Бегалска криза - невозможна мисија во Медитеранот | Свет | DW | 23.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бегалска криза - невозможна мисија во Медитеранот

Се повеќе луѓе бегаат преку Средоземното Море во Европа. Бродот на германскиот Бундесвер, „Франкфурт на Мајна“ треба да ги спасува во неволја и да ги спречува шверцерите. За посадата тоа е тежок тест.

Сино море, небо без облаци. Бродот на германскиот Бундесвер полека плови низ Средоземното Море. Ден претходно го напушти пристаништето Каљари на Сардинија и се упати кон либискиот брег. Германскиот брод учествува во акцијата на ЕУ, „Софија“, чија цел, како што вели капетанот Андреас Шмекел, е намалување на илегалната миграција преку Медитеранот. Значи, Бундесверот е во лов на криумчари на луѓе. Но, бројките говорат нешто друго: досега во рамките на оваа акција се спасени преку 13.000 лица. Истовремено се фатени само 68 шверцери. Значи, мисијата „Софија“ првенствено е спасувачка мисија.

Полошо отколку во Авганистан

А тоа, според приликите, така и ќе остане. Како што пренесуваат медиумите ширум европскиот континент, бројот на оние кои по затворањето на Балканската рута, се упатуваат кон Европа преку Либија, е во драстичен пораст. Средоземното Море е се‘ освен лесна задача за трошните пловни објекти со кои криумчарите се‘ почесто ги праќаат несреќниците во смрт. Пред неколку дена животот во морето го загубија преку 500 бегалци, што не наиде на претеран одек во европската јавност. И на ден како овој, кога пловиме со бродот на Бундесверот, кога морето се чини мирно, брановите го прават опасен секој премин во помал чамец. Посадата на германскиот воен брод од почетокот на април спасила над 700 бродоломници. Членката на санитетското одделение на бродот, Кристин Б. често е во непрекината акција и по 36 часа. „Не можев ни да замислам дека едно обично дрвено бротче може да собере преку 500 луѓе“, вели Кристин, која без оглед на фактот што учествувала и во мисијата во Авганистан, е шокирана од она што се случува во Медитеранот.

„Да се види со свои очи е нешто друго...“

„Беда постои и во Авганистан. Но на овие луѓе буквално се гледа низ што се‘ поминале. Кога еднаш ќе видите како луѓето скокаат в море, тоа засекогаш остава трага врз вас“, вели Кристин. Додека на морската шир не е на видик бегалски брод, посадата се занимава со секојдневни задачи, пожарникарски и воени вежби, одржување на бродот. Морнарскиот офицер Јан С. го проверува осветлувањето во контејнерите за сместување на бегалците. „Оваа мисија се разликува од се‘ што досега сме правеле. Никогаш не знаеш што те чека“, вели овој морнар. И тој бил на должност кога „Франкфурт на Мајна“ спасил стотици бродоломници. „Невозможно е да се опише степенот на стрес“, вели тој. Малку го фрустрира што основната задача на мисијата, оневозможување на работата на криумчарите, е речиси невозможна. Криумчарите ги доведуваат своите бротчиња до меѓународните води, знаејќи дека за нивните „муштерии“ ќе се погрижат европските спасувачки бродови, и бегаат назад на брегот. Воените бродови од мисијата „Софија“ немаат пристап во територијалните води на Либија, а шверцерите тоа добро го знаат.

Сите членови на посадата овде на бродот се свесни за последиците дека оваа мисија самата нема да го запре проблемот со мигрантите. Командантот Шмекел констатира: „На море не може да се реши ниеден проблем настанат на копно.“

Поврзана содржина