Бегалска драма на границата меѓу Полска и Белорусија: Сириец си ги бара родителите | Свет | DW | 09.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бегалска драма на границата меѓу Полска и Белорусија: Сириец си ги бара родителите

Стотици, ако не и илјадници мигранти талкаат во пограничниот регион меѓу Белорусија, Литванија и Полска. Еден Сириец, бегалец во Австрија, на полската страна ги чека своите родители.

Полската хуманитарка Магдалена Лучак и Сириецот Хавал, кој живее како бегалец во Австрија

Полската хуманитарка Магдалена Лучак и Сириецот Хавал, кој живее како бегалец во Австрија

Триесетгодишниот Хавал Ројава (името е променето) 12 години не ги видел родителите. Овој Курд од Сирија од 2009 година живее во Австрија, каде како фризер започнал сопствен бизнис. Сега, вели, сѐ се заканува да пропадне. Хавал губи клиенти, а неизмерните долгови се сѐ поголеми. Тој, меѓутоа, не може да ја работи својата работа во Австрија - во моментов е во Полска, сака да биде што е можно поблиску до родителите.

Според зборовите на Хавал, неговите мајка (55) и татко (60) веќе неколку дена се наоѓаат во шумите, во белоруското погранично подрачје со државите од ЕУ, Полска и Литванија. Без вода, храна и без лекови. Кога им се укажува можност да ги наполнат мобилните телефони, ја користат, вели Хавал за ДВ. Двапати успеал да открие каде се наоѓаат, со помош на апликација за лоцирање, но веќе неколку дена не може да ги добие. „Лоша беше идејата да дојдат во Белорусија“, додава самокритично младиот човек.

Хавал изнајмил соба во еден хотел во Полска, во близина на границата со Белорусија. Од неговите родители го делат неполни 30 километри воздушна линија, но тие и натаму се недостапни.

„Моите родители не дојдоа во Белорусија поради пари или поради војната во Сирија“, вели тој. Неговите две сестри веќе со години живеат во Германија, а тој и неговиот брат во Австрија. „Мојата мајка едноставно рече: Не сум ги видела децата повеќе од 10 години. Таа и татко ми воопшто не можеа да се навикнат на животот во Австрија, нивниот менталитет е сосема поинаков. Единствена причина што се најдоа во оваа ситуација е тоа што сакаа да ги видат своите деца“, нагласува Хавал.

Бегалската рута од Белорусија кон земјите од ЕУ: Полска, Литванија и Летонија

Бегалската рута од Белорусија кон земјите од ЕУ: Полска, Литванија и Летонија

Дилеми на муслиманите

Родителите, вели, во една туристичка агенција во Сирија купиле билети за Минск. Таквите патувања таму се на понуда на секој чекор. И тој досега сметал дека тоа е добро. „Само размислував за тоа оти конечно повторно ќе ги видам мајка ми и татко ми.“ Хавал вели дека тој ја напуштил Сирија, бидејќи војната не била негова. Со оглед на тоа што избегнал служење на воен рок, во родната земја му се заканува смртна казна.

Повеќе: Луѓето не се оружје, протерување од Полска во Белорусија не е решение

„Но, и кога некој би ме запрел од ИС - би ме убил доколку открие дека сум Курд“, додава тој. „Тоа е така: бегаме од фундаменталистите, бидејќи сакаат да нѐ убијат, а кога ќе стигнеме до границите на Европа, ни велат дека сме муслимани. Значи, бегаш за да пронајдеш безбедно место на кое фундаменталистите не можат да те пронајдат, а одбиен си затоа што си муслиман. Знаеш ли колку е тоа тешко?“, вели Хавал.

Вонредна состојба во пограничното подрачје

Во хотелот во кој е сместен Хавал ја запознал активистката Магдалена Лучак од полската организација „Гранична група“. Таа вели дека младиот Сириец ѝ се доверил кога видел како таа и останатите помагачи пакуваат пакети за помош за мигранитите.

„Не знаел оти кај нас на границата има вонредна состојба и дека Полјаците без дозвола не можат да пристапат до тоа подрачје“, вели за ДВ Магдалена Лучак. „Тоа го шокираше. Тој мислел, дека ќе може да дојде барем до границата и таму на родителите да им предаде храна, пијалок и топла облека. Кога сфатил оти ни ние не го можеме тоа, беше очаен. Лучак смета дека шансите Хавал да ги види своите родители се еднакви на нула, како и оти неговите родители веќе повеќепати биле жртви на илегални „пушбекови“, односно протерувања.

