Рекорден број на раселени лица и покрај пандемијата | Свет | DW | 19.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Рекорден број на раселени лица и покрај пандемијата

По повод Светскиот ден на бегалците - 20 јуни, Обединетите нации побараа акција од меѓународната заедница за да се спречи трендот на раст на бројот на луѓе кои бегаат од конфликти и прогон и покрај пандемијата .

ООН повика на акција по зголемувањето на бројот на луѓето кои бегаат од конфликти и прогонства и покрај пандемијата на Ковид-19. Светските лидери повикаа да ги засилат напорите за мир, стабилност и соработка.

Според извештајот „Глобални трендови“ на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови поради прогон, конфликти, насилство и кршење на човековите права е зголемен на околу 82,4 милиони. Извештајот, објавен во Женева, повикува да се запре глобалниот тренд на бегство и на раселување предизвикани од насилство и од прогон, кој трае речиси една деценија.

Новообјавената вкупна бројка е поголема за 4 отсто во однос на претходната година, кога на крајот на 2019 година беше забележан пикот од 79,5 милиони бегалци. Големото мнозинство од бегалците низ целиот свет се прифатени од земји кои граничат со кризни области и со ниски и средни примања. Најнеразвиените земји во светот се домаќини на 27 отсто од светските бегалци.

Зад секој број стои раселена личност

На крајот на минатата година, 20,7 милиони бегалци биле под мандат на УНХЦР, имало 5,7 милиони палестински бегалци и 3,9 милиони Венецуелци кои ги напуштиле своите домови. Овие бројки претставуваат благо зголемување во однос на 2019 година. Уште 48 милиони луѓе се раселени во рамки на нивните земји, додека 4,1 милиони се баратели на азил. Овие бројки покажуваат дека и покрај пандемијата и повиците за глобален прекин на огнот, конфликтите продолжуваат да ги принудуваат луѓето да ги напуштаат своите домови.

Повеќе:

-Мигранти во Сеута: Драматично спасување на бебе од морето

-Белград: Деца-бегалци на улица

-Германска дилема - „бегалци или пребегани“?

Високиот комесар за бегалци Филипо Гранди вели дека зад секоја од овие бројки „стои лице раселено од сопствениот дом и приказна за бегство, искоренување и страдање“. „Секој поединец го заслужува нашето внимание и поддршка - не само преку хуманитарна помош, туку и преку изнаоѓање решенија за да се стави крај на нивната мака“, рече Гранди. Гранди вели и дека и покрај тоа што Женевската конвенцијата за бегалци од 1951 година и Глобалниот договор за бегалци се законски рамки и алатки за да се одговори на раселувањето, „потребна е многу посилна политичка волја за решавање на конфликтите и прогоните кои ги принудуваат луѓето на бегство“.

Schweiz Filippo Grandi Flüchtlingskommissar UN

Филипо Гранди, комесар за бегалци на ОН

Затворени граници во екот на падемијата

Извештајот, исто така, открива дека во екот на пандемијата во 2020 година, повеќе од 160 земји ги затвориле своите граници, додека 99 земји не направиле исклучок за луѓето кои барале меѓународна заштита. Но, со подобрување на мерките, како на пример медицински прегледи на границите, здравствени сертификати или привремен карантин по пристигнувањето, поедноставени процедури за регистрација и сослушувања преку видео врска, повеќе земји пронајдоа начини да гарантираат пристап до азил додека се ширеше пандемијата. Во текот на минатата година, 33.800 бегалци добија државјанство во земјата во која престојуваа.

Меѓутоа, раселувањето, приемот на бегалци од небезбедна прва земја домаќин во безбедна трета земја, забележа драматичен пад. Прифатени се само 34.400 апликации за преселување - што е најниска бројка во последните 20 години. Тоа е поради бројот на значително помалку достапни места за преселување и поради пандемијата. Гранди вели дека оние кои управуваат со судбината на светот и имаат влијание мора „да ги остават настрана меѓусебните разлики, да ги напуштат себичните пристапи во нивната политика и наместо тоа да се фокусираат на спречување и решавање на конфликтите и да гарантираат почитување на човековите права“.

Повеќе деца родени како бегалци

Според извештајот, децата се особено погодени за време на кризи со раселување, особено ако нивното раселување се одолговлекува многу години.

ОН проценуваат дека речиси еден милион деца се родени како бегалци помеѓу 2018 и 2020 година. Покрај тоа, 42% од раселените лица се девојчиња и момчиња на возраст под 18 години.

Многу од нив се изложени на ризик да останат во егзил во следните години, некои потенцијално до крајот на животот.

„Трагедијата на толку многу деца родени во присилен егзил треба да биде доволна причина за значително зголемување на напорите за решавање на конфликтите и насилството“, рече Гранди.

Бројот на бегалци во Германија значително опадна

Бројот на пристигнувања на мигранти во Германија се намали значително четврта година по ред, на само 102.600.

Земјата беше третиот по големина домаќин на бегалци во светот со речиси 1,5 милиони, а Турција е најголем домаќин со 3,7 милиони бегалци. Колумбија беше втора со повеќе од 1,7 милиони, вклучувајќи ги и Венецуелците раселени во странство.

„Додека на глобално ниво ситуацијата станува сѐ подраматична, во Германија и во Европа бројките повторно значително се намалуваат четврта година по ред“, истакна претставничката на УНХЦР во Германија, Катарина Ламп.

Ламп вели дека Европа треба да го искористи овој период на помалку пристигнувања на мигранти за да развие сигурен концепт за соодветна дистрибуција на пристигнатите баратели на азил и тогаш „системот на фер споделување на одговорноста може да биде закотвен во Европа “