Бајер: новото седиште на „Империјата на злото“?! | Економија | DW | 15.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бајер: новото седиште на „Империјата на злото“?!

Со преземањето на Монсанто, германскиот хемиски и фармацевтски гигант Бајер создаде нов агростопански гигант. Тоа е добрата вест, иако „дилот“ носи и многу ризици, смета Хенрик Беме.

Империјата на злото сега има седиште во Леверкузен, мало индустриско гратче северно од Келн. Тоа еден од начините на кои ќе се интерпретира преземањето на американскиот производител на семенски материјали од страна на германската корпорација.

Секако, Монсанто е познат по своите контроверзни и агресивни бизнис практики, неговите генетски модификувани производи, и како произведувач на озлогласениот „Глифосат“, хемикалија за која постојат сомневања дека предизвикува рак. Сепак, користењето на пестицидот во Европа е легално. Но во иднина, критичарите на глобалната земјоделска индустрија ќе можат својот гнев да го изразат токму пред портите на Бајер во Леверкузен.

Boehme Henrik Kommentarbild App

Хенрик Беме

Таму ќе биде седиштето на најголемиот светски производител на семенски материјали и пестициди. Тоа беше амбициозната цел на првиот човек на Бајер, Вернер Бауман кој за 6 месеци си заминува од функцијата. За да ја оствари оваа цел, Бајер инвестираше многу. Зделката од речиси 59 милијарди евра, не само што е голема, туку е и најголемото преземање во готовина на една компанија во историјата.

Но дали зделката е навистина добра, со оглед на високата цена? Купување на компанија со толку лош имиџ и плаќање толку многу пари - во кеш? Јасно е дека Бајер во иднина ќе мора да генерира многу пари од продажба за да може да ја исплати инвестицијата, затоа што за разлика од Епл, оваа компанија нема толку пари.

Иднината на земјоделството е дигитална; „дигитално фармерство“ е модерниот збор. Со огромниот раст на светското население, сѐ повеќе усти треба да се прехранат. А тоа треба да се постигне и покрај климатските промени кои го загрозуваат и уништуваат родот во многу региони во светот.

Треба да се дозволи да се размислува за нови начини на одгледување на културите и производство на храна. Сега кога Бајер го поседува Монсанто, со седиште во земја која забранува генетски инженеринг, тоа би можело да има последици за портфолиото на новиот гигант. Со спојувањето на ресурсите на Бајер и на Монсанто, сепак, компанијата би можела да најде и подобри одговори на проблемот со исхраната на милијарди луѓе без уништување на планетата. Во тој случај, секој долар потрошен на оваа аквизиција би можел да се исплати.

DW.COM

Реклама