Барбадос се одвои од кралицата и стана република | Свет | DW | 30.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Барбадос се одвои од кралицата и стана република

Територијата на кралицата Елизабета се намали - карипската држава Барбадос се одвои од британската кралска куќа и сега е република.

Нова државна форма на 55-от Ден на независноста - Барбадос се прогласи за парламентарна република. Во присуство на принцот Чарлс како прва претседателка на Барбадос беше инаугурирана судијката Сандра Мејсон.

Непосредно по полноќ имаше почесна стрелба во чест на Мејсон и парада на Плоштадот на националните херои во главниот град Бриџтаун. Таму веќе ја нема статуата на британскиот адмирал Хорацио Нелсон, која на тоа место стоеше околу 200 години. Минатата година, среде протестите против расизмот и колонијализмот ширум светот, владата на Барбадос ја отстрани статуата од плоштадот.

„Ако не знаеме кои сме, ако не ни е јасно за што се бориме, тогаш сме осудени да бидеме повторно експлоатирани и колонијализирани“, рече премиерката Миа Мотли, која останува на функцијата.

Досегашната генерална гувернерка Мејсон во септември 2020 година го најави формалното одвојување од британската круна. „Време е да оставиме сосема зад нас нашето колонијално минато“, рече таа тогаш. Во октомври годинава 72-годишната Мејсон беше избрана за претседателка.

Barbados | Machtübergabe an Präsidentin Sandra Mason

Инаугурацијата на Сандра Мејсон се одржа на Плоштадот на националните херои во Бриџтаун

Реакцијата на Бакингемската палата е воздржана. Тоа е „работа на владата и на народот на државата на Комонвелтот“, беше соопштено во септември 2020 година. Принцот Чарлс, кој во Барбадос ја претставуваше својата 95-годишна мајка, нагласи дека иако некои работи се менуваат, некои ќе останат, како на пример „блиското партнерство полно со доверба“ и заедничките вредности.

Комонвелтот е заедница на држави кои произлегуваат од некогашните колонии на Велика Британија. На врвот на организацијата е кралицата Елизабета Втора. Барбадос стана независен во 1966 година, но Кралицата остана монарх.

Првите англиски доселеници на Барбадос стигнале пред речиси четири века. Брзо се збогатиле од садење шеќерна репка и трска, работа која ја извршувале африкански робови. Многу жители на Барбадос се потомци на робовите кои британската империја ги носела од Африка. За нив прогласувањето на Републиката значи конечно раскинување со колонијалното минато. Историчарот Хилари Беклс во својата книга „Првото општество на црни робови“ од 2016 година, го опишува Барбадос во периодот од 1636 до 1876 година како „систематски најнасилничкото, најбруталното и расистички најнечовечното општество во новото време“.

Кралицата Елизабета во својот мандат се раздели со многу држави, но сѐ уште е официјален монарх во 14 држави, меѓу кои и Канада и Австралија.