Без победници на изборите во Хрватска | Свет | DW | 13.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Без победници на изборите во Хрватска

Иако на прв поглед делува дека резултатите од предвремените парламентарни избори во Хрватска наликуваат на оние од минатата есен, гласачите сепак покажаа дека сакаат промени, смета Андреа Јунг-Грим.

За почеток добрата вест: и покрај силниот впечаток за заживување на усташтвото во Хрватска изминатите месеци, крајно десните партии на овие избори постигнаа резултати кои можат да се мерат во категоријата статистичка грешка. За тоа е заслужна и одлуката на ХДЗ под раководство на Андреј Пленовиќ за самостојно излегување на изборите, без десничарски приврзоци, и со тоа се оневозможи влез на екстремната десница во Саборот.
И иако на прв поглед делува дека изборните резултати наликуваат на оние од минатата есен, гласачите сепак покажаа дека сакаат промени. Заситени од хушкачката реторика и враќањето во поблиското и подалечното минато, предност му дадоа на помирливиот и умерен Пленковиќ, а своето незадоволство со етаблираните партии го искажаа со давање неочекувано големо доверба на партијата Жив ѕид- која многумина ја доживеаја единствена алтернатива на веќе виденото.

Грешката на Милановиќ

Предизборната кампања главно се сведе на соочување на двајца политичари кои делуваа како да треба да ги заменат партиите со кои раководат. За разлика од Пленковиќ кој се ослободи од десничарскиот товар, претседателот на СДП Зоран Милановиќ очигледно процени дека изборите се одлучуваат кај десницата, па тргна во лов по нејзините гласачи. Очигледно згреши во проценката. Веројатно тоа и одби дел од досегашните гласачи на СДП.

Andrea Jung-Grimm

Андреа Јунг-Грим

Милановиќ непромислено ја прокоцка големата предност која му ја подарија Карамарко и неговата екипа на чело на ХДЗ. Тој не сфати дека промената на политичкиот противник бара и промена на предизборната тактика.

Премалку за соседите

За жал, во предизборната кампања премалку се говореше за нужните стопански и социјални реформи, како и за односите со соседните земји, кои се од витален интерес за Хрватска. Без разлика што е членка на ЕУ, Хрватска географски останува каде што беше, опкружена со истите држави.
Таа тема единствено беше начната по објавувањето на несреќените изјави на Милановиќ дадени на неформалниот состанок со хрватските бранители. Шефот на социјалдемократите на тие снимки Србија ја нарече „шака јад“, а за БиХ дека не е вистинска држава туку „големо ср...е“.

Сега, откако ќе се пребројат резултатите, следуваат нови коалициски преговори. ХДЗ е изборен победник, но не може да состави влада без трета опција. Мост веќе постави јасни услови од кои овојпат тешко ќе отстапи затоа што на коцка е неговата веродостојност. Теоретски и СДП би можел да тргне во формирање мнозинство, но мала е веројатноста за постигнување на така широк консензус. На крајот, како нужно зло, би можела да се формира и голема коалиција, но неа ниту еден од потенцијалните партнери не ја посакува.
Пред нас се нови макотрпни преговори за формирање Влада. Или нови избори.

DW.COM

Реклама