Ахмети вчера дaл исказ во Хаг? | Северна Македонија | DW | 02.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ахмети вчера дaл исказ во Хаг?

Според ТВ „Клан Косово“, денеска ќе следи вториот ден од испрашувањето на лидерот на ДУИ во својство на сведок

Иако беше најавено дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на 2-ри и 3-ти септември е повикан да даде исказ пред Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) лоцирано во Хаг, според ТВ „Клан Косово“, тој веќе дал исказ вчера (вторник), а денеска (среда) ќе следи вториот ден од неговото испрашување. Според оваа телевизија, тој е испрашуван исклучиво во својство на сведок.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во август беше повикан да се појави пред ова Обвинителство, откако СОК минатиот месец објави дека на 24 -ти јуни до Специјализираните совети на Косово (ССК) поднело обвинение од десет точки со кое претседателот на Косово, Хашим Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, и неколку други поранешни водачи на ОВК се товарат за воени и други низа злосторства против човештвото. Обвинението го разгледува судија на ССК за претходна постапка, кој треба да одлучи дали ќе го потврди или ќе го отфрли.

Во соопштението што во јуни го објави СОК, беше наведено дека специјализираниот обвинител сметал оти е неопходно да објави соопштение за јавноста, поради континуираните обиди на Тачи и на Веселида ја попречат и да ја поткопаат работата на ССК.

Ова Обвинителство е дел од косовскиот правосуден систем, но со седиште во Хаг, Холандија. Формирано е под притисок на западните сојузници на Косово, поради стравување дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да спроведе истраги за овие чувствителни случаи. Косовските Албанци се противат на оваа институција, бидејќи ја сметаат за навреда на целите на ОВКза ослободување. Преговорите за формирање на таканаречениот Специјален суд траеја од 2011 до 2015 година. Во него се ангажирани меѓународни судии и обвинители, а самиот суд функционира според косовските закони.

Повикан како сведок

Во домашната јавност главното прашање беше - во кое својство е повикан Ахмети таму?

„Претпочитам да не одговарам пред државни микрофони на партиски прашања, но еве кратко: тој е повикан во својство на сведок“, одговори вчера Бујар Османи, на прес-конференцијата што како министер за надворешни работи ја одржа со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

Од Специјалното обвинителство на Косово минатиот месец не коментираа во кое својство е повика Ахмети, со образложение дека и Обвинителството и судот се до конечно одобрување на обвинителниот акт во јавноста не споделуваат детали, ниту се знае кој е обвинет, а кој сведок.

„Ние не кажуваме детали за било што во врска со нашата истрага. Немаме споделено никаква информација за секој што се појавил, во која било фаза, или со кого било разговарано. Едноставно, не споделуваме информации за истрагата. Кога настаните и постапките ќе бидат јавни, тогаш ќе објавиме информации и за тоа. Но, ништо претходно не е за јавност“, изјави за ТВ „Телма“ Кристофер Бенет, портпарол на косовското специјално обвинителство.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, минатиот месец за ТВ „24“ изјави дека меѓународните обвинителства и судови се многу затворени и не наведуваат во кое својство повикуваат поединци или високи функционери. Таа не ја исклучува можноста во поканата што ја добил Ахмети тоа и да било наведено, но според неа, таква пракса не постои. Дури и ако Ахмети бил повикан како сведок, според Цаца Николовска сѐ зависи од изјавата што тој ќе ја даде при сослушувањето, бидејќи врз основа на неа, се оформува процес, предмет или се информира во кое својство лицето понатаму ќе биде повикувано.

Ахмети: Без двоумење ја прифатив поканата

Ахмети е повикан во Хаг седум дена откако обвинителите го завршија четиридневното сослушување на косовскиот претседател, Хашим Тачи. За поканата од ова Обвинителство, Ахмети се осврна на Фејсбук.

„Владеењето на правото и постигнувањето на вистинска неселективна правда, домашна и меѓународна, се моја постојана цел и обврска во текот на целата моја активност. Затоа, би сакал да ве известам дека Специјалното обвинителство на Косово, како еден од основачите на УЧК и член на генералниот штаб, ме покани како сведок и без двоумење ја прифатив поканата и воспоставив конструктивен и кооперативен контакт со службените лица во Хаг“, напиша лидерот на ДУИ на неговиот Фејсбук профил.

Притоа потенцираше дека отсекогаш бил поддржувач на неселективната правда и затоа се ставил на располагање на правосудството.

„Сакам да ја докажам искреноста на ослободителната војна на албанскиот народ против геноцидот на српскиот режим на Милошевиќ“, напиша Ахмети.

Обвинителите побарале тој да им биде на располагање два дена.

Лидерот на ДУИ и во неговото последно интервју за косовската државна телевизија изјави дека сите обвинувања не држат, и дека „војната на ОВК била чиста како солза“.

 

Поврзана содржина