Бања Лука: Ова е само почеток? | Свет | DW | 26.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бања Лука: Ова е само почеток?

Полицијата на Република Српска интервенираше против демонстрантите кои на улица бараа разјаснување на убиството на момчето Давид Драгичевиќ. Неговиот татко вечерта ја мина во притвор. Протестите продолжуваат.

„Ќе продолжиме. Ова го нема никаде“, порачаа учесниците на протестот за правда за убиеното момче Давид Драгичевиќ во Бања Лука. По целодневно кошкање со полицијата на Плоштадот Краина, протестите завршија вчеравечер пред храмот на Христос Спасителот. Неколку десетици граѓани кои претходно беа истерани од плоштадот од страна на полицијата, се упатија до блискиот парк за да ги продолжат протестите. Меѓутоа, полиција насилно и оттука ги истурка граѓаните и им забрани натамошно собирање. „Се борев ли јас во војната за да ме тепа мојата полиција?“ Зошто не ги уапсите убијците на Давид Драгичевиќ?“, прашуваа демонстрантите. Беа извикувани и веќе етаблираните пароли на бањалучките протести: „Убијци, убијци“ и „Правда за Давид“.

Телото на Давид Драгичевиќ (21) е пронајдено во март на устието на Црквена во Врбас, а првата полициска истрага тврдеше дека станува збор за давење. По низа протести и вештачења, во јуни започна истрага за убиство, но таа досега не е завршена. Таткото на починатото момче, Давор Драгичевиќ, е уапсен во вторникот, како што е наведено од бањалучката полиција, бидејќи не се појавил на испитување, а поради сомнеж дека извршил кривично дело загрозување на безбедност. Мајката на Давид, Сузана Радановиќ, полицијата ја приведе и ѝ предаде прекршочен налог, а извршен е и претрес во семејната куќа. „Ако мислите дека Република Српска е правна држава, трпете, ако мислите дека не е, нема зборување, туку борба. А таа дури сега почнува!“, напиша на Твитер познатиот социјален психолог и политички аналитичар Срѓан Пухало.

Случајот за убиството на Драгичевиќ е исполитизиран во последните 9 месеци. Опозицијата во РС на почетокот ѝ даваше поддршка на полицијата во борба за вистината и правдата или барем така настапуваше во јавноста. По изборите во Босна и Херцеговина на почетокот на октомври работите се променија и Давор Драгичевиќ остана сам во својата борба за вистината. До денес. Кога повторно се создадоа услови за политизирање на целиот случај.

Низа контроверзи

Низа контроверзи го следеа случајот, од прес-конференцијата на МВР на Република Српска, која е одржана веднаш откако беше пронајдено телото на Давид Драгичевиќ во март, кога смртта беше оценета како „случајна“. Ниту денес не јасно зошто полицијата ја одржа таа прес-конференција, иако не беше завршен наодот на патологот.

Поради тоа, има сомнеж во сите натамошни активности кои доведоа до формирање на групата „Правда за Давид“, одржување на посебна седница во Народното собрание на РС пред неколку месеци, па сѐ до големиот протест во октомври пред изборите.

Со Давор Драгичевиќ се слушнал неговиот адвокат Ифет Ферагет, кој рече дека Давор знаел оти ќе дојде до тоа. Ферат вели и дека има информации оти на Давор ќе му биде одреден притвор во траење од 30 дена. „Беше подготвен за ова. Ова е стресна ситуација како за него и за неговото семејство, така и за целата јавност во БиХ. Ова е конфузна ситуација, бидејќи е очигледно дека постојат луѓе кои ги читаат законите, но не ги разбираат. Давор Драгичевиќ протестира затоа што не се откриени убијците на неговиот син. Јасно е кои се убијците“, рече Ферагет.

Најавени нови протести

Давор го обвини МВР на РС за смртта на неговиот син, како и врвот на власта кој не сака да се заврши случајот. Случајот и натаму е во Обвинителството, оквалификуван како убиство, но ни по неколку месеци истрага сѐ уште нема напредок. Или барем нема за тоа информации во јавноста.

Анто Нобило, некогашен член на правниот тим кој го застапуваше Давор Драгичевиќ, откако го напушти тимот рече дека смета оти Давид е убиен, но дека не мисли оти постои поголем заговор од власта или од полицијата во целиот случај.

Протести се најавени и за денеска, а може да се очекува силно полициско обезбедување во центарот на градот. Инаку во јавноста се појави информација дека одреден број припадници на специјалната полиција на Србија учествувале на протестите, но тоа го демантираше српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.

Според неофицијални информации, на протестите учествувале и припадници на Единицата за поддршка на МВР на РС од Бања Лука, Градишка и Мркоњиќ Град.

Протести за солидарност се најавени за денес и во неколку градови во БиХ, како и во Белград.

Реклама