Големите илузии на Балканот | Северна Македонија | DW | 02.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Големите илузии на Балканот

Шесте земји од Западен Балкан последнава година слушнаа толку големи зборови и ветувања од ЕУ за нивната иднина, а сега се подалеку од кога било од европските порти. Пишува Љупчо Поповски

Изгледаше дека турнејата на Урсула фон дер Лајен оваа недела на Балканот ќе расчисти некои работи околу тоа дали Европската унија навистина е подготвена во еден догледен временски период да ги прими земјите што се надвор од клубот во своите редови. Но, наместо тоа, еден отрезнувачки извештај на Ројтерс ја стави претседателката на Европската комисија во дефанзива и само да ги повторува старите ветувања, а да не понуди нешто навистина ново и опипливо. И да го покрие Балканот со густи обалци на големи илузии.

Изгледа парадоксално, но шесте балкански земји кои не се во ЕУ не слушнале толку многу ветувања и толку навидум искрени зборови од функционерите на Унијата и од земјите членки последнава година, а во исто време да се толку многу далеку од портите на клубот. Кога неодамна на својата проштална посета на регионот германската канцеларка Ангела Меркел беше во Белград, медиумите повеќе обрнуваа внимание на нејзиниот близок однос со Александар Вучиќ отколку на пораката дека земјите од Западен Балкан ги очекува долг пат кон членството во ЕУ. Меркел тогаш, а Фон дер Лајен сега во Скопје, порачуваа дека земјите не треба да се откажуваат, дека треба да имаат верба и да продолжат по патот по кој одат.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски

Тоа не се лоши зборови, но главното прашање е дали ЕУ се откажува и дали таа продолжува по патот кој го зацрта во 2003 година во Солун, или како во филмот „Форест Гамп“, наеднаш реши да престане да трча. Македонија е најдобар пример за оваа двосмисленот – 16 години е кандидат за членство и сега е спречена од земјата која во Унијата ја сметаат како лош пример: Бугарија беше примена во членството без да биде подготвена, најгоре е на скалата според корупцијата, најдолу на скалата по медиумски слободи (Македонија е на 90. а Бугарија на 112. место на листата на „Репортери без граници“), европските пари за развој се губат како да пропаднале во бунар, Америка воведува санкции за важни бугарски личности. Па, сепак, таа држи лекции како треба да изгледа демократијата во една земја, како треба да изгледаат нејзините историски и јазични учебници само затоа што е во клубот.

Европска конфузија

Европската унија е во своевидна конфузија – сака да испорача нешто што го ветила, а не може да го направи тоа. Сака да изгледа како доверлив сојузник и дека стои на своите зборови, а или нема сили или не знае како да го стои тоа поради премногуте интереси во клубот. Сега подобро се гледа тежината на ветото на францускиот претседател Емануел Макрон во октомври 2019 година, кога го запре почетокот на преговорите со Македонија и Албанија со банални толкувања. Оттогаш процесот на проширување тргна надолу и веќе не може да се запре. Ни новата методологија, ни подоцнежните изјави на Макрон, ни слаткоречивите појаснувања од другите метрополи, не промени ништо позначајно – само ги зголеми илузиите. Или како што напиша Ројтерс: „Кредибилитетот на ЕУ е оштетен, особено откако Франција и Холандија привремено го прекинаа процесот на проширување пред две години, а Бугарија сега го блокира“.

Не мора да му верувате целосно на Ројтерс дека во две рунди европските дипломати не успеале да го усогласат вордингот за самитот ЕУ-Западен Балкан идната недела во Брдо, Словенија за Унијата да го повтори ветувањето дадено пред 18 години за европската перспектива на Западен Балкан. Не мора да му верувате и за кочниците на Данска, Франција и Холандија кои се плашат од повторување на брзото пристапување на Романија и Бугарија во 2007 година. Затоа, прочитајте ја агендата на самитот во Словенија и работите веднаш ќе ви станат појасни – веќе подолго време се знае дека овој собир нема да биде за проширување, сега прашање е дали ќе биде и за некаква можна европска иднина. Лани, во мај, Хрватска како претседавач со ЕУ одржа видео самит со земјите од Западен Балкан. Оттогаш наваму ништо позначајно не е променето, освен што Бугарија ископа уште подлабок ров за Македонија, а во него сега е турната и Албанија.

Nord-Mazedonien Skopje | Ursula von der Leyen und Zoran Zaev

Отрезнувачки извештај на Ројтерс ја стави претседателката на Европската комисија во дефанзива и само да ги повторува старите ветувања, а да не понуди нешто ново и опипливо (Урсула фон дер Лајен и Зоран Заев во Скопје, 28.09.2021)

Според агендата, самитот во Брдо ќе има утринска пленарна сесија, а потоа работен ручек. Дискусиите, според најавата од самата ЕУ, ќе се концентрираат на неколку области: 1) Реафирмација на европската перспектива на Западен Балкан, што е од заеднички стретегиски интерес; 2) Развој на меѓусебната соработка и опоравување на регионот во контекст на пандемијата со Ковид-19; 3) Имплементација на Економскиот и инвестицискиот план (ЕИП), кој треба да овозможи суштински инвестициски пакет кој треба да овозможи одржлив, зелен и дигитален развој од кој ќе има корист не само регионот, туку и цела Европа; 4) Интензивирање на регионалната соработка; и 5) Истражување на понатамошна соработка за политички и безбедносни прашања од заедничка загриженост.

