Африм Гаши: „Беса“ од трета - ќе стане прва опција за Албанците! | Северна Македонија | DW | 10.11.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Африм Гаши: „Беса“ од трета - ќе стане прва опција за Албанците!

Ќе ги сметаме за партнери сите кои сакаат да бидеме рамноправни, праведни и заедно да ги елиминираме сите форми на дискриминација, порачува Африм Гаши, еден од основачите на новото движење - „Беса“

На 22 ноември во Скопје и официјално ќе биде промовиран Иницијативниот одбор за формирање на движењето „Беса“, нов субјект на македонската политичка сцена, за кој подготовките се започнати уште пред две години. Од минатиот месец името на движењето сѐ поинтензивно почна да се спомнува во јавноста, што кај граѓаните пробуди голем интерес, но и отпор кај најголемите партии во албанскиот блок. За тоа кои се целите, идеите, визиите и насоките на дејствување на „Беса“, во интервју за Дојче веле зборува Африм Гаши (37), еден од членовите на Иницијативниот одбор и основач на движењето. По образование е правник, магистрант по политички науки на Институтот за социолошки, политички и правни истражувања на УКИМ, уредник во издавачката куќа Логос-А, а до пред неколку дена и главен уредник на политичкото списание „Шења“ (Знак), каде даде оставка токму поради претстојниот ангажман во политиката.

ДВ: Врз каква идеолошка платформа и програма ќе функционира движењето, каде ќе се позиционира и кои ќе бидат неговите главни стратегиски насоки и цели на дејствување?

Гаши: Движењето „Беса“ е политички субјект кој ќе се базира на политички принципи и начела. Нашите основни програмски определби се базираат на рамноправност, правда, слобода и благосостојба. Што се однесува до идеологијата, многу поблиску сме до теоријата која се базира на крајот на идеологиите. Мислиме дека во денешно време и во нашиве околности е едноставно невозможна една „чиста“ идеолошка определба - десно, центар или лево.

Нашата главна стратегиска насока ќе се движи кон остварување на споменатите принципи, врз кои ќе го базираме нашето делување. Тоа значи дека наша цел е да направиме правна држава на рамноправни граѓани кои ќе бидат слободни да веруваат, делуваат и да го искажуваат своето мислење, а сето тоа во услови на благосостојба, висок економски стандард, и пред сѐ, достоинствен живот за сите.

Зошто „Беса“? Каква порака испраќате преку името?

Зборот „беса“ во буквален превод е блиску до зборот верба, но повеќе се поистоветува со „даден збор“, со чесност. „Беса“ е вредност која Албанците ја негуваат со векови. Таа се поистоветува со морал, со жртвување и значи дека дадениот збор се почитува по секоја цена. „Беса“ е синоним на светоста на зборот. Тоа е духовна вредност. Истовремено, „беса“ е вредност која сите други народи ни ја признавале како позитивна вредност. Затоа, преку тоа име сакаме да порачаме дека низ политичко делување ќе ја вратиме таа вредност првенствено во политиката, а преку неа и во општеството. Ќе настојуваме да воведеме морал во политиката, да се држиме до дадениот збор и да шириме позитивна енергија и за нас, но и за другите покрај нас и околу нас.

Најавивте дека иницијативното јадро на движењето го сочинуваат група млади интелектуалци. Кои се тие луѓе што се обединија околу важноста на дадениот збор?

Токму така. Освен моралот, кој сакаме да биде столб на нашето делување, другиот столб ќе ни биде професионализмот. Околу овој субјект досега се собрани доктори на науки, магистри, етаблирани луѓе во своите професии - економисти, доктори, адвокати, политиколози, правници, лингвисти, актери, менаџери... Билал Касами, Зеќирија Ибрахими, Реџеп Мемеди, Скендер Реџепи, Блерим Сејдиу, Висар Етеми..., се само дел од имињата кои ќе бидат во иницијативното јадро на новиот политички субјект. Тие, иако можеби не се познати за медиумската јавност, се повеќе од познати и почитувани во својот крај и во својата професија.

