Олга Геровасили е исто така порака до гласачите: „Ја научивме лекцијата“. Крајно, владината реконструкција не е сепак ништо друго освен комуникациски трик, констатира Цогопулос.

Griechenland Mati - Alexis Tsipras besucht Waldbranndgebiet (Reuters/Greek Prime Minister's Press Office)

Ципрас во обиколка на опожарениот регион

Изборни подароци за народот

Останува уште прашањето дали новата влада на Ципрас ќе ја олабави својата политика на штедење во идните месеци, за да добие поени кај избирачите со социјални добродетелства. Политичари на Сириза изминативе недели предизвикаа внимание со изјави дека со кредиторите за 2019. година договорените кратења на пензиите, можеби сепак нема да се случат. Ципрас досега уште е воздржан на оваа тема.

Цогопулос смета дека Ципрас нема да може да одбегне делење понекој изборен подарок, дотолку повеќе што Грција бележи јасен суфицит во државниот буџет, но без да се сметаат каматите за кредитите. „Повикувајќи се на овој суфицит, политичарите од Сириза сакаат да се изостават кратењата на пензиите или барем да предизвикаат впечаток дека се борат во таа насока“, вели политикологот.

Според медиумски извештаи, Ципрас би можел во следните денови да навести даночни олеснувања и покачување на минималната плата. Дали кредиторите ќе дадат согласност за таков чекор, е сосем неизвесно. Тие во секој случај имаат можност отворено да го кажат своето мислење, зашто на 10. септември евро-контролорите повторно ќе ја посетат Атина.

Грчките доверители очигледно не сакаат толку брзо да ја препуштат контролата врз грчките финансии, иако високозадолжената земја во август успешно ја затвори својата програма за финансиски спас.

 

DW.COM

Реклама