Бараат ли странските инвеститори среде криза „преку леб погача“? | Економија | DW | 22.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Бараат ли странските инвеститори среде криза „преку леб погача“?

Главните извозници добиваат поддршка, но дали има простор и за повеќе? Од Владата велат дека креираат мерки, експертите сугерираат на внимателност во целиот процес.

Länderfinanzausgleich Symbolbild Geldscheine Spritze (imago)

Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство бараат субвенции и директна финансиска поддршка од македонската влада

Кризата се продлабочува, мерките за поддршка чекаат на операционализација, а дел од компаниите веќе бараат повеќе. Странските инвеститори обединети во Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство бараат субвенции и директна финансиска поддршка од македонската влада за да ја пребродат кризата од која, како што велат, се значајно погодени. Станува збор за околу 25 компании со 28.000 вработени кои главно или доминантно се фокусирани на автомобилската индустрија, која глобално е една од најтешко погодените.

Поддршка како во Германија и Полска

Овие компании бараат директна финансиска поддршка, субвенции за платите, шестмесечен мораториум на обврските од договорите за доделување на државна помош, пролонгирање на важноста на мерките, усогласување на царинските стапки. Како пример посочуваат на земји од ЕУ, каде значајно се покривале трошоците за плати, конкретно во Полска и Германија, каде државата покривала 40, односно 60% од платите на работниците во големите компании:

„По примерот на други земји да се примени модел на кофинаснирање на дел од трошоците за платите за вработените во големите индустриски извозници, односно неповратни 50% од вкупните бруто трошоци за плати на вработени. Максималниот износ за финансиска поддршка се лимитира на 50.000 денари по вработени. Мерката да трае до септември. Пресметките за субвенционирање да се вршат месечно, а исплатата кон корисниците да се реализира одложено, односно најдоцна до крајот на 2020 или до јуни 2021 година согласно буџетските можности".

Од асоцијацијата тврдат дека не сакаат да ги намалат обврските кон државата, туку да добијат простор за полесно да можат да ја пребродат кризата за чие времетраење ги сведуваат на минимум плановите за нови инвестиции, креирање на нови, односно задржување на постојните работни места. Но, истото велат дека ќе продолжи по предложениот рок.

Владините мерки се недоволни

Во услови на криза и застој во работењето апелите на компаниите се оправдани, но дилемата е колку нивните барања реално се и спроведливи. Посебно ако се имаат предвид состојбите во македонската економија, досегашниот удар од кризата, понудените мерки од страна на владата, финансиските можности. Факт е дека досега државата презентираше три пакети мерки кои ги таргетираат и домашните, но и странските компании. Клучните беа во делот на поддршка за работниците преку еднократна помош за платите во износ од 14.500 денари, но и преку кредитни линиии, дел бескаматни, дел со поволни услови, а, како најново, и бескаматни кредити со грант компонента.

Повеќе:

Бизнисмените задоволни од ребалансот, бараат похрабри потези од владата

Секоја трета фирма бара финансиска помош од Владата

Корона-кризата носи невработеност и го вади синдикализмот од изолација

Од Владата за Дојче веле велат дека сите досегашни мерки се согласно сите барања на стопанските комори, асоцијации и здруженија, вклучувајќи ги и странските компании, а се прават детални анализи и се развиваат мерки кои треба да одговорат на реалните потреби на економијата во државата.

„Би сакале да потенцираме дека и досегашните три сета мерки, со вкупна вредност од 555 милиони евра, се направени во тесна координација со стопанските комори, синдикатите и граѓанските организации. Преку првите два сета мерки интервентно се делува кон минимизирање на штетите во економијата, додека третиот пакет мерки се развојни и треба да помогнат во стимулирање на личната потрошувачка и во работењето на компаниите. Со првите два сета мерки се обезбедува ликвидноста и на домашните и на странските и зачувување на работните места, преку бескаматните кредитни линии за микро, мали и средни претпријатија, финансиска поддршка за исплата на плати или субвенционирање на придонесите. Овие мерки ги опфаќаат сите компании, вклучително и странските, и за месец април се помогнати и поддржани вкупно 110.325 вработени во 17.813 компании. Дополнително сакаме да напоменеме дека Владата редовно ги сервисира сите обврски кон сите компании коишто имаат склучено договори за користење на државна помош“, посочуваат од Владата.  

