Атомски сили и нуклеарни нули | Свет | DW | 22.09.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Атомски сили и нуклеарни нули

Повеќе од две третини од сите држави во светот бараат целосна забрана за нуклеарното оружје. Колку атомско оружје има во светот, какви сѐ иницијативи кружат за разоружување и кои нивните изгледи за успех?

На Генералното собрание на ООН многу претставници на држави веќе потпишаа Договор за забрана на нуклеарно оружје. Со тоа, како што рече генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. сакаат да создадат свет без „оружје што би го уништил“. Но, атомските сили не се дел од тој договор.

Кој има атомско оружје и колку?

Во моментов се смета дека постојат девет атомски сили: САД, Русија, Франција, Велика Британија, Кина, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја. Сите заедно, според податоци од Институтот за мировни студии од Стокхолм СИПРИ, имале 15 илјади боеви глави на почетокот на годинава. Тие се многу нерамномерно распределени на деветте држави. САД и Русија имаат 93% од сите боеви глави, а останатите седум проценти се распределени на останатите седум држави.

Кој официјално е атомска сила, а кој не?

Како официјални атомски сили се дефинираат оние држави кои се потписнички на Договорот за замрзнување на користењето атомско оружје од 1968-ма година. Тоа, според редоследот на поседувањето атомска бомба, се: САД (1945), Советскиот сојуз/Русија (1949), Велика Британија (1952), Франција (1960) и Кина (1964). Останатите поседуваат атомско оружје, но никогаш не пристапиле кон договорот. Северна Кореја беше привремено член. Израел никогаш не признал дека поседува атомско оружје, но тоа се смета за сигурен факт. САД се сомневаат дека и Иран работи на свое атомско оружје и покрај официјалното откажување од користење на атомска технологија за воени цели и надзорот од Меѓународната агенција за атомска енергија.

Erste Wasserstoffbombe (picture-alliance/dpa/US Department of Energy)

САД во 1952 година направија прв тест на хидрогенска бомба - притоа целосно беше уништен островот Елугелаб во Пацификот

Како се развивал бројот на боеви глави во светот?

Иако со тек на време сѐ повеќе држави набавувале боеви глави или пак самите ги развивале, во денешно време нивниот број е драстично помал отколку за време на Студената војна. Во 1980-тите нивниот број бил околу 70 илјади. Денес бројот продолжува да се намалува. Причина за тоа е Договорот за разоружување меѓу САД и Русија од 2010-та година. Од друга страна, не е пресуден само нивниот број, затоа што речиси сите атомски сили работат на тоа со модернизација да ја зголемат разорната моќ на бомбите.

Какви иницијативи имало за нуклеарно разоружување?

Најстарата е погоре именуваниот договор. Потписничките кои не поседуваат атомско оружје со него се обврзуваат тоа трајно и да остане така. Официјалните атомски сили во него се стремат кон преговори за атомско разоружување. Но, договорот не го спречи ширењето на атомско оружје.

Покрај тоа, Договорот има слаба точка, затоа што светот трајно го дели на земји кои имаат и земји кои немаат нуклеарно оружје. Критичарите забележуваат и што петте привилегирани држави истовремено се и членки на Советот за безбедност на ОН.

Имало ли успешни Договори за атомско разоружување?

САД и Советскиот сојуз од крајот на Студената војна го намалија бројот на боеви глави и носачи. Во т.н. СТАРТ-преговори двете страни на почетокот на 1990-тите години се договорија да преземат јасни чекори за нуклеарно разоружување. Целта на двете страни им беше толку битна, што тогашните претседатели Барак Обама и Дмитри Медведев по договорите, СТАРТ 1 и 2, во 2010-та го потпишаа договорот Нов СТАРТ.Обама дури и ја соопшти својата визија за свет ослободен од атомско оружје. Натамошната судбина на СТАРТ, со оглед на политиката на воена сила на Доналд Трамп и руската агресија врз Украина, е неизвесен.

Infografik Karte Atomwaffen weltweit

Распределба на нуклеарни боеви глави во светот

Кои земји се простија од атомско оружје?

Јужноафриканската Република кратко пред падот на Апартхејдот се откажа од натамошниот развој на атомско оружје, исто како и Либија под Моамер Гадафи. Посебен случај се три поранешни советски држави: Украина, Казахстан и Белорусија, кои со СТАРТ-договорот со САД се обврзаа да се ослободат од својот арсенал на нуклеарно атомско оружје од времето на Советскиот сојуз. Тоа и се случи. Пред сѐ Украина до тој момент имаше голем арсенал на своја територија.

Од почетокот на конфликтот меѓу Русија и Украина критичарите укажуваат на недостатоците од таквото откажување инагласуваат дека Украина имала атомско оружје ќе можела преку заплашување да ја спречи анексијата на Крим. Според експертот за разоружување Оливер Мајер, од фондацијата Наука и политика, со Северна Кореја случајот е обратен и има опасност „Северна Кореја да предизвика други држави засилено да се концентрираат на атомско заплашување и можеби дури и самите да набават атомско оружје“, рече неодамна Мајер за ДВ.

USA UN Vollversammlung in New York (Getty Images/AFP/D. Emmert)

На Генералното собрание на ООН многу претставници на држави веќе потпишаа Договор за забрана на нуклеарно оружје, но атомските сили не се дел од тој договор

Какви се изгледите да дојде до забрана на атомско оружје?

Во најновата иницијатива не може да се гледа повеќе од симболичен чин против натамошно наоружување. Сите девет атомски сили се дистанцираа од неа. Аргументираат дека сопственото атомско оружје е најдобра одбрана од напад. Покрај тоа, укажуваат на постоечкиот Договор. Но, во него не е содржана забраната за атомско оружје.

И НАТО не стои зад иницијативата. Кампањата, според алијансата, „ги заобиколува фактите за сѐ позаканувачката меѓународна безбедносна состојба“. Жан Ив Ле Дријан, министерот за надворешни работи на Франција, иницијативата ја нарече „желботека", „речиси неодговорна“, и оцени дека може само да го ослабне постоечкиот договор.

Беатрис Фин, која стои на чело на меѓународната кампања за разоружување, ги повикува сите држави да учествуваат. Атомското оружје е „единствено од оружјата за масовно уништување кои и покрај нивната огромна разорна моќ и закана за човештвото и натаму не се забранети“, потенцира таа. Со Трамп, додаде Фин, ваквата закана е само зголемена.

DW.COM

Реклама