Во рамките на Економскиот и инвестицискиот план шесте земји треба да добијат финансиска поддршка од ЕУ од 30 милијарди евра во наредните седум години. Бројките изгледаат големи, но не се високи за регион кој има 18 милиони жители.

За споредба: најсиромашната земја во клубот – Бугарија, според инструментот на ЕУ - Следна генерација за опоравување од корона вирусот и долгорочниот буџет на Унијата за седум години (од 2021 до 2027) ќе добие 29 милијарди евра. Покрај тоа, Бугарија ќе добие и 200 милиони евра за финансирање на неразвиените региони и ќе добие уште 9 милијарди евра во наредните седум години од Фондот за кохезиска политика на ЕУ. За Бугарија повеќе пари отколку за шесте земји од Западен Балкан.

Се разбира, кога не си во клубот чекаш да одлучиш како таму ќе ги делат парите. Кога си во него, се бориш за парче од тортата. Ај што самитот во Словенија нема да биде за проширувањето, туку без оглед што парите кои ќе ги одвои ЕУ се без преседан досега, тие се толку малку, што само ќе ги зголемат разликите меѓу членките на ЕУ и земјите од регионот. Која и да е – Македонија, Србија, Албанија – веќе толку многу го губи чекорот, што по некоја година веројатно главното оправдување ќе биде дека во клубот не можат да примат премногу сиромашни земји. Земји каде сиромаштијата ја подјадува демократијата и ги потхранува автократските тенденции.

- претходни колумни од авторот:

Македонска трагедија

„Машкиот клуб“ на македонската политика

Различните интереси

За да станат малку појасни различните интереси во Унијата, кои често го дробат единството во клубот, еве само два свежи примера. Првиот е по тесната победа на социјалдемократите на изборите во Германија и можноста Олаф Шолц да стане канцелар.

Во Европа, колегите социјалдемократи се радуваа. Меѓу оние што му честитаа на Шолц беа шпанскиот премиер Педро Санчез, шведскиот Стефан Левен, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, еврокомесарот за економија Паоло Џентилони... Многумина се определија да молчат и да чекаат кој ќе излезе како победник во коалициските преговори за новата германска влада. Меѓу нив се Емануел Макрон, холандскиот премиер Марк Руте, италијанскиот Марио Драги, унгарскиот Виктор Орбан, полскиот претседател Анджеј Дуда. Австрискиот канцелар Себастијан Курц само спомна: „Изборните резултати во Германија овозможуваат широк спектар на констелации“. Во самата Германија ривалот на Шолц, Армин Лашет, уште јавно не му ја честитал победата на Шолц. А Меркел компромисно му честита на Шолц на „неговиот изборен успех“.

Многу од главните играчи во ЕУ премеруваат што ќе биде кога би се случило да мора да соработуваат со канцелар од централната левица, а не со конзервативците како во последните 16 години. И што ќе значи ако министер за надворешни работи стане еден од копретседателите на Зелените, кои се залагаат за многу поцврст став кон Русија и Кина. Во програмата на Зелените имаше ставено пасуси со цврсто залагање дека проширувањето на ЕУ мора да оди кон Западен Балкан.

BdTD Deutschland | Nach der Bundestagswahl - Abbau der Wahlwerbung

Многу од главните играчи во ЕУ премеруваат што ќе биде кога би се случило да мора да соработуваат со канцелар од централната левица, а не со конзервативците

Вториот пример е со договорот меѓу Париз и Атина со кој Франција ѝ продаде три фрегати на Грција за три милијарди евра. Кога Франција неочекувано извиси со одбранбениот договор меѓу САД, Британија и Австралија и ѝ пропаднаа 50 милијарди долари од зделката за 12 подморници што требаше да ги купи Канбера, многумина во ЕУ молчеа, па беа дури и притаено задоволни од овој неочекуван удар за Париз и големите амбиции на Макрон. Овој договор помеѓу Париз и Атина е и своевдиен одбранбен пакт, по која Франција застана отворено на страната на Грција во кавгите со Турција.

Сега во многу земји на ЕУ се вклучи алармот за тревога. Некои дипломати велат дека овој договор бил бизарен и не придонесувал за европскиот суверенитет. Еден дипломат од ЕУ му изјави на „Политико“: „Според сите нешта, ова е традиционален 19-вековен одбранбен пакт меѓу две европски сили. Ова по многу нешта е повеќе туркање на тесниот национален интерес отколку оној на Европа“.

Па, какви беа интересите кога Германија и Франција склучуваа трговски договори со Пекинг и покрај тоа што многу земји во ЕУ беа против замижувањето очи за сето она што се случува во Кина, и особено во Хонгконг? Или – дали изградбата на „Северен тек 2“, со кој Германија добива гас од Русија преку Балтичкото Море, е од европски интерес или од непосреден и најголем интерес на Берлин?

Така е и со проширувањето. Дали бугарската блокада на Македонија е „тесен национален интерес“, а не е од интерес на Европа? Има многу хипокризија во ЕУ. Некои се залагаат многу, други пак се кријат зад блокадите на Бугарија. А регионот? Регионот може да почека. Во Македонија помина една генерација од добивањето на кандидатскиот статус. Зошто не би можело уште една?!