Бегалците преку Белорусија пристигнуваат до Летонија и Литванија | Свет | DW | 15.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бегалците преку Белорусија пристигнуваат до Летонија и Литванија

Мигрантите од Белорусија навлегуваат и во Летонија и во Литванија. Земјите се сложни околу отфрлањето на политичките маневри на Лукашенко, но не и околу примањето бегалци.

Ограда од бодликава жица низ шумите: Литванија подига ограда по должина на границата со Белорусија

Ограда од бодликава жица низ шумите: Литванија подига ограда по должина на границата со Белорусија

Сѐ подраматични се вестите од полско-белоруската граница. „Во ноќта кон саботата во шумата кај Волка Тереховска пронајдени се посмртните останки од 20-годишен Сириец. Сѐ уште не е утврдена причината за смртта", се вели во вестите на телевизијата ТВН која се повикува на полските погранични служби.

На истото место во исто време околу 100 лица се обиделе илегално да ја преминат границата. Обидот бил спречен, се вели во прилогот, без натамошни појаснувања. Освен тоа биле уапсени украински и полски криумчари на луѓе кои во автомобили пренесувале бегалци во правец Германија.

Дневните извештаи на полските граничари со месеци звучат речиси идентично. Полската влада распореди дополнителни полициски и единици на војската во регионот каде експресно беше поставена провизорна бодликава ограда

„Во првите редови" 

Во белорускиот пограничен регион кон Полска според полски извори има околу 4 илјади лица, повеќето од Ирак, Сирија и Авганистан. Постојано има обиди да се урнисаат граничните огради.

Претседателот на Полска, Анджеј Дуда ги посети војниците во саботата за да им оддаде признание за нивниот ангажман. Тој рече дека „тие ја бранат Полска во првите редови”.

Karte - Belarus und Anrainerstaaten - DE

Слична е ситуацијата на литванско-белоруската граница. Изминатите недели од литванската гранична служба регистрирани се стотици илегални преминувања на границата. Од почетокот на годината повеќе од 4 илјади лица ја преминале илегално границата од Белорусија кон Литванија. Повеќе од 6 илјади лица биле вратени од страна на литванските граничари.

Повеќе: Белоруско-руски воени маневри близу границата со Полска

Во Литванија при оценување на состојбата според политикологот Анджеј Пукто има широк консензус меѓу власта и опозицијата дека главен виновник за кризата е Александар Лукашенко. 

Колку бегалци може да прифатат Литванија и Летонија? 

Сепак во дебатата околу тоа во колкав обем треба да биде помошта која Литванија ќе им ја пружи на мигрантите, има различни мислења. „Во Литванија има многу сиромашни луѓе кои живеат дури и под прагот на бедата,“ вели политикологот од Универзитетот во Каунас.

Според официјалната статистика во 2020 година тоа биле 20% од населението. „Затоа и се води дебата околу тоа колку мигранти и бегалци треба да се примат во земјата.“  Анджеј Пукто нагласува дека досега во Литванија немало поголеми протести или демонстрации против бегалци.

И во Летонија постои консензус околу прашањата за миграција, вели Јуриј Розенвалдс, социолог и професор на летонскиот универзитет во Рига. Тој ја посочува едногласно донесената одлука во парламентот за воведување на вонредна состојба која е на сила од 11 август.

Според Розенвалдс прифатени се најмалку 400 бегалци кои до средината на летото ја поминале летонско-белоруската граница. „Во изминативе месеци на најмалку 60 лица, најголем дел жени и деца, им е дозволен влез во земјата од хумантирани причини,“ објаснува тој.

На чекор, а сепак безнадежно далеку од ЕУ: мигрантите на белоруско-полската граница

На чекор, а сепак безнадежно далеку од ЕУ: мигрантите на белоруско-полската граница

„Проклето тешко“ 

Летонскиот политичар Борис Цилевич, претседател на Комисијата за човекови права во парламентарното собрание на Европскиот совет, го опишува изборот на владата во Рига - од една страна мораа да спречат илегално преминување на границата, но истовремено и да ги исполнат меѓународните обврски за заштита на човековите права. Според него ова е „проклето тешко“.

За разлика од Литванија и Летонија политичката дебата во Полска е прилично вжештена. Таму политичарите од сите партии се сложни дека одговорноста за кризата е кај белорускиот моќник Лукашенко. Но, дел од опозициските партии прашуваат зошто Варшава ја одбива понудената помош од ЕУ за заштита на границите. 

Шефот на полската владејачка партија Право и правда, Јарослав Качински, се чини бара поддршка на некое друго место. Тој ги повика на почетокот на декември (од 3 до 4 декември) Матео Салвини, секретарот на италијанската партија Лега Норд, како и други десничарски политичари на разговори во Варшава на тема „Одбрана на европските граници.“

За сега не може да се предвиди во која насока ќе се одвиваат работите во Варшава. Но, едно е сигурно – вонредната состојба во Полска истекува на 2 декември и правно веќе не може да се продолжи. Ќе следи ли прогласување воена состојба? Полскиот премиер Матеуш Моравјецки исклучува вакво сценарио. Изградбата на пет метарскиот ѕид долж границата треба да се заврши на пролет или в лето.