Али Ахмети и Мендух Тачи изјавија дека нема потреба од формирање нов политички субјект во албанскиот блок. Според едниот, новата партија ќе биде штетна за Албанците, според другиот, ДПА е единствената опозициска партија во земјава. По ваквите „препораки“ од партии кои го покриваат целиот простор кај албанските гласачи, како вашиот глас ќе се пробие и стигне до нив?

Неколку години наназад функционира спрегата меѓу двете албанските партии во Македонија. Првиот и вториот се договориле за своите позиции, со цел да не може да опстои која било трета опција и нивниот атак кон таквите обиди секогаш ќе биде оркестриран и аранжиран за да даде политички кич-ефект. За жал, можеме да констатираме дека тоа функционираше досега, затоа што двата субјекта заедно постојано успеваа да ги елиминираат сите трети опции. Но, оваа песна веќе е препеана. Албанците ја научија и јас сум убеден дека оваа спрега веќе нема да функционира. Третата политичка опција доаѓа и набргу ќе биде прва. За разлика од нив, ние ќе настојуваме тие да останат на политичката сцена и да бидат конструктивна опозиција. Што се однесува до политичкиот простор, бројките покажуваат дека околу 50 % од Албанците не излегуваат на избори токму заради недостојната албанска политичка алтернатива. Ние ќе ги таргетираме токму нив, но и голем дел од гласачите на двете партии, кои се длабоко разочарани, а кои во нас гледаат голема надеж.

Како ќе ја разбиете фамата дека нема простор за нова партија, односно по што ќе се разликувате од другите партии во албанскиот блок?

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien

Африм Гаши

Ние ќе бидеме политичка алтернатива која нуди концепт и визија за Албанците, но и за државата воопшто. Не чувствуваме потреба да разбиваме некаква фама затоа што таа не постои. Тоа е само искажан страв и паника од тие кои сакаат тоа да личи на фама. Впрочем, кога не би имало потреба за нов политички субјект, ние од „Бeсa“ не ќе бевме принудени да ги оставиме нашите работи за кои сме инвестирале цел живот и да биеме „битка“ со речиси целата политичка сцена во Македонија. Само затоа што сме цврсто убедени дека можеме да направиме многу добри нешта за сите во државата, токму тоа не мотивираше да се нафатиме за оваа работа, за која, како што стојат работите, сите знаеме дека е крајно неблагодарна. Што се однесува до разликите, Македонија е мала земја и за брзо време секој може да се информира кој што претставува во општеството. Ние сме уверени дека Албанците многу добро знаат кои се тие, а кои сме ние. Тие веќе станаа синоним за уривање на сите сништа кај Албанците, а ние сме тие кои влеваат надеж. Можеби затоа тие стравуваат. Ако треба со еден збор да кажеме што е тоа што не разликува, тоа најдобро се покажува преку нашиот слоган „Me besë“ (Со беса), што подразбира голема разлика ако пред „беса“ стои предлог „без“.

Активностите на ДУИ и ДПА досега се насочени исклучиво кон албанскиот електорат. На кого ќе му се обраќате вие?

И ние првенствено ќе се насочиме кон албанскиот електорат, но не само ним. Разликата е во тоа што ние сметаме дека правилата на политичката игра се поставени така како што се поставени по етничка линија, но во времето кога ќе бидеме власт сакаме ефектите на нашето владеење да ги почувствуваат сите граѓани на Македонија, во позитивна смисла на зборот. Стоиме на ставот дека не може и не треба етничката припадност да биде пречка за остварување на граѓанските права и обратно. Всушност, кога ќе зборуваме за граѓански права, за економски развој, инфраструктура и слични теми, нема да правиме разлика, па да кажеме дека во Чаир би сакале граѓаните да имаат вода за пиење, а во Аеродром не. Нешто што денес се случува. Но, кога ќе зборуваме за употреба на јазикот, за образование, за развој на културата и за други теми кои ги засегаат меѓуетничките односи, ќе се бориме за целосна рамноправност на албанскиот народ со македонскиот.

