Безредија на антиизраелските протести во Франција | Европа | DW | 27.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Безредија на антиизраелските протести во Франција

Во протестите во Париз против израелската воена акција во Појасот Газа дојде до судири. Демонстрациите не беа одобрени, а полицијата уапси над 70 лица. Во Германија протестите поминаа мирно.

Во рамките на насилните судири со демонстрантите полесно се повредени 12 полицајци, соопшти синоќа (26.07.2014) француското министерство за внатрешни работи. Врз полицајците биле фрлани камења, а тие, пак, употребиле солзавец за да ја растурат масата демонстранти.

Кај уапсените демонстранти било најдено и запленето „опасно оружје“, меѓу другото пендраци и метални синџири. И покрај забраната на протестите, според владини информации, на централниот Плоштад на Републиката во Париз се собрале околу 4.000 луѓе. Организаторите на пропалестинскиот собир објавија дека биле собрани над 10.000 учесници.

Демонстрантите вееле палестински знамиња и извикувале пароли како „Израел, надвор од Палестина, ерата на доселенички населби заврши“, „Израел, замини, Палестина не ти припаѓа тебе“. Многумина учесници биле завиткани со палестински шалови на главите. Проследено со аплауз, неколку млади луѓе запалиле израелско знаме.

Париската полциска префектура одби да издаде дозвола за демонстрациите поради опасноста од нарушување на јавниот ред, откако минатиот викенд на маргините на пропалестинските протести дојде до антисемитски инциденти. Забраната беше потврдена и од највисокиот Управен суд на Франција.

Пропалестински демонстрации беа одржани и во други француски градови, но без инциденти.

Без антисемитски пароли

Во повеќе градови во Германија стотици луѓе протестираа исто така против израелската офанзива во Појасот Газа и бараа трајно примирје. Бројот на учесници на одделни собири беше значително помал од очекуваното. Според извештаите, за разлика од демонстрациите минатите денови, овојпат не биле употребувани антисемитски пароли. Демонстрации имаше во Минхен, Гизен, Франкфурт, Хамбург и други места.