Банди од Балканот пустошат низ Германија | Свет | DW | 31.01.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Банди од Балканот пустошат низ Германија

Стапката на криминал расте паралелно со растот на бројот на бегалците, коментираат десничарите. Но, статистиката не го потврдува ова. Сепак, мал број азиланти од Балканот ѝ прават големи проблеми на германската полиција.

„Постојано крадам за да можам да си дозволам повеќе“, вели една млада Босанка без задршка во полициски извештај направен кон крајот на ноември, на главната железничка станица во Есен. Таа, заедно со уште еден соучесник е фатена при кражба. Националноста досега во Германија не се поврзуваше со податоците за доселување и број на бегалци. Но, сега тоа го стори полицијата во Келн: се води статистика за националноста на доселениците кои подоцна станале криминалци.

Без шанси и перспектива

Резултатите од извештајот покажуваат дека не се во право оние кои паушално ги осудуваат бегалците. Најголемиот дел од регистрираните бегалци не се казнувани. Во статистиките нема ниту еден случај во кој биле вмешани Сиријци, Ирачани или Авганистанци. Од повеќе од 1.100 Сиријци во Келн, само петмина ѝ се познати на полицијата - одвај 0,5 отсто.

Deutschland Razzia in Düsseldorf - Maghreb-Viertel

Најголем број криминалци се од Северна Африка, но и од Балканот

Но, кога станува збор за лица од Мароко, Алжир и Тунис состојбата е целосно поинаква. Процентот на кривични дела кај нив надминува 40 отсто. Истото се однесува и на државјаните на Босна и Херцеговина и Црна Гора. За оваа група најчесто се врзуваат кражби на автомобили и продавници или грабежи. Сторителите во најголем број случаи се млади мажи, предупредува Мартин Лилсдорф од синдикатот на келнската полиција. „Тие немаат шанса да добијат азил, немаат право да работат, немаат перспектива ни во Германија, ниту во татковината, така да престојот го финансираат со криминал“.

Полицијата во Келн посебно го нагласува фактот дека оваа статистика нема никаква врска со сексуалните напади кои се случија на новогодишната ноќ.
Во покраината Шлезвиг-Холштајн регистрирано е драматично зголемување на бројот на кражби и грабежи во станови. „Податоците укажуваат дека одредени доселеници од Балканот би можеле да бидат одговорни за порастот на бројот на кражбите“, вели министерот за внатрешни работи на оваа покраина Штефан Штут.

Балкански банди

До крајот на ноември 2015. година, истражните органи идентификувале 221 лица, одговорни за грабежи во станови. Од нив, 80 биле азиланти или бегалци. Од оние кои не поседуваат германско државјанство, 135 биле од Балканот, 27 од источноевропските држави. Полицијата посебно ги држи под око сторителите од албанско потекло.

„Членовите на сите 11 банди против кои во моментов се водат процеси во Шлезвиг-Холштајн се баратели на азил од Балканот“, вели службеник во покраинската полиција.

Штут предупредува дека сите оние кои го злоупотребиле гостопримството кое им го дава покраината „не се добредојдени“. Истовремено, тој посакува и поддршка од Сојузната служба за миграции и бегалци. „Ние треба во соработка со нив да ја забрзаме постапката за обработка на процедурата за добивање азил. Со забрзувањето, добиваме и можност побрзо да ги враќаме тие лица во Германија“, вели Штут.

Schleswig-Holsteins Innenminister Stefan Studt (SPD)

Штефан Штут

Зошто тоа би можело да помогне покажува случајот на млад Албанец кој од крајот на 2014 престојува на северот на Германија, но дури во ноември лани поднесол барање за азил. Во меѓувреме, тој сторил 25 кривични дела, најголем дел провални кражби.

Засега постојат малку веродостојни статистики за односот меѓу бројот на бегалци и стапката на криминал. Студијата на Сојузната служба за криминал од ноември 2015 покажа дека „бегалците во просек се исто толку гонети за кривични дела како и домашното население.

Реклама