Балканот масовно се вооружува | Свет | DW | 31.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Балканот масовно се вооружува

Во регионот на Југоисточна Европа се купува оружје како никогаш порано, а во истовреме растат тензиите меѓу различните етникуми, пишува германскиот весник Велт. Со тоа, и политичките конфликти стануваат поопасни.

Велт бележи драматичен раст на вооружувањето во цела источна Европа, и предупредува дека трендот може да биде особено опасен во регионот на Балканот. Весникот го наведува последниот подарок од Русија за Србија: 30 модернизирани тенкови од типот Т-72 и 30 оклопни возила; како уште еден во низата примери за овој тренд кој започнува од Полска на север, па сѐ до Албанија.
„Особено новите членки на ЕУ, од Полска преку Унгарија до Бугарија, забрзано го модернизираат својот очајно застарен арсенал од советско време. Сите земји во регионот имаат програми за вооружување кои траат до 2026 или 2030 година. Тие се истовремено и членки на НАТО, а новото оружје го купуваат вешто балансирајќи меѓу САД и ЕУ.

Притоа Полска е најдалеку отидена. Земјата го зголеми буџетот за одбраната за 10 милијарди евра во 2017, и за 12 милијарди во 2018. Сега таа е една од ретките членки на НАТО која го реализира барањето на претседателот на САД Доналд Трамп за трошење на 2 проценти од БДП за одбрана. Голем дел од полските пари ќе бидат потрошени на супер-модерни американски авиони Ф-35.
И Унгарија купува Ф-35, а за следната година веќе најави зголемување на воениот буџет за високи 20 проценти. Со нив ќе се купат и тенкови Леопард, како и воени хеликоптери на Ербас. Романија исто така масивно го зголеми буџетот на одбраната: само во 2017 година тој се удвои од два на четири милијарди долари годишно. Хрватска, пак, брза со набавката на ловци Ф-16, кои треба да ги заменат нејзините застарени Миг-21“, пишува Велт.

2018 Internationale Armeespiele (Reuters/M. Shemetov)

Руски тенк Т-72

Русија им парира на овие трендови со вооружување на Србија, продолжува Велт.

„Додека НАТО на тие простори ги поддржува Албанија, Косово и Хрватска, Русија се концентрира на Србија и Република Српска во БиХ. САД имаат голема воена база во Косово, Бондстил, па Русија сега се обидува да изгради своја база во Република Српска.

Поради тоа што Србите се економски слаби, Русија им го подарува оружјето. Освен тенковите, Србија ќе добие и 6 ловци Миг-29 од Русија, и уште 8 од Белорусија. Кога ќе заврши модернизацијата на флотата, Србија ќе го има најсилното воздухопловство во регионот. Ќе следуваат и противвоздушни системи од типот Бук2 и Бук3.“

„(...) Од земјите во регионот, Србија најмногу инвестира во вооружување. Во 2017 година беа потрошени 721 милиони долари. Албанија е на второ место со 168 милиони долари. Доколку на тоа се додадат и 98 милиони долари планирани за формирање на армијата на Косово, албанскиот фактор високо се позиционира во воените издвојувања на Балканот.“

„Процесот на вооружување е преплетен со постојани конфликти. Албанија и Косово договорија царинска унија, и заеднички растат економски. Во Србија тоа се толкува како обид за формирање на 'Голема Албанија'- термин со кој и албанската влада со задоволство провоцира: од една страна, за да го зголеми притисокот врз ЕУ и со тоа да го забрза процесот на приближување; од друга, затоа што острата реторика секогаш пали пред домашната публика.

Kosovo Sicherheitstruppe (picture-alliance/AP Photo/V. Kryeziu)

Косово инвестира во сопствена армија. фото: Косовскиот претседател Хашим Тачи

Притоа, се уште е во игра идејата на српскиот и косовскиот претседател Александар Вучиќ и Хашим Тачи за размена на територии. Тоа би можело да предизвика домино-ефект: поделба на Босна или дури и поделба на Македонија.
Токму затоа што овие идеи во себе кријат голем конфликтен потенцијал, ЕУ се обидува да ја смири дебатата.“

(...) Сигурно е едно: Колку повеќе се вооружуваат земјите, толку поопасни стануваат политичките конфликти во регионот“, заклучува Велт.

 

DW.COM

Реклама