Атиџе Муратова затресе четири ресори и една општина | Северна Македонија | DW | 22.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Атиџе Муратова затресе четири ресори и една општина

„Медена земја“ ќе стане филмска лектира за учениците и студентите, но и лекција за животната средина која внимателно треба да биде анализирана од надлежните институции

Пред да стане главна протагонистка во документарниот филм „Медена земја“, Атиџе Муратова никогаш не патувала со авион, никогаш не престојувала во хотел, никогаш не била во кино. Три години потоа, преку неверојатната наративност и кинематографија со која се прикажува една заедница која живее на маргините на општеството, домашната и светска јавност добија можност да се запознаат со фасцинантниот портрет на оваа извонредна жена.

Денес Атиџе не е само лик од документарен филм. Преку пораките испратени од визуелниот еп на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, таа ги затресе состојбите во најмалку четири ресори и една општина. 

Помош за домување

Како што беше соопштено, Владата на вчерашната седница која се одржа во Штип, донела повеќе предлог заклучоци за оддавање достојно признание на авторите на филмот „Медена земја“, кој по серијата највисоки меѓународни признанија, е номиниран и за наградата „Оскар“ во две категории.

Владата го задолжила Министерството за труд и социјална политика да ги преземе сите потребни активности со кои ќе обезбеди материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот. Атиџе живееше во трошна и руинирана куќа во во селото Бекирлија, во Општина Лозово, каде што е снимен филмот. Во тој дом почина и нејзината мајка на 28-ми јануари пред две години, додека се уште траеше снимањето. Атиџе не заборава дека токму членовите на филмската екипа и ги носеле потребните лекови за нејзината мајка, со која таа има впечатливи сцени во филмот. Атиџе никогаш не оформила свое семејство, а покрај работата со пчелите, животот го поминала во грижа за нејзината мајка, на која и ја посветила песната што сама ја создала и испеала „Чекор по чекор“. И покрај животот во осаменост, таа не планира да замине од Македонија. Останува во истата општина, која според последниот попис од 2002 година има едвај 16 жители на километар квадратен. Толку „жители“ Атиџе виде во родното село само во време на снимањето на филмот.

Повеќе:

-„Медена земја“: Две историски номинации за Оскар

-„Медена земја“ ја одушеви американската критика

-„Медена земја“ во битка за европски Оскар - германските критичари одушевени

Деновиве градоначалникот на Лозово и вети на Муратова реновирање на покривот на куќата во селото Дорфулија, каде што таа треба да се пресели, но и вработување, а бидејќи негува огромна љубов кон песната, и да реализира снимање во професионално музичко студио.

Медена земја" - филмска лектира

Од владината седницата во Штип произлегоа и други заклучоци. Владата го задолжи Министерството за култура да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на петчлената екипа која го сними филмот, која треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.
Исто така, Владата препорачала Агенцијата за филм да организира прес-конференција во која ќе биде поканета филмската екипа на „Медена земја“, а ќе се разговара за улогата на владината агенција и фер распределбата на буџетските средства за поддршка на македонски филмови.

„Медена земја" доби финансиска поддршка од домашната Агенција за филм, но најголемиот дел, околу 80%, се финансии од странски фондови.

„Започнат како владино-спонзорирано информативно видео, овој документарец не е ништо помалку од епична алегорија за животната средина во реалноста, и не помалку, жестока комедија за вечниот проблем сo невнимателните соседи“, оцени лани „Њујорк тајмс“.

Овој документарец ќе стане филмска лектира за учениците и студентите, но и лекција за животната средина која внимателно треба да биде анализирана од надлежните институции. Според заклучоците на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање треба да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на филмот „Медена земја“ за сите средни училишта во земјата, на универзитетите и во домовите на култура, со цел да се афирмираат благородните пораки што ги пренесува филмот.


„Канцеларијата на претседателот на Владата презема обврска, во соработка со продуцентите на филмот да организира бесплатно емитување на филмот за граѓаните во кината, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик. Владата ги задолжи Генералниот секретаријат, во соработка со Агенција за филм и Канцеларијата на претседателот на Владата, да ги преземат патните трошоци околу патувањето на петчлената филмска екипа и протагонистката на доделувањето на Оскарите", соопшти Владата.

Жената, која за да добие сигнал за мобилен телефон мора да се качува на врвот од подалечен рид, и без таков сигнал успеа да ги испрати најмоќните пораки до македонската јавност.

 

Реклама