Се огласи и министерката за финансии Нина Ангеловска, која порача дека би било несериозно да не се обезбеди поддршка за автомобилската индустрија која создава 20% од брутодомашниот производ. За тоа вели имало обезбедено средства, а ќе се разговарало и за нови и времени мерки. Но, таа истовремено порачува дека мора да се има предвид и разумноста, економската логика и фискалниот простор, во напорите за креирање реална економија која треба да излезе посилна и поконкурентна во наредниот период.

Nord-Mazedonien l Pressekonferenz in Skopje mit Angelovska und Zaev (DW/P. Stojanovsk)

Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека имало обезбедено средства, а ќе се разговарало и за нови и времени мерки

Сериозност и внимателност во потезите

Сепак, очигледно е дека на странските компании кои работат во зоните, но и надвор од нив, им е потребно повеќе од она што е засега проектирано. Ова отвора и дилеми како државата да се позиционира во овој сегмент, но и дали и колку барањата се реални и издржани. Експертите сугерираат на активност, но и внимателност:

„Голем дел од националните економии силите ги насочуваат прво кон домашните компании и зајакнување на потрошувачката и услужен сектор. И, генерално, сметам дека постои простор за продлабочување на мерките не само за малите и средните компании, туку и за средните и големите. Но притоа треба да се направи и разграничување на домашните и странските компании. Сепак, имајќи предвид дека зборуваме за силни извозни компании, кои ќе треба да го влечат развојот во иднина, а имајќи предвид дека по кризата ќе има преструктуирање и на странските инвеститори и силите на глобалните пазари, ќе имате - кај оние кои нудат најдобри позиции, таму ќе се вртат странските инвеститори. Треба подобро да се позиционираме и со некои мерки да ги поддржиме и да им ја олесниме работата и на странските компании кои предничат во делот на вработувањето“, коментира универзитетскиот професор Борче Треновски.

Мерките, според него, треба да бидат во насока на нивните барања, но сепак треба да се биде и внимателен и да не се избрзува, бидејќи во услови на затворени синџири на снабдување и неизвесност за рестартирање на глобалните текови и странската ефективна побарувачка, не можат да се предвидат ефектите. Оттука, според него, фокусот треба да бидат мерките за поддршка односно зачувување на работните места:

Гледај видео 06:05

Младите се иселуваат, компаниите бараат работници

„На некој начин треба да им се олесни работата, но сепак мора да ја имаме предвид неизвесноста. Ние не знаеме кога би се рестартирала автомбилската индустрија. Некои зборуваат дека кризата би траела од три до пет години и дека ќе има намалена побарувачка во периодот кој доаѓа. Ние не можеме да влијаеме на глобалните текови, но заштитата на работните места, пред се’ на нашите вработени и овозможување на некое одложување на обврските со цел олеснување на моменталната состојба или олеснување на приливот на суровини, протоколи за функционирање, тука можеме да направиме. Можеби се’ уште е рано да зборуваме за некоја посилна директна финансиска поддршка, имајќи предвид дека се` уште има простор да ги задоволиме потребите на малите и средни домашни фирми. Да не заборавиме и дека странските инвеститори веќе добиваат одредени поволности во договорите за нивната инвестиција", укажува Треновски. 

Проблем со високи царини

Она што дополнително им тежи на странските инвеститори се и царинските стапки на одделни производи и компоненти на ниво со оние во Европската унија што би им помогнало во намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста. Досегашните притисоци и барања за решение резултираа со договор, но само делумен. Со важност од 30 јуни годинава намалени се за половина стапките за царини за 12 производи, што за странските компании е недоволно за подобрување на конкурентноста, но и атрактивноста за проширување на инвестициите.

Годишните приходи на странските компании од овој сегмент изнесуваат 2,9 милијарди евра, но поради кризата предизвикана од пандемијата ваквите бројки годинава може само да се сонуваат со оглед на огромните проблеми со ликвидноста и падот на извозот, кои, според прогнозите, се очекуваат да имаат најголем удар во тековниот и наредниот месец.

Реклама