Балканските моќници „војуваат“ против Сорос | Македонија | DW | 17.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Балканските моќници „војуваат“ против Сорос

Груевски со „десоросоизацијата“ го следи примерот на Путин во Русија, пишува германската агенција ДПА. Во сите балкански земји „битката“ против Сорос се води со прогласување предавници и јавно жигосување на активистите.

Сѐ поавторитарните влади во балканските земји најголемата опасност за себе ја гледаат во невладините организации кои се борат за демократија и човекови права, поддржани од американскиот милијардер Џорџ Сорос, пишува германската новинска агенција ДПА во анализата на причините за засилените напади во повеќе земји на Источна и Југоисточна Европа врз фондацијата на Сорос.

Во анализата се вели:

„Сеедно дали Унгарија, Србија, Романија, Македонија или Бугарија: моќниците кои владеат со проблематични методи не се плашат од гласачите, а уште помалку од опозицијата. Она што ги плаши се бројните граѓански организации кои честопати се кофинансирани од американскиот милијардер Џорџ Сорос. Со оглед на тоа што тие тековно откриваат афери, голема корупција и демократски дефицити, моќниците во тоа гледаат загрозување на нивните позиции и на нивното лично богатство. Особено се агресивни против невладините организации во кои гледаат голема опасност.

Во Унгарија веќе година и пол се води масовна кампања на владата и медиумите под нејзина контрола за оцрнување и евентуално гаснење на фондациите на Сорос. Премиерот Виктор Орбан ја прогласи 2017 за 'Година на истиснување' на Сорос, а неговиот близок соработник Силард Немет би сакал да ја 'исчисти' организацијата на Сорос.

Груевски по примерот на Путин

Во Македонија, долгогодишниот премиер Никола Груевски пред своите партиски приврзеници изјави дека луѓето на Сорос провоцираат 'вандализам и анархија' и 'варварски' повикуваат на насилни демонстрации против неговата влада. Неговите поддржувачи неодамна го формираа здружението 'СОС- Стоп операција Сорос'. Затворањето на фондациите на Сорос, според примерот на рускиот претседател Владимир Путин, е наречено 'десоросоизација'. Втората изведенка 'соросоиди' (ДПА го користи терминот 'соросисти', н.з.) во Југоисточна Европа, во меѓувреме стана 'убиствен аргумент'. 

äsident Wladimir Putin und mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski Russland Mazedonien Sankt Petersburg

Никола Груевски и Владимир Путин

Според конспиративните теории, што сѐ не прават Сорос и неговите луѓе: им даваат на демонстрантите во Романија, Србија и Македонија 'дневници' за нивното учество. Дури и ако донесете куче за него ќе добиете 30 евра, објави со сета сериозност, романската провладина телевизија 'Романија ТВ'. Многумина меѓу илјадниците демонстранти во Букурешт и во други градови на протестните плакати иронично насликаа кучиња и мачки.

Листи на предавници

Водечките политичари на Балканот користат одамна испробани техники за да ги убедат граѓаните во својата невиност. Од Сорос финансираните граѓански движења се прогласуваат за 'петта колона' на завидливите странски држави. Милијардерот, како што се вели, се обидува да го искористи своето богатство за дестабилизација на овие земји. Се тврди дека 'домашните предавници' го продаваат својот патриотизам, па дури и своите души за 'грст долари'.

Во Бугарија, како и во Србија и сериозни медиуми објавуваат долги листи на организации кои добивале пари од фондацијата на Сорос, основана во 1984 година. Граѓанските активисти често јавно се жигосуваат преку објавување на нивни фотографии и неретко дури и домашни адреси.
'Сорос финансира хаос', постојано повторува булеварскиот весник 'Информер', кој важи како гласноговорник на српската влада.

Притоа, некои денешни водечки политичари во минатото не се срамеа да земаат стипендии од Сорос. Унгарскиот премиер Орбан на тој начин го финансираше својот студиски престој во Оксфорд во 1989-1990 година. На Универзитетот на Централна Европа во Будимпешта се школуваа стотици студенти од Источна и Југоисточна Европа. Од нив многумина денес имаат високи владини или административни функции.“

(ДПА)

DW.COM

Реклама