Балканот- колевка на човештвото? | Панорама | DW | 23.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Балканот- колевка на човештвото?

Досега се сметаше дека патиштата на еволуцијата на човеколиките мајмуни и пралуѓето се раздвоиле во Африка пред шест до седум милиони години. Најновите истражувања ја доведуваат во прашање таа теза.

Можно е развојните патишта на човекот и човеколиките мајмуни да се раздвоиле неколку стотина илјади години порано одошто тврди актуелната теорија. Освен тоа, се чини дека до тој процес не дошло во Африка, како што се веруваше досега, туку на друго место- во Европа, на подрачјето на источното Средоземје. Таа теза ја поставува истражувачкиот тим собран околу Мадлен Беме од Центарот за еволуција на човекот и палеолит Зенкенберг во Тибинген, и професорот Николај Спасов од Бугарската академија на науки. Научниците, повторно, со најмодерни истражувачки методи, анализирале два од порано познати фосили и наведуваат дека тие им припаѓаат на првите пралуѓе.
Денешните шимпанзи се најблиски роднини на Хомо сапиенс. Но, каде живеел последниот заеднички предок и кога и каде дошло до развој на првиот прачовек, тоа прашање не е дефинитивно расчистено. Мнозинството експерти сметаат дека до раздвојување на еволуциските линии дошло пред пет до седум милиони години во Африка. Според теоријата која во 1994 ја формулирал францускиот антрополог Ив Копен, во тој процес клучна улога имала промената на климата во источна Африка. Но, двете студии во чија изработка учествувале научници од Германија, Бугарија, Грција, Канада, Франција и Австралија, сега скицираат едно сосема поинакво сценарио.

Internationaler Momente-des-Lachens-Tag (picture-alliance/dpa)

Шимпанзите се најблиски роднини на човекот

Коренот на забите како доказ

Тимот околу Мадлен Беме анализирал два фосила на хомоноидот Graecopithecus freybergi. Се работи за заб пронајден во Бугарија, како и дел од вилица пронајдена во Грција. Со помош на компјутерска томографија, тие ја визуелизирале внатрешната структура на фосилот и покажале дека корените на пронајдените заби во поголем дел меѓусебно сраснале. „Додека големите човеколики мајмуни по правило имаат два или три корена кои се меѓусебно раздвоени, овие корени се делумно сраснати, што е карактеристично за модерниот човек исто како и за прачовекот, како Ardipitecus или Australopitecus, вели Јохен Фус, еден од научниците од Тибинген кој работел на студијата.
Исти резултати покажала и новата анализа на вилицата на Graecopithecus freybergi. „Тоа покажува дека се работи за досега непознат вид преоден облик меѓу човеколикиот мајмун и прачовекот- што досега беше познато само од Африка“, вели Фус. Притоа, овој вид е повеќе стотици илјади години постар од досега познатите африкански предци на луѓето.

Der älteste Vormensch könnte aus Europa statt Afrika stammen SPERRFIRST 22. MAI 20:00 UHR (picture-alliance/dpa/Universität Tübingen/ W. Gerber)

Овој заб, научниците го откриле во Бугарија

Оган, трева и вода

Преку анализа на седиментите од кои се извадени фосилите, научниците ја одредиле староста на вилицата меѓу 7,24 и 7,175 милиони години. Тоа значи дека фосилите се постари од досега најстарите познати фосили на Sahelantropus од Африка, чија старост се проценува на шест до седум милиони години. Врз основа на тој факт, научниците заклучуваат дека веројатно до одвојување на еволутивните текови на пралуѓето и шимпанзите дошло порано одошто досега се сметало, и тоа не во Африка- туку на подрачјето на Балканот.
Тие притоа и натаму ја прифаќаат тезата дека причината за тоа одвојување била промената на климата. Некои траги од растенија во седиментите на фосилите укажуваат на тоа дека и на подрачјето на Европа во тоа време постоел некој вид пустинска савана, слична на некои актуелни субсахарски предели, на пример во Мали. „Во таа слика се вклопуваат и фосилните наоди на предците на денешните жирафи, газели, антилопи и носорози во близината на наоѓалиштето на Graecopitecus", објаснува Николај Спасов, член на Бугарската академија на науки. Два текста во кои се претставуваат најновите истражувања за потеклото на човекот се објавени во меѓународното научно списание Плос Оне.

Реклама