Балканскиот сон на Оливер Вархељи | Свет | DW | 14.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Балканскиот сон на Оливер Вархељи

Унгарскиот кандидат за комесар за проширување Оливер Вархељи денеска не ја мина првата пречка во Комитетот за надворешна политика на ЕП. Ќе добие шанса на писмено да ги разубеди пратениците.

Кандидатот за комесар на ЕУ за проширување Оливер Вархељи денеска за првпат јавно на сослушување пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент го претстави своето гледање на политиката на проширување на ЕУ во следните пет години.
„Мојата визија е за пет години Западниот Балкан да биде повеќе развиен, да имаме мир меѓу Косово и Србија, Косово да има целосна визна либерализација, преговорите со Северна Македонија и Албанија да бидат при крај, а Србија да се подготвува за членство. Тоа е мојот сон“, рече Вархељи.
За приоритетни за регионот унгарскиот дипломат, кој досега беше амбасадор на својата земја во ЕУ, ги смета владеењето на правото и функционирањето на демократските институции во регионот, но и намалувањето на економскиот јаз меѓу земјите-членки и земјите-кандидати.
Преговори со Скопје и Тирана во најкус рок
Доколку стане комесар, Вархељи вели дека ќе стори се Албанија и Северна Македонија „во најкус рок“ да ги отворат пристапните преговори и успешно да заврши дијалогот меѓу Белград и Приштина. 
Кандидатот за еврокомесар најавува дека веднаш по стапувањето на должност ќе отвори дијалог со скептичните земји-членки на ЕУ околу ефикасноста на процесот на проширување.
„Мојот став е дека не мора да се менува целата рамка на политика на проширување, туку треба да се подобри методологијата, со цел на земјите кои можат и сакаат побрзо да се движат да им се обезбеди побрз пристап до ЕУ, но и обратно“, рече Вархељи.
Тој истовремено предупредува дека нема да има напредок кон членство во ЕУ доколку во регионот нема резултати во зајакнувањето на владеењето на правото. „Во случај на неисполнување на критериумите во пристапниот процес, ЕУ има на располагање инструменти со кои може да ги сопре преговорите, да оневозможи затворање поглавја и да суспендира финансирање. Нема да се двоумам да го искористам тој инструмент доколку поставените услови не се исполнуваат“, вели Вархељи. 
Пион на Орбан?
Критичарите веќе реагираа зошто идната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го дава портфолиото за проширување на кандидат од Унгарија. Нивната констатација е дека со тоа проширувањето се дава „во рацете на Орбан“.
Како за првиот, и отфрлен, кандидат за комесар од Унгарија Ласло Трочани, така и за неговата замена- Вархељи, важи дека се влиски соработници и верни на политиката на Орбан. Дел од пратениците во Европскиот парламент и на денешното сослушување критикуваа дека Вархељи „повеќе ќе се раководи од политиката на Унгарија, одошто од таа на ЕУ“.
„Како комесар ќе работам независно. Нема да бидам дел од ниту една влада, туку на Европската комисија, и ќе ја следам само политиката на ЕУ и ниту една друга“, повторуваше унгарскиот дипломат во текот на сослушувањето.

DW.COM

Реклама