Баварија гласа, Берлин се тресе | Свет | DW | 13.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Баварија гласа, Берлин се тресе

Покраинските избори во Баварија би можеле да значат крај на децениското едновластие на ЦСУ во оваа германска покраина. Но, изборите се важни и за политиката на сојузно ниво.

На изборите во Баврија не се работи само за гласање за нов состав на покраинскиот парламент. Баварија би можела да се одлучи за историска промена на курсот на покраинската политика, што ќе има влијание и врз сојузната политика во Берлин.

Баварската ЦСУ е политички куриозитет

Тоа се должи пред сѐ на ЦСУ. Баварските конзервативци за надворешните набљудувачи остануваат политички куриозитет. Тие во Баварија се на власт над шест децении и тоа владеат речиси исклучиво сами. Иако за самата ЦСУ може да се гласа само во Баварија, таа е застапена и во Берлин. На изборите за сојузниот парламент во 2017 година ЦСУ на ниво на државата освои 6,2% гласови и го мина цензусот од 5%. Со тоа влезе самостојно во Бундестагот, а со конзервативната ЦДУ формира заедничка пратеничка група.

Првите регионални избори по изборите за Бундестагот се и рефлексија на тоа колку добро работат партиите во Берлин во моментов. Анкетите на Баварското радио пред неколку недели покажаа дека за баварските избирачи сојузната политика е важна. Тоа се однесува особено на ЦСУ, која како коалиционен партнер во сојузната влада е застапена со тројца министри.

Конкуренцијата не спие

Но, нејзините два конкурента на овие избори не спијат. Од една страна - деснопопулистичката АфД, која на изборите во Баварија и во покраината Хесен, две недели потоа, се надева на успех кој ќе ѝ овозможи влез во двата преостанати покраински парламента каде сѐ уште нема свои пратеници. Од друга страна, тука се Зелените, кои во Баварија настапуваат со јасна цел - да стават крај на апсолутното мнозинство на ЦСУ и да влезат во покраинската влада.

Анкетите покажуваат дека ЦСУ на овие покраински избори е соочена со историски најлош резултат. Ако пред пет години освои речиси половина од гласовите, таа сега, според истражувањата, може да се надева само на една третина.

Кој е виновен за падот на ЦСУ?

Тоа делумно се должи на внатрепартиската борба за превласт помеѓу партискиот лидер Хорст Зехофер и врвниот кандидат на ЦСУ на овие избори, Маркус Зедер. Двајцата во текот на кампањата исфрлија популистички тези, што делумно се објаснуваше со обидот за враќање на избирачите кои во меѓувреме се наклониле кон зајакнатата деснопопулистичка Алтернатива за Германија (АфД). Резултатот од таквата кампања - лоши резултати во анкетите.

„Десно од Унијата не треба да има демократски легитимирана сила“, го цитира Зедер човекот кој најдолго ја има водено ЦСУ - поранешниот баварски премиер Франц Јозеф Штраус. „Штраус ќе се бореше против АфД“, рече Зедер на одбележувањето на 30-годишнината од смртта на Штраус.

Deutschland Bayern CSU Seehofer und Söder (picture-alliance/dpa/P. Kneffel)

Зехофер и Зедер на прес-конференција во Минхен (10.09.2018)

Лидерот на партијата Зехофер, пак, не сака да слушне за некаква закана од страна на десните популисти. „Не, немаме свртување в десно“, одговори тој на прашањето на ДВ. Зехофер не препознава популистички тенденции во кампањата на својата партија: „Ние сме и остануваме народна партија на центарот.“ Меѓутоа, Зехофер не сака да се чувствува одговорен за веројатниот катастрофален изборен резултат. Низ своите изјави алудира дека одговорноста е кај Зедер, како врвен кандидат на ЦСУ на овие избори.

Претекнување

Веќе сега е јасно: од оваа борба за превласт никој нема да излезе како победник. Наместо тоа, од конзервативната камиказе-стратегија профитираат пред сѐ Зелените. Истовремено со падот на ЦСУ, почна да се зголемува рејтингот на Зелените во Баварија, така што не е исклучено тие да станат втора по сила политичка партија во покраинскиот парламент.

„Мислам дека токму луѓето во Баварија не се расположени од страна на владата и од другите постојано да им се кажува како треба и да се шири омраза и хушкање“, вели за ДВ Катарина Шулце, една од двајцата врвни кандидати на Зелените во Баварија.

Ваквиот развој на нештата, меѓутоа, воопшто не е типичен само за Баварија. Слични резултати во анкетите во меѓувреме има на ниво на цела Германија. И, уште една работа од Баварија се констатира и во анкетите на сојузно ниво: токму АфД не профитира од загубата на гласови на конзервативците. Со својот слоган „АфД е божја казна за ЦСУ“, партијата се обиде да ги придобие гласачите на конзервативците кои се незадоволни. Но, оваа стратегија се чини не ги донесе посакуваните резултати.

CSU - Logo (picture-alliance/dpa/S. Hoppe)

Какви ќе бидат последиците од претпоставената изборна катастрофа на ЦСУ за канцеларката Меркел?

Следниот мегдан е во Хесен

Сепак, изборна катастрофа за ЦСУ на покраинските избори во Баварија нема да остане без последици. Веќе сега гласно се шпекулира околу политички крај на актуелниот партиски шеф Зехофер, но и за тоа колку изборниот резултат би можел да ја загрози стабилноста на канцеларката Меркел. За канцеларката изборите можеби ќе значат и прва промена во нејзиниот кабинет, со оглед на тоа што Зехофер е министер за внатрешни работи. За негов можен наследник од редовите на ЦСУ се смета Јоахим Херман, актуелен министер за внатрешни работи на Баварија.

Баварските избори нема да бидат и единствениот предизвик за Берлин. Само две недели подоцна се избира нов покраински парламент во Хесен. Последиците од тие избори би можеле да бидат многу поопасни за Меркел, зашто на тие избори настапува и нејзината ЦДУ. Доколку падне црно-зелената покраинска влада во Хесен, која е под раководна палка на Фолкер Буфие, човек од доверба на Меркел, тогаш на канцеларката ѝ претстојат бурни времиња во Берлин.
 

DW.COM