Бан Ки Мун бара реформи во Сирија
4 август 2011Кусо по Советот за безбедност на ОН и генералниот секретар Бан Ки Мун побара од сириската влада да го прекине насилството против опозицијата во земјата. Смртта на толкав број демонстранти е свирепа и шокантна, порача Бан Ки Мун во Њујорк. Тој го повика официјален Дамаск да воведе политички реформи што ќе ги заштитуваат темелните човекови права на сирискиот народ.
Осуда на бруталните репресии
Претходно Советот за безбедност на ОН преку декларација прочитана од страна на неговиот актуелен претседател, индискиот амбасадор Хардип Синг Пури ја осуди употребата на сила врз демонстранти во Сирија.
Во декларација се осудуваат бруталните репресии, непочитувањето на човековите права и употребата на сила од страна на сириските власти врз цивили.
Замена за резолуција
Либан не го блокираше донесувањето резолуција, но се огради од текстот на декларацијата на останатите 14 држави од Советот, потег кој не е применет веќе 35 години. Либанскиот амбасадор во ОН рече дека ставот на СБ, кој го подготвиле
западните земји, нема да помогне да се подобри состојбата. Изјавите треба да
бидат едногласни, што значи дека Либан можеше да ја блокира, но со
едноставно издвојување на своето мислење дозволи да биде усвоена.
Декларацијата на Советот за Сирија, беше усогласена по тешки преговори и е замена за резолуција на СБ, на што инсистираа западните земји-членки на СБ.
Автор: ГЧ/ СН/ дв/ миа/ макфакс
Редактор: Александра Трајковска