Гледате ли на политичката сцена партнери со кои може да соработувате, бидејќи сметате дека делите исти или слични вредности?

Секако дека гледаме. Би сакале да соработуваме со сите, но нашата соработка ќе биде заснована само врз определени принципи и начела. Ние не сметаме дека сите партии се априори лоши и дека ништо добро не направиле за државата. Напротив, мислиме дека тоа што е изградено досега од сите, иако со крупни пропусти, треба да се почитува. Но, сепак, тоа е недоволно и мора да создадеме политики кои ќе се развиваат во насока на изградба на еден друг функционален систем кој ќе ја стабилизира и ќе ја развие државата. Сите кои сакаат да бидеме рамноправни, праведни и заедно да ги елиминираме сите форми на дискриминација, сите тие ќе ги сметаме за партнери и соработници без разлика на нивната етничка, политичка или друга припадност.

Деновиве беше најавено дека ќе се формира и нова партија под името Бали комбетар демократ, а како нејзин претставник фигурира извесен Арбер Гаши. Со оглед дека имате исто презиме, сметате ли дека ова е само коинциденција или обид да се создаде конфузија кај граѓаните?

Иако, како што вие асоцирате, постојат индиции за креирање на конфузија кај граѓаните, воопшто не се оптоваруваме со тоа кој што прави и за каква цел. Имаме свој концепт, имаме своја „приказна“ и имаме полни раце работа за да го оствариме тоа што сме го проектирале како наша цел. Ако некој друг има време да се занимава со такви работи, нека занимава. Ние го сметаме тоа за губење време и енергија.

Многу партии имаа краток век. Некои поради недостиг на концепт и визија, други поради недостиг од финансии. Како ќе се финансира вашата партија? Има шпекулации дека партијата на Ердоган ќе финансира партии во Македонија. Други, пак, шпекулираат дека помош ќе стигнува од неговиот противник Фетулах Ѓулен.

Мислам дека недостигот од концепт, визија и волја претставува поголем проблем за опстанокот на еден политички субјект, отколку недостигот од финансии. Меѓутоа, сепак и финансиите се битни за функционирање на една партија. Во оваа насока имаме четири извори на финансирање: прво преку членство, второ - преку нашите досегашни економски капацитети во смисла на бизнисмени блиски до нас, трето - преку внатрешни донатори и четврто - преку албанската дијаспора. Што се однесува до - како што точно се изразивте - шпекулациите дека ќе не финансира еден или друг, тоа е правно и меѓународно неизводливо. Токму заради овие шпекулации, ние во првото наше јавно излагање се идентификувавме преку формулата три „А“, што значи дека сме Автохтони, Автентични и Автономни, а оваа формула освен во политичка смисла на зборот, исто така се однесува и на финансиска, но и на секаква друга.

Како го коментирате соопштението со кое одговорноста за нападот врз зградата на Владата ја презеде воена формација?

Иако и за оваа прашање постојат индиции дека тоа е од домашна кујна и за домашна трпеза, за се што претставува војска, особено кога таа се именува како УЧК, мислам дека за тоа најдобро можат и треба да одговараат тие кои се уште добиваат избори со авторство кон УЧК. Наш став е дека војната, конфликтот и секакви кризи од таков тип не се и во никој случај не треба да претставуваат средство за решавање на проблеми. Ние мора да се научиме да преговараме во услови на мир, без притисок и пукотници, туку со здрав разум да дискутираме како можеме да ја направиме и оваа земја развиена, како да ги елиминираме формите на етничка и друга дискриминација, како да направиме вистинска правна држава, како да ја елиминираме корупцијата, како до евроатлантските интеграции и како до вистинска благосостојба за нашите граѓани.

Поврзана содржина