Активистката Магдалена Лучак од полската хуманитарна организација „Гранична група“

Активистката Магдалена Лучак од полската хуманитарна организација „Гранична група“

Предупредувачки истрели од Полска

Тоа што таа го доживеала на границата, „многу е полошо“ отколку што можела претходно да претпостави. Се работи за луѓе и нивните судбини - не за прилив на бегалци. „Никој тука не прашува за финансиска помош. Сите бараат само едно - можност да преживеат и да бидат во некоја безбедна земја“,објаснува оваа хуманитарка. И Хавал неколкупати за време на разговорот за ДВ нагласува дека неговите родители се богати и немаат потреба од финансиска помош.

Неговите родители, како и другите мигранти, не се безбедни во Белорусија. Министерството за внатрешни работи на Полска зборува за постојани „провокации“: униформирани лица од Белорусија испукале предупредувачки истрели, ја оштетиле привремената бодликава жица и навлегле на полска територија. Можеби веќе следната година на полската страна на границата, која е и надворешна граница на ЕУ, ќе биде поставена челична конструкција со бодликава жица висока пет и пол метри. Таа ограда во некои делови треба да биде опремена со сензори за движење и камери. Полскиот министер за внатрешни работи, Мариуш Камински, вели дека случувањата на источната граница се „хибридна војна“, на белорускиот властодржец Александер Лукашенко против Полска.

Привремената ограда од бодликава жица на полската граница кон Белорусија

Привремената ограда од бодликава жица на полската граница кон Белорусија

Помош за мигрантите

Хавал вели дека има исклучиво позитивни искуства со Полјаците во гратчето каде моментално престојува. Многу луѓе таму сакаат да им помогнат на мигрантите кои се на белоруската страна на границата. Но, Хавал не може да ја разбере полската политика. „Не разбирам како политичарите можат мирно да спијат. Па, и тие имаат семејства!“ За време на нацистичката окупација од 1939-1945 година, Полјаците доживеаја слично искуство на она што Сиријците го доживуваат денес, додава тој.

Повеќе: Мигрантска драма на границата помеѓу Белорусија и Полска

Од почетокот на септември 2021 година, новинарите веќе немаат пристап до забранетата зона широка три километри на границата со Белорусија. Затоа не може да се добие впечаток за она што се случува таму. Но, колку е тензична ситуацијата може да се види кога се минува низ делови од тоа шумско подрачје кои не се дел од забранетата зона, каде полициските автомобили постојано запираат возила со странски регистрации.

Средба по дванаесет години

Катарина Ждановиќ од полската гранична служба во Бјалисток вели дека нејзината служба е запозната со случаи слични на Хавал: дека членовите на семејството кои имаат стабилен статус во една од земјите на ЕУ доаѓаат во Полска за да ги земат своите роднини. „Но, знаеме и дека има криминалци кои ја злоупотребуваат ситуацијата и кои се спремни да земат мигранти на граница за неколку илјади евра по човек и да ги возат низ државата“, вели Ждановиќ за ДВ.

Мигранти и полски полицајци на полската страна на границата

Мигранти и полски полицајци на полската страна на границата

На прашањето колку долго планира да остане во Полска, со оглед на неизвесната ситуација, Хавал крева рамена и вели дека не знае. „Се разбира, има многу тензии меѓу Полјаците и Белорусите, но тие луѓе во шумата не се виновни за ништо“, вели Хавал.

А потоа, непосредно пред објавувањето на овој текст, пристигнува нова информација: мајката на Хавал накратко била во болница во Полска, јавува телефонски активистката Магдалена Лучак. Нејзиното здравје не било добро, но барем мајката и синот можеа да се видат - за првпат по дванаесет години, иако само петнаесетина минути.

Според Лучак, мајката на Хавал моментално се наоѓа во Бјалисток, во просториите на полската фондација „Дијалог“, која, меѓу другото, им помага на болните мигранти. Полската гранична служба потврди дека жената била регистрирана во Полска како барател на азил. Хавал сѐ уште не знае каде е и како е неговиот татко. Родителите очигледно се изгубиле во пограничната област, пред мајката да ја премине полската граница.