Ајфон - материјалистички тотем или потреба? | Македонија | DW | 09.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ајфон - материјалистички тотем или потреба?

Како се купува телефон кој чини 600 или 700 евра, кога вашата плата е само 300 евра? Во Македонија, каде илјадници луѓе и покрај тоа што се невработени или имаат ниски плати го поседуваат скапиот и квалитетен Ајфон.

Кога и да поминетепокрај белата минималистичка продавница за Епл (Apple) производи на приземјето во Скопје Сити мол, таму има луѓе заинтересирани за најновата технологија на овој скап бренд. Едни од најпопуларните производи се телефоните Ајфон (Iphone) кои денеска слават десетгодишнина од првото излегување на пазарот. Цените се и повеќе од солени за македонското поднебје –  600, 700, 800 евра за еден телефон, во зависност од карактеристиките и капацитетот на моделот.

„Засега можам само да гледам, но се надевам дека наскоро ќе соберам пари за да го купам телефонот. Најдобри се и најквалитетни“, вели една млада девојка по нејзиното разгледување на производите кои сјаат од излозите. Слично како неа, илјадници млади сакаат да го поседуваат најновиот модел на Ајфон кој секогаш нуди нешто подобро и поиновативно од претходниот. Меѓу нив е и Иво, деветнаесетгодишен студент на Економскиот факултет во Скопје кој не е вработен и нема редовни месечни примања.

Тој веќе шест месеци поседува Ајфон и вели дека иако за многумина овој телефон е статусен симбол, тоа не е случајот со него бидејќи го купил телефонот заради квалитетот.

„Цело време сакав Ајфон и од другарки и другари што имале видов дека е најдобар. Стигнав до прилика да можам да си го дозволам и конечно да го купам. Квалитетен е, подолго трае од другите телефони и нема вируси, тоа најмногу ме привлече. Знам дека многу луѓе купуваат Ајфон заради мангуплук, дури и се откажуваат од многу други работи, само за да го купат Ајфон и да се вклопат во некои друштва каде можеби не ни припаѓаат“, раскажува Иво.

Тој признава дека меѓу младите постои притисок за да се поседува овој бренд, кој често им служи да се пофалат пред другарите, мислејќи дека преку тоа повеќе ќе се вклопат и ќе бидат „кул“ или почитувани. Вели дека познава доста млади кои правеле жртви и игнорирале други потреби, само за да купат ваков телефон.

„И да бев вработен, повторно ќе купев Ајфон , но не од такви причини туку од свое задоволство и своја сатисфакција. Сега имав среќа, имав мал учинок со 30% од цената, добив и попусти од мобилниот оператор и моите ми доплатија за да можам да го земам“, додава Иво. 

Тој е еден од многуте млади во земјата кои немаат редовно вработување и во голема мера се потпираат за финансиска поддршка на своите родители.

IPhone 3GS iPhone

За некои Ајфон е статусен симбол, за други симбол за квалитет

Статусни симболи за младите

Осумнаесетгодишната Ива, која има самохрана мајка, е четврта година во едно скопско средно училиште. Таа вели дека во нејзиното опкружување повеќето тинејџери поседуваат Iphone.

„Ако имаш Ајфон ти си во елитата, те гледаат со други очи и твоите мора да ти купат. И тоа не од сега, туку сите се со Ајфони уште од 14 години. Еднаш правевме тест и телефоните требаше да ги оставиме на катедра, од 25 луѓе имаше само четири телефони што не се ајфони, ама и другите беа скапи. Кога ќе излезе новиот модел, задолжително го имаат и некои деца кај нас во генерација. Мислат дека се моќни, дека се важни, дека не треба никој да ги понижува и дека тогаш се подобри од другите“, вели Ива за Дојче веле и додава дека на неа не и е важен брендот на телефонот за разлика од многумина во нејзиното училиште.

Материјалното преовладува како вредност кај многу млади, кои за жал често не го купуваат овој скап бренд поради квалитетот, туку од други причини.

Аналитичарката Соња Стојадиновиќ од ЛД „Солидарност“ вели дека транзицискиот период во кој земјата премина од социјализам кон суров капитализам, не само што луѓето ги дели на сиромашни и богати, туку ја воведе и културната и менталната матрица на губитници и победници. 

IPhone 5 Andrang Verbraucher Apple Geschäft Apple Store Hamburg

Конзумеристичкиот пристап кон животот ги тера луѓето материјалните работи да ги претвораат во тотеми за обожување

Материјалистички тотеми за обожување

„Тоа се гледа во статусните симболи како понов автомобил, најнов модел на телефон, на прво место Ајфон, брендирана облека, профили на Фејсбук и Инстаграм натрупани со слики од скапи одмори. Наметнувањето на таа ментална матрица носи и исклучување на поединци од друштвото ако не можат да достигнат барем дел од шемата која е наметната. Луѓето за да не се чувствуваат исклучено и обележано како губитници, на сила се обидуваат да држат чекор со тоа погубно однесување, па ако не можат да возат нови автомобили, барем да имаат дел од листата на статусни симболи“, вели Стојадиновиќ.

Според неа, конзумеристичкиот пристап кон животот ги тера луѓето материјалните работи да ги претвораат во тотеми за обожување, додека луѓето околу себе да ги третираат како потрошна роба.

Според Виктор Дано, сопственик на порталот за информатичка технологија „IT.MK“, тоа што Ајфон  телефонот е статусен симбол е само еден дел од приказната.

„Ајфон и „high-end“ андроид телефоните кои чинат како две просечни плати не се само за фалење, туку за многумина се основен уред, дури поважни од лаптопот, со кој остануваат во тек со новите технолошки достигнувања. Денес луѓето повеќе време поминуваат поврзани на интернет преку мобилен отколку пред телевизор, па дури и десктоп компјутер. За таков начин на живот поскап телефон е предност да се има“, вели Дано.

Во Македонија нивото на младинската невработеност е загрижувачко и едно од највисоките во Европа. Дури 53% од младите на возраст од 15 до 24 години се невработени што значи дека секој втор млад човек нема работа. Сепак, значаен број на млади работат сезонски работи во странство или пак работи со скратено работно време во угостителскиот бизнис, најчесто во кафе барови или ресторани.

Високата младинска невработеност најчесто го префрла притисокот за купување скапи брендови кои ги сакаат младите врз родителите. Официјалните статистики велат дека просечната плата во Македонија официјално изнесува 370 евра, иако во реалноста оваа бројка се смета за уште помала.

DW.COM

Реклама