Безидејното шоу на Путин | Свет | DW | 16.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Безидејното шоу на Путин

Рускиот претседател во своето 15. „прашање-одговор“ ТВ-шоу на сонародниците не им понуди никаква визија за иднина. Тоа, со оглед на протестното расположение во земјата, нема да остане без последици, оценува Јури Решето.

Досадата е најголем убиец. Така е во љубовта, но и во политиката. Тоа беше поука за Русите по распадот на Советскиот сојуз. По долгогодишна стагнација, првпат се случи потрес. А, кој не се снајде навреме и не реагираше како што треба, беше прегазен од времето и промените.

Оттогаш, на најголемата земја на светот не ѝ е здодевно: турбокапитализам и управувана демократија, правосудни скандали и корупција, човекови права и хомофобија, Крим, Сирија, Донбас. Но, дури и наводните постигнувања на една држава и победите на еден претседател не можат да го решат проблемот на досада, ако тој претседател е предолго на власт.

Затоа, рускиот претседател Владимир Путин, во неговиот де факто петти мандат, би морал да се менува. Некако и некогаш. Не баш сега, на десет месеци пред претседателските избори. На нив би можел да победи и вака, доколку не се случи нешто исклучително, зашто шефот на Кремљ е популарен и натаму. Но, подоцна ќе мора да се менува. Кога ресурсите ќе се исцрпат, кога земјата и елитите ќе бидат уште повеќе изолирани во меѓународни рамки и кога денешните ученици и студенти, кои во сѐ поголем број протестираат на улиците, ќе го грабнат кормилото со цел да го сменат концептот.

Никој не прашува за иднината на земјата

Проблемот на Путин, меѓутоа, се состои во тоа што тој веќе има кажано сѐ што може да се каже. Во тоа што многу негови „идеи за напредок и обнова“ во меѓувреме се колку гласно изговорени, толку тивко закопани. Диверсификација на економијата? Такво нешто веќе имавме. Модернизација на правосудниот систем? Војна против тероризмот? Путиновата политика за Крим и „Ура-патриотизам“? Сето тоа веќе нема ефекти.

Rescheto Juri Kommentarbild App

Јури Решето

Наместо тоа, Владимир Путин во своето ТВ-шоу на прашања и одговори во оваа 2017 година делуваше едноставно... како што делуваше и во 2016, 2015 и.т.н. - добар со бројки, празен со идеи. По повеќечасовен „контакт со народот“ и речиси два милиона пристигнати прашања од токму тој народ, не само што изостана прашањето за кандидатура на Путин на претседателските избори во 2018-та, туку пред сѐ прашањето за иднината на земјата. Ни помалку ни повеќе. Без визија, без стратегија и без идеја за тоа што Русија сака да ѝ понуди на својата младина, на која и ѝ припаѓа иднината на земјата. Младина која станува и сѐ понезадоволна од својата држава и својот претседател и која се гледа принудена да ги брани своите шанси за иднина на улица.

Неспособен за дијалог

Уште поостри казни и уште повеќе апсења по масовните апсења од последните денови? Во Москва, Санкт Петербург, Владивосток и Новосибирск... Веќе не игра улога кој кого го испровоцирал минатиот викенд во рускиот главен град: државата го испровоцирала опозициониот лидер Навални, со тоа што ставила под огромен притисок, или провоцирал политичарот со тоа што ги свртел масите народ на место за кое немало дозвола. Вистински важната лекција од протестите гласи: државата со својата моќ не е во состојба да води каков и да е позитивен дијалог со населението, пред сѐ со младите.

Протестите од 12 јуни покажаа: острината не помага. И покрај бесмислените и делумно брутални апсења по протестите на 26 март, минатиот викенд на улиците повторно излегоа десетици илјади незадоволни Руси. Државата веќе ја нема ситуацијата под контрола. Напротив, на харизматичниот опозициски политичар и познат критичар на Путин, Алексеј Навални, му успеа да ја искористи ситуацијата во своја полза и дури и да ги прошири протестите и во други градови, вклучително и во места каде последен пат протести имало во 1905 година.

Но, претседателот за тоа не рече ништо. Претседателот на една европска земја која старее, во која значаен дел од младите живеат со истите вредности и стандарди како и нивните врсници во остатокот на Европа и САД и кои веќе само поради својот начин на живот ги отфрлаат познатите традиционални вредности на кои сака да ги принуди мајкичка Русија. Игнорирањето на таа младина може да биде опасно за власта. Зашто, кој не реагира навреме и соодветно...

DW.COM

Реклама