Атина продолжува со (рас)продажба на имотот | Економија | DW | 13.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Атина продолжува со (рас)продажба на имотот

По низа одолговлекувања, се чини приватизирањата во презадолжената Грција земаат посилен замав. Притоа, голема улога играат германски инвеститори.

Дури во средината на април, германскиот концерн Фрапорт, заедно со грчки јуниор-партнер, по долги процедури, ги презеде 14-те регионални аеродроми во Грција, меѓу кои спаѓаат омилените летни дестинации како Крит, Крф или Родос. За концесијата од преку 40 години концернот плати 1,23 милијарди евра и презеде обврска за итно потребните инвестиции од 330 милиони евра. Дилот беше договорен уште во 2014 година со конзервативната влада на премиерот Адонис Самарас, но реализацијата беше пролонгирана од политички причини. Уште во својата владина изјава во јануари 2015 година левичарскиот премиер Алексис Ципрас критикуваше за „распродажба“ на државниот имот. На островите во Јонското Море, во западна Грција, локалниот гувернер дури распиша и правно необврзувачки референдум против претстојното приватизирање, на кој 75 проценти од граѓаните се изјаснија против договорот за концесија со Фрапорт. 

Дали е ова сето лански снег? „Во Грција е потребно време за реакциите да се држат во шах и да се насочат работите во посакуваниот правец“, вели Никос Хрисикопулос, уредник на економскиот портал Capital.gr во разговор со Дојче веле. По свртувањето во лево со новата влада во Атина, бројни приватизирања беа прогласени за црвена линија, но сега се чини дека времето е зрело за влез на инвеститори во Грција, смета економистот. Притоа, доаѓаат до израз германски инвеститори: само неколку дена по преземањето на регионалните аеродроми од страна на Фрапорт, конзорциумот Deutsche Invest Equity Partners со седиште во Минхен го доби договорот за второто по големина грчко транспортно пристаниште во Солун. И уште една понуда кон Германија: државата продава половина од своето, во меѓувреме паднато на 10 проценти, учество во некогашниот телефонски монопол ОТЕ. Дојче телеком, кој во моментов има најголем удел, има право на повластен купувач.

Приватизирањето останува под капата на политиката

На продажба се наоѓа исто така и хроничниот загубар ЕЛБО од Солун, производител на оружје и автобуси. Почетната цена е десет милиони евра. Според медиумите, минхенската група КраусМафаи најавила заинтересираност и наводно се смета за повластен инвеститор. Околу 340 вработени во ЕЛБО стравуваат за своите работни места и реагираат со штрајкови. „Порано се велеше, од причини поврзани со националниот интерес, Министерството за одбрана планира преземање на нашата фирма. Но, владата нѐ предаде“, критикува синдикалецот Теодорос Алионјас за грчки весник. Аналитичарот Хрисикопулос меѓутоа не гледа друга алтернатива освен приватизација на ЕЛБО. Државата веќе не може да ја одржува во живот ЕЛБО, вели тој, па високозадолженото претпријатие или ќе биде продадено или затворено.

Griechenland Premierminister Alexis Tsipras berichtet Parteimitglieder über die EU-Rettungsaktion (picture-alliance/AP Photo/Y. Karahalis)

Ципрас во 2015 година го критикуваше „распродавањето на државата“

Политички бризантна и технички непрегледна е планираната делумна приватизација на енергетскиот гигант ДЕИ. Според договорите со доверителите, Атина треба во најскоро можно време на продажба да понуди 17-процентен пакет акции од некогашниот монополист. Освен тоа, во 2015 година е договорено уделот на ДЕИ на пазарот, во рок од пет години, од 90 да се симне на 50 проценти. Начинот на реализацијата останува непознат. Долго време поранешниот министер за енергетика Панос Скурлетис блокираше секаква одлука во насока на приватизација. Дури откако тој премина во Министерството за внатрешни работи, работата почна да се придвижува. Неодамна Службата за приватизација, ТАИПЕД, првпат најави ангажирање технички консултант за деликатната работа. Оттогаш пак синдикалниот лидер Јоргос Адамидис се заканува со штрајкови и прекини во снабдувањето со електрична струја во Грција. Делумната приватизација тој ја нарече „злосторство“. Вредноста на акциите на ДЕИ е на доното и затоа 17-процентен пакет акции не би донесол повеќе од 100 милиони евра, прдупредува тој. Негов контрапредлог: акциите на државната енергетска компанија ТАИПЕД да ги префрли во новоформираниот посебен државен фонд. 

Кавга околу компетенциите

Со тоа излегува на виделина темелниот проблем на атинската приватизирачка политика: никој уште не знае кој какви надлежности има. Во 2011 година основаната служба за приватизација треба да иницира меѓу другото побрза приватизација на аеродромите и недвижностите. Според францускиот пример, во 2016 година беше формирано и друштвото ЕДИС за јавни претпријатија. Највисок приватизирачки орган треба да биде нова фидуцијарна служба во која доверителите на Грција ќе имаат свој глас и дури и право на вето. Поделбата на улогите меѓу овие служби не е јасна. Меѓутоа, јасно е едно нешто: ТАИПЕД отсега има надлежност за продажба, а новата фидуцијарна служба за договори и концесии.

Имено, грчката влада има определба да не се отуѓува државниот имот, туку да се дава под концесија, истакнува аналитичарот Хрисикопулос. Тоа значи заинтересираните ги добиваат правата за користење преку договор за концесија, но државата ја задржува сопственоста.

 

Реклама