А да ги заклучиме сите во Парламентот?! | Северна Македонија | DW | 17.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

А да ги заклучиме сите во Парламентот?!

Пратениците, владата, премиерот и претседателот на државата да се затворат, или ние да ги заклучиме во Собранието, и до 12 февруари да го донесат тој чудесен закон за јавно и специјално обвинителство. Пишува Ерол Ризаов

Откако ги слушнав добрите вести, синхронизирани  во исто време од новиот еврокомесар за проширување на ЕУ Оливер Вархељи и од нашиот стар и добар познаник францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и откако видов како тоа за една минута грубо се преправа и фалсификува во лоши вести за Македонија си реков, а да земеме по еден стап и убаво да ги истепаме овие наши, билмези, лажговци и арамии кои освен битките за власт и пари не ги интересира ништо друго? 

Тоа се разбира не е добро ни како помисла, но што може друго да помисли човек кога од Брисел ви доаѓа веста која ја чекаме 15 години, дека се големи изгледите Европа да ги почне преговорите со Македонија и со Албанија и тоа оваа пролет пред самитот во Загреб во мај, а тука на некои хокштаплери и алчни калкуланти не им одговара пролетта да почне  нешто порано од 12 април. Замислете не им одговарало преговорите со ЕУ да почнат пред избори, тоа ќе значело фаворизирање на политичкиот противник. Какавани едни, тоа не значи ништо друго, освен одредување на иднината на Македонија. Ги кочите европските интеграции на земјата и иднината на сите граѓани. Какви политички противници, какви бакрачи. Тоа е државен интерес број еден.

Техничка или хаотична влада

Амбасадорот на Франција Тимоние, единствената земја која стави блокада на почетокот на преговорите и која беше критикувана за тоа од сите членки на ЕУ, освен се разбира кај нас, веќе два месеци го ублажува ставот за да деновиве соопшти дека нема пречки да почнат преговорите со Македонија со услов да се организираат демократски и фер избори и да се донесе законот за јавно обвинителство.  Тимоние дословно вели: методологијата е важна, но за носење одлуки за преговори со ЕУ ни е потребна функционална техничка влада, фер избори, како и некои одлуки да бидат донесени пред 12 февруари, особено законот за јавно и специјално обвинителство.

Nord-Mazedonien neue Regierung (DW/Petr Stojanovski)

Преодната влада на С. Македонија

Се си е на место во веќе ублажените услови на Франција за почеток на преговорите. Сите три работи зависат само од нас. Веродостојноста на изборите секогаш биле главен предуслов и за ЕУ и за секој нормален човек на планетата земја, тоа е најточниот ренген за дострелите на демократијата и државноста. Функционирањето пак на техничката влада, почна лошо, многу лошо.  ВМРО ДПМНЕ од техничка влада направи хаотична влада  преземајќи ингеренции надвор од делокругот на задолженијата што ги имаат избраниците кои треба да подготват фер и демократски избори и да функционират непречено сите институции на системот. Министерствата станаа партиски штабови кои ја враќаат Македонија во „ерата на груевизмот“.

Клуч што дава резултати

Сепак, ако можеме да се провлечеме со техничката влада и со пристојни парламентарни избори како  минатиот пат, тогаш несфатливо е пролонгирањето на законите кои се предуслов за отпочнување на преговорите.  Фактот што во Македонија може да се искомплицира и најбаналната работа само да се расипе историската шанса, ако тоа на некој не му носи партиски поени, е лоша порака. За еден ваков однос ако не за стапови и за ќотек, тогаш, е сигурно за нешто веќе испробано во светот, нешто што дава резултатти во вакви случаи. А, тоа е пратениците, владата, премиерот и претседателот на државата да се затворат, или уште подобро ние да ги заклучиме во зградата на Собранието, да не можат да излезат надвор и до 12 февруари пред распуштање на Парламентот да го донесат тој чудесен закон за јавно и специјално обвинителство, ако веќе не сакаат на цивилизациски начин тоа да го направат како што доликува на одговорни политичари и на парламентарна држава кандидат за влез во ЕУ и веќе членка на НАТО. Во директен ТВ пренос треба да види јавноста кои се кочничари на законот, односно на непреченото и независно работење на Јавното и специјалното обвинителство. Тоа може да биде и решавачка предизборна кампања на кого треба да му се даде довербата во наредните четири години да ја преземе одговорноста за остварување на најважните стретегиски  цели.  

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov (privat)

Ерол Ризаов

ВМРО ДПМНЕ со катастрофално лоша проценка, се дистанцира од договорите со соседите кои доведоа до членство на Македонија во НАТО, до  преговори со ЕУ  кои се на повидок оваа пролет, но и до поповолни економски текови. Наместо да се приклучи и ВМРО ДПМНЕ кон тој успех, како своја програмска определба и сега кога јасно се гледа оставрување на тие државни приоритети, партискиот врв од петни жили се обидува да ги запре и проблематизира тие стратегиски цели.

Мицкоски знае како избегал Груевски

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоскине крие дека учеството во техничката влада и првите чекори на предизвикување хаос се договорени во партијата како предизборна стратегија. Тоа јавно го кажа во последното интервју на ТВ Аласат со оправдување дека се работи за спасување на луѓето кои се жртви на политичка неподобност баш сега три години од почетокот на мандатот на владата на Зоран Заев. Притоа Мицкоски не пропушти да го глорифицира Никола Груевски како премиер со најголеми успеси во економијата, што наликуваше час на негова рехабилитација, час на прогласување на прогонет јунак и невин патриот кој се нашол на удар на нелегитимно избрана власт.

Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski Vorsitzender VMRO DPMNE (DW/P. Stojanovski)

Мицкоски го глорифицира Груевски

Но она што мораше овие два дена да биде работа на јавниот обвинител Љубомир Јовески остана и натаму без никаков коментар. Поминува глуво во јавноста изјавата на Мицкоски дека по победата на избори ќе обелоденат како избегал Груевски од земјата. Обвинителот Јовески уште истата вечер требаше да го повика да даде исказ Мицкски што е тоа што тој го знае, а не го знае целата истарга за бегството на Груевски од издржување на затворска казна донесена со правосилна судска одлука. Премолчувањето на вакви кршења на законот се кривично дело, со индиции за соучесништво. Јас не се сомневам дека Мицкоски знае како избегал Груевски и кој се му помогнал. Тоа беше должен да го каже веднаш, а не да чека избори и да најавува дека јавноста ќе ја дознае вистинатасамо ако ВМРО ДПМНЕ победи на избори. Кога се освести што кажа Мицкоски додаде една полуреченица која остана да виси во воздухот, рече ќе спроведеме истрага за ова.

Стигна од Будимпешта и нов памфлет од прогонетиот невин лидер на ВМРО ДПМНЕ. Никола  Груевски вели за Фијат Цаноски дека одамна требаше да биде осуден за кршењето на законот и дека тоа што му е срушено е строго по закон. Ете ја формулата за владеење на правото. Треба царот да кажува што е правда и право, а не судот. Очигледно, човекот ги подготвил куферите за враќање. Тоа сигурно и ќе се случи. Но вистинското прашање е дали ќе се врати да отслужи во Владата, или во Идризово. Праведно е ова второто. 

DW.COM

Реклама