Бајден им се закани на новите владетели во Авганистан | Свет | DW | 17.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бајден им се закани на новите владетели во Авганистан

Американскиот претседател остро ги предупреди талибанците да не се осмелуваат да напаѓаат Американци во Авганистан. Со исто толку јасни зборови го бранеше и повлекувањето на трупите од таа земја.

„Доколку е неопходно, нашите луѓе ќе ги браниме со разорно насилство“, изјави американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон, притоа особено имајќи ја предвид евакуацијата којашто е во тек во Кабул. Авганистанските талибанци ќе мора да сметаат со „брза и силна“ воена реакција на секоја постапка која би ги загрозила американскиот персонал или нивната мисија, рече Бајден.

Тој призна дека бил изненаден од брзото напредување на талибанците. „Вистината е дека тоа се одвиваше побрзо отколку што предвидувавме.“ Според американскиот претседател одговорноста за тоа ја сносат авганистанската влада и безбедносните сили: „Авганистанските политички водачи се предадоа и избегаа од земјата. Авганистанската армија доживеа колапс.“

Во говорот во Белата куќа, Бајден укажа на долгодишната американска поддршка во обучувањето и опремувањето на авганистанските воени сили. „Им ги дадовме сите можности за да одлучуваат за својата иднина. Но, не можевме да им дадеме и волја за да се борат за таа иднина.“

Развојот на ситуацијата од изминатите денови покажала дека повлекувањето на САД од Авганистан е исправна одлука, вели Бајден. Тој е „најдлабоко загрижен“ за состојбата во Авганистан, но, како што вели: „Не жалам поради мојата одлука.“

Повеќе:

Дебакл на Американците во Авганистан

Меркел за ситуацијата во Авганистан: „Горчлива, драматична и страшна“

Доста со лицемерието во Авганистан!

Целта на САД, тврди американскиот претседател, никогаш не била да го претвори Авганистан во „обединета централизирана демократија“, туку да спречи нови напади врз САД по терористичките напади од 11 септември 2001 година. САД можат да се борат ефикасно против исламистички терористички групи како што е Ал Каеда и без постојано воено присуство во една земја, рече Бајден. Тоа американската армија го покажала во други земји, како Сомалија и Јемен. Доколку е неопходно, тоа во иднина би можело да биде случај и со Авганистан.

Талибанците во минатото им понудија прибежиште на борците на терористичката мрежа Ал Каеда и тогашниот шеф на организацијата Осама бин Ладен. По нападите од 11 септември 2001 година следуваше воена интервенција на САД во Авганистан, со која талибанците беа симнати од власт. Бин Ладен беше убиен во акција на американските специјални сили во Пакистан во 2011 година.