Атина молчи за најавените избори во Северна Македонија | Северна Македонија | DW | 22.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Атина молчи за најавените избори во Северна Македонија

Во Атина засега нема официјална реакција на најавените предвремени парламентарни избори во Северна Македонија. Поранешниот премиер Ципрас го критикува воздржаниот став на Мицотакис во однос на ЕУ-перспективите на соседот

Откако Франција, Холандија и Данска го блокираа почетокот на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија и Албанија, неизвесна е и судбината на шефот на владата во Скопје, Зоран Заев.

Тој го спроведе гласањето за промена на името на земјата, заради ставање конечен крај на долгиот спор со Грција, ставајќи им на граѓаните во изглед европска перспектива и крај на политичката и економската изолација. По неодамнешното „не“ од Брисел, за во април се закажани нови избори.

За луѓето во  грчкиот дел од Македонија  блокадата на ЕУ ништо не менува. На прашањето како ја толкуваат одлуката на ЕУ за непочнување пристапни преговори, многумина само одмавнуваат со рака, а само малкумина се подготвени да кажат свое мислење, претежно помладите, под 40 години.

„Можеби е подобро работите прво малку да се смират, пред да ги примат во ЕУ“, вели 26-годишна студентка. 37-годишен готвач одлуката на Брисел ја смета за погрешна: „Ги покренаа сите процеси за да станат примени во ЕУ, за тоа мора да им се оддаде признание“, вели тој.

Молк кај владата

Атина, пак, молчи. Пред да отпатува на својот прв самит на ЕУ,  актуелниот грчки премиер Киријакос Мицотакис  изјави дека тој е за почеток на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија. На прес-конференција пред грчките новинари по одлуката на Брисел, тој се држеше воздржано и одбегна, како и на најголемиот дел свои настапи, да го изговори името Северна Македонија. Мицотакис зборуваше во прво лице еднина, како да треба да ги потсети Тирана и Скопје на европската надмоќ на Грција во рамките на регионалните конфликти: „Ние (шефовите на држави или влади на ЕУ, н.з), засега не можеме да започнеме преговори за прием на нашите две соседни земји“. Но, Мицотакис истакна дека Грција го поддржува приклучувањето на Западен Балкан кон ЕУ.

Во Атина засега нема официјална реакција на најавените нови парламентарни избори во Северна Македонија. Ставрос Цимас, новинар и експерт за Балкан од реномираниот дневен весник „Катимерини“, тоа не го изненадува. „Владата на Мицотакис не покажува подготвеност активно да се вклучи во развојот. Тој веќе јасно кажа дека нема да преземе ништо против реализацијата на Преспанскиот договор. Но, сигурно не е заинтересиран за повторна дебата за договорот, против кого гласаше и самиот.“

Parlamentswahl in Griechenland 2019 | Alexis Tsipras, Premierminister (Reuters/A. Konstantinidis)

Алексис Ципрас го критикува Мицотакис за воздржаноста кон ЕУ-перспективите на соседите

Критики од екс-премиерот Ципрас

Алексис Ципрас,  лидерот на опозицијата и поранешен премиер, кој во 2018 година од грчка страна ја презеде одговорноста за окончување на спорот околу името, го критикува молкот на Мицотакис. Грција демонстрира целосно отсуство во време кога ЕУ е конфронтирана со последиците на одлуката за недавање зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. „Грчкиот премиер, кој не се осудува ниту да го изговори името на соседната земја, едноставно ја прифати судбината во однос на ЕУ-приемот на нашиот сосед и на Албанија, без дури и да побара реформирање на положбата на нашето тамошно малцинство“.

Партијата Сириза на Ципрас ја обвинува владата на Мицотакис за недоволна поддршка за прием на Северна Македонија и Албанија, истакнува Ставрос Цимас, додавајќи: „Сигурно за сите би било подобро ова поглавје еднаш засекогаш да беше затворено преку прием во ЕУ.“ Сега останува да се исчека натамошниот развој на настаните. Шансата Зоран Заев да ги загуби изборите е голема. Пропаднатото ЕУ-ветување притоа е само една од причините: „Со исклучок на неколку реформски потези и надворешната политика, неговата влада во очите на многу луѓе речиси не се разликува од онаа на неговиот националконзервативен претходник Груевски. Постојано се присутни скандали, корупција и манипулации со судството, овојпат под наметката на социјалдемократијата.“

Сега постои зголемена опасност за одвраќање на луѓето во Северна Македонија и во Албанија од ЕУ и барање други заштитници, вели Цимас, алудирајќи на Москва, која се бори со Западот за предоминација на Западен Балкан. Но, за ЕУ и со тоа и за Грција, загубата на регионот во корист на Русија не би била од интерес.

 

DW.COM

Реклама