Бавна вакцинација во БиХ: „Зошто Бајден не испрати ништо?“ | Информации и анализи за Балкан | DW | 05.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Бавна вакцинација во БиХ: „Зошто Бајден не испрати ништо?“

Механизмот Ковакс ги изневери очекувањата на властите во БиХ, но тие не се снајдоа ниту во процесот на директни набавки на вакцини. Аналитичарите предупредуваат на политички опструкции. Прогнозите се многу песимистички.

Во глобалната трка за набавка на вакцини Босна и Херцеговина е „изиграна“, тврдат одделни официјални лица во земјата. Одговорноста ја префрлаат на „бавниот“ Ковакс механизам нагласувајќи дека сите расположиви вакцини ги „повлекле богатите земји“.

Слични образложенија има и Зорана Тегелтија, претседател на Советот на министри на БиХ, институција која многу критичари ја сметаат за директно одговорна што во земјата сѐ уште не е започнат процесот на масовна имунизација.

БиХ преку Ковакс механизмот однапред плати 13 милиони долари за 1.232.000 вакцини, а првото помало количество, по пат на овој механизам, го доби дури во средината на март.Највлијателната бошњачка партија во БиХ, Партија на демократска акција (СДА), смета дека набавката на вакцини, во согласност на препораките на СЗО, е обврска на државата и оти Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) тоа го опструира. Споменати се надлежните институции и одговорните раководители. „Евидентно е дека кадрите на СНСД ја опстурираат набавката на вакцини, најстојувајќи со тоа да го обезмислат државното ниво на власта и да ја засилат улогата на ентитетите“, вели генералниот секретар на СДА, Халид Гењац.

Немоќ на пониските административни единици

Поради изостанок на набавката на вакцини против коронавирусот сараевскиот лекар во пензија Бакир Накаш предаде кривична пријава во Обвинителството на БиХ против државното раководство на БиХ. Накаш за ДВ вели дека државното ниво „немало интерес“ да се вклучи во борба против пандемијата. „Причините се повеќекратни, првенствено политички, за да се покаже дека државата БиХ не е функционална. Најодговорните ја злоупотребија положбата и ја пропуштија можноста пред Ковакс механизмот да осигураат дополнителни количини вакцини по пат на директна набавка. Ковакс механизмот се покажа недостапен за нашите потреби така што сега главно имаме донации, што е само капка во морето“, вели Накаш.

Повеќе:

-Вакцинација: БиХ - друго име за фијаско

-Просјачки контингент на вакцини за БиХ

-Гестот на „псевдосолидарност“ на Вучиќ во Сараево

Кога државата „потфрли“, во набавката на вакцини се вклучија пониските административни единици. Иако ентитетите и кантоните не се субјекти на меѓународно право, поради што не можат директно да стапат во аранжмани со одделни западни производители, тие преку посредници, во Република Српска тоа е КраинаГруп, се вртат кон руски (СпутникV) и кинески (Синофарм) производители.

Опозицијата споменува оти ни РС, која тргна во набавка на руски вакцини, сѐ уште нема доволно дози за масовна имунизација.

Попрофитабилни се „јавните“ набавки

Во анализата на најпосетениот интернет портал во БиХ, Кликс.ба, се вели дека на државно ниво и ФБиХ  го игнорирала фактот дека Русија прва регистрираше вакцина против коронавирусот, односно оти РС водела своја политика додека ФБиХ, според зборовите на премиерот Новалиќ, „не сакала да игра држава“. Магистерот по политички науки од Бања Лука, Тања Топиќ, смета дека властите во БиХ покажале и многу незнаење потпирајќи се на Ковакс системот, но предупредува и на клиентализам.

„Мислам дека лошо ја проценија хаотичната ситуација на пазарот на вакцини, но е видлива и нивната индолентност. Се однесуваа како и пред пандемијата, затворајќи се. Ниту по цена на животите на своите граѓани не сакаа да овозможат државата БиХ поактивно да се вклучи во процесот на набавка на вакцини. Наместо тоа, се осврнаа на јавни набавки на кои лојално можеа да ги фаворизираат блиските домашни фирми и компании“, вели Топиќ за ДВ.

Во групата граѓани кои ја потпишаа кривичната пријава против одговорните за вакцини е и директорот на Иницијативата за подобра и похумана инклузија, Жарко Папиќ. Актуелната ситуација со вакцините ја опишува како „целосен колапс“ на босанските властодржци, но во своите критики не го штеди ниту Западот.

„Западот падна во очите на сите луѓе во светот, не само кај граѓаните на БиХ. Претседателите на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и на Србија, Александар Вучиќ, ни донираа вакцини, а каде е во таа приказна Запад? Зошто Бајден не испрати ништо? Психолошките последици од овие факти не треба да се занемарат. Секако дека и тоа ќе влијае кај определбата на луѓето во БиХ во смисла на некое геостратешко позиционирање. Очигледно е подобро, ако не си определен, тогаш соработувај со сите“, вели Папиќ за ДВ.

Гледај видео 01:57

Србија: Вакцина за доверба

Во исчекување на поголеми количества на веќе платените вакцини по пат на Ковакс механизмот, во БиХ и натаму пристигаат донации, главно од Исток, по српските (5.000 дози) и словенските (4.800 дози) донации, Турција испрати 30.000 дози, додека Кина и Малезија најавија донации од по 50.000 дози.Населението се пријавува за вакцинирање, иако моменталните колични на вакцини не се дововни ни за приоритетните категории.Во екот на последниот бран од пандемијата, објавени се и неславни податоци според кои БиХ е прва во регионот и осма во светот по бројот на починати од коронавирусот. Медиумите пренесуваат и тегобни прогнози од независниот медицински истражувачки центар на Универзитетот Вашингтон дека бројот на вкупно починати во БиХ до јули би можел да биде поголем од 10.000. А препорака на стручњаците е - масовна вакцинација.