Ахмети сака претседател Албанец, Заев вели да е жив и здрав за да го дочека тоа | Северна Македонија | DW | 12.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ахмети сака претседател Албанец, Заев вели да е жив и здрав за да го дочека тоа

ДУИ лани ја фрли „бомбата“ за Албанец премиер, а во 2019 година не ја поддржа идејата за Албанец претседател, која што сега повторно ја враќа во игра.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети деновиве на предизборните митинзи во скопските општини ја оживеа идејата за претседател Албанец. „Да сум жив и здрав, ќе го чекам моментот кога сите граѓани ќе бидат подготвени за претседател Албанец“, му порача денеска премиерот Зоран Заев во однос идејата, која досега не наиде на широка поддршка во Северна Македонија. 

„Тој момент ќе сакам да го дочекам, да бидам жив и здрав, а и сите ние, што ќе значи афирмација на личност, на граѓанин пред сѐ, без разлика на својата етничка определба да помине кај граѓаните и најмалку 50 отсто од Македонците, 50 отсто од Албанците, 50 отсто од Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите кои што живеат во нашата земја, би го гласале за претседател“, изјави Заев. Премиерот дополни дека претседателот се избира на непосредни избори каде гласаат граѓаните и дека тоа не се договара партиски и политички.

Стара идеја 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на понеделничкиот митинг во Чаир на гласачите им најави претседател Албанец по заминувањето на Стево Пендаровски.

„По министер за одбрана Албанец, по министер за надворешни работи Албанец, по претседател на Собрание Албанец, на следните парламентарни избори последните 100 дена влегуваме со премиер Албанец. Наредно е претседател на држава да биде Албанец“, порача Ахмети. 

Nordmazedonien Ali Ahmeti, Vorsitzender der DUI-Partei

Наредно е претседател на држава да биде Албанец, порача Ахмети. 

Тој пред неколку дена на митингот во Сарај потсети дека лани ја фрли „бомбата“ за албански премиер, кога ДУИ на митингот одржан во Преспа го претстави Насер Зибери како кандидат на оваа политичка партија за предвремените парламентарни избори коишто се одржаа на 15 јули. Зибери воедно беше првиот кандидат Албанец за премиер на Северна Македонија. 

Изборни ветувања 

„Ние се движиме кон визиите, кон иднината што ја подготвивме и се разбира,  пред една година ја фрлив ‘бомбата’ за албанскиот премиер, па потоа втората ‘бомба’ за зелената агенда. Ова е добро изработен и проучен проект, таа е агендата на времето. Оваа земја мора да се изгради и ова е земјата што ќе ја оставиме како наследство на нашите потомци, но напредна и достоинствена и јас сум многу сигурен дека како што ја направивме членка на НАТО, така наскоро ќе се направиме и членка на Европската Унија“, рече Ахмети. 

Идејата за претседател Албанец не е нова и со години наназад се провлекува во изборните ветувања и кампањи. Таа беше актуелизирана и во 2019 година, но тогаш не ја доби поддршката на најголемата албанска партија, која одлучи уште во првиот круг на претседателските избори да го поддржи кандидатот на СДСМ. Помалите албански партии тогаш реагираа и ја критикуваа ДУИ бидејќи не поддржа Албанец за претседател, а една година потоа во 2020 година бараше Албанец